Искуството на Наташа од тренинг курсот “Youth work in Green entrepreneurs”

Последни новости Искуството на Наташа од тренинг курсот “Youth work in Green entrepreneurs” Од Наташа Дарков Во периодот од 1-7 мај во Струга, Коалиција на младински организации СЕГА во рамки на Еразмус + програмата го спроведе интернационалниот тренинг курс “Youth work in Green entrepreneurs” кој вклучи младински работници од Македонија, Словачка и Турција. Среќна сум што учествував како претставник на ИМКА со што се стекнав со нови знаења и способности во областа на зеленото претприемништво. Имајќи го предвид малиот број на учесници имавме шанса за поголема дискусија и можност да добиеме подобра менторска поддршка од организаторите. Темата беше детално разработена со основни информации за претприемништво и секако зелени бизнис идеи и развој на истите. Секој учесник требаше да разработи детален бизнис план за својата идеа со посебен акцент на зеленото претприемништво. Тренинг курсот беше базиран на иновативен пристап до зеленото претприемништво како одржлив модел на бизнис со зачувување на околината и подигнување на младинската вработливост. Почнувајќи од основите за претприемништво (дефиниции, вештини и способности) преку основните фактори за успешен бизнис (јасни цели, бизнис идеа, организација, маркетинг, SWOT анализа) за брзо време стигнавме до фазата на планирање на нашиот зелен бизнис притоа земајќи ја предвид и нашата околина (семејство, пријатели, познаници, институции, банки) кој и како би можел да ни помогне. Зелените бизнис идеи беа анализирани и проценувани дали се профитабилни, иновативни, реални и сл. Следуваше фазата на разработка на маркетинг план за нашите идеи по што ги финализиравме со изработка на финансиски план за бизнис идеите. Последниот ден со вака разработени концепти ги презентиравме зелените идеи и решенија на интересен и интерактивен начин по што следуваше и одредување на најдобра бизнис идеа.

Проект за градење капацитети со “Signs of Hope”

Последни новости Проект за градење капацитети со “Signs of Hope” За време на нашето постоење на ИМКА, се соочивме и надминавме многу предизвици, но ништо блиску до последните три години што предизвика сериозна штета на нашата работа воопшто, управувањето со организацијата и програмскиот модел. Но, тука сме, повторно на нозе и подготвени да инвестираме во подобрување на нашата структура и метод на работа. Среќни сме да објавиме дека нововоспоставеното партнерство со Signs of Hope на CVJM се обврзува да работи на подобрување во две области од нашата работа во текот на 2023 година: управување и методологија на младинската работа. Подобрувањето на управувањето во непрофитните организации е од огромно значење. Цврстите практики на управување ја обезбедуваат основата на која стои целата организација. Обезбедува транспарентност, отчетност и етичко однесување, кои се од суштинско значење за стекнување доверба меѓу засегнатите страни, вклучувајќи ги донаторите, волонтерите и заедниците на кои им служиме. Тоа не е сув, монотон концепт, туку енергична сила што ја поттикнува вашата мисија напред, правејќи ја да резонира со вашата страсна заедница и потенцијалните партнери кои веруваат во општествена одговорност и филантропија. Наша цел е да ја подобриме структурата на управување, нашиот устав, нашите политики и да поставиме основа за да се подготвиме за развој на нови партнерства во наредниот период. Врсничката едукација игра клучна улога во зајакнувањето на младите и поттикнувањето на развојот на заедницата, мисија што е темелно усогласена со нашата посветеност во ИМКА и младинската работа. Динамичната размена на идеи помеѓу младите не само што негува чувство на сопственост и одговорност кај младите, туку и ги охрабрува активно да се ангажираат со своите врсници. Од формален аспект, овој метод на образование може да биде моќна алатка за градење на лидерски вештини и всадување чувство на граѓанска одговорност. Кога младите учат од своите врсници, тие можат да се поврзат на подлабоко ниво, бидејќи често споделуваат слични животни искуства, предизвици и аспирации. Затоа ќе го нурнеме длабоко и ќе го истражиме овој модел во наредниот период со цел да ги најдеме најдобрите позитивни практики што можеме да ги користиме. Останете со нас преку нашите канали за комуникација и очекувајте некои возбудливи вести до крајот на оваа година.

Курсеви за дигитално образование на HP LIFE во Битола

Последни новости Курсеви за дигитално образование на HP LIFE во Битола Можности за дигитално образование во Битола Како дел од долгорочна соработка на ИМКА и HP овој април започнавме со одржување на курсеви за дигитална писменост за младите од нашиот град. Курсевите се направени од експерти во своите области од компанијата HP а спроведувани од младински работници на ИМКА. Сметаме дека овие курсеви се корисни за додавање вредност на наставниот план по информатика во училиштата, како и за практична употреба во нашето секојдневие. Курсевите се кратки во траење од 20 до 50 минути во пет теми со по неколку курсеви во секоја од нив. Понудените курсеви се од темите: комуникации, финансии, логистика, маркетинг и стартапи/иновации. Курсевите се со отворени термини каде може СЕКОЈ ДА СЕ ПРИЈАВИ, како и резервирани термини понудени за групи/институции кои работат со млади. Групите се ограничени од по 10 учесници на курс. Курсевите се: потполно бесплатни за секој со функционален емаил, средно познавање на англиски јазик и желба за учење и надградба на своите знаења. Курсевите се одржуваат во просториите на Младинскиот центар – Битола, на улица Крушево 5 во месната заедница Вељко Влаховиќ. Дигитални хабови во Западен Балкан Надоврзувајќи се на тој успех од 2022, оваа година ИМКА Свет и HP ја прошируваат иницијативата за да допрат до што повеќе луѓе и дополнително да го затворат дигиталниот јаз. Во таа насока во 2023 програмата се прошири со дигиталните хабови на Западен Балкан по иницијатива на ИМКА, а овозможена од HP помагајќи им на ИМКА во Косово, Албанија, Србија и Македонија да ги прошират постоечките или да создадат нови хабови за дигитално образование за да им овозможи на младите луѓе, вклучително и оние од маргинализираните заедници, наставниците и младинските работници да стекнат поголеми можности за образование и вработување. Иницијативата во Западен Балкан цели цели кон опфат од 25.000 луѓе годишно премостувајќи го дигиталниот јаз и обезбедувајќи еднаков пристап до дигиталните алатки и ресурси. За таа цел ИМКА ќе работи и соработува со млади луѓе, училишта, центри за вработување, бизниси, младински работници и наставници за да создаде дигитална еднаквост во регионот на Западен Балкан. ИМКА во Косово има за цел да ја подобри својата репутација како дигитален провајдер и да ги ангажира младите луѓе на признати курсеви кои ги зголемуваат нивните биографии. Во Србија фокусот е да се направи дигитален хаб достапен секојдневно и да се постигне дигитална еднаквост. Во Македонија целта е да се иницира долгорочна програма за дигитално образование. Во Албанија планот е да се обезбеди лесен пристап до дигиталниот хаб за основните и средните училишта и другите категории на луѓе. Почеток на успешната соработка на World YMCA со HP Во 2022 светската ИМКА и Фондацијата на HP започнаа партнерство за забрзување на дигиталната еднаквост на младите луѓе и маргинализираните заедници ширум светот. Седум ИМКА асоцијации ги интегрираа курсевите на HP LIFE во нивните програми за подобрување на дигитална писменост и поттикнување на младите луѓе во нивните заедници активно да учествуваат во сè подигитализираниот свет. HP LIFE е програма на компанијата HP која работи на постигнување на целите со опфат од 150 милиони луѓе до 2030 година и проширување на програмата во 50 земји (ИМКА има присуство во 120 земји). Курсевите за обука на HP LIFE за дигитални вештини во 2022 година опфатија повеќе од 1.300 ученици главно на возраст од 15 до 26 години. ИМКА Свет во стратегијата „Визија 2030“ на исто така вклучува дигитална еднаквост бидејќи поттикнува образование, вработување и претприемништво во заедниците ширум светот. Со продолжување на глобалната соработка на HP со ИМКА може да се допре до младите луѓе во заедниците каде што живеат денес давајќи им пристап до практични деловни и ИТ вештини кои може да им помогне да напредуваат.

Мониторинг: Битола – Вело град

Последни новости Мониторинг: Битола – Вело град Во рамките на програмата мобилизатори на заедниците Младинска Асоцијација ИМКА Битола со проектот „Битола – Вело град“ го набљудува исполнувањето на предизборното ветување за реализација на велосипедска инфраструктура во Битола. Мониторингот на изборните ветувања на политичките партии и мобилизирањето на заедницата за барање отчет и исполнување на ветеното е дел од проектот поддршка на изборните реформи. ИМКА е вклучена во овој проект со активности кои подразбираат набљудување на изборното ветување за изградба на велосипедски патеки и инфраструктура во Битола. Во рамките на активностите предвидено е истражување на официјални објави и документи, состаноци со повеќе чинители, анкетно истражување и инфо сесија. Со оваа иницијатива ќе се мониторира изборното ветување за реконструкција и изградба на нови пешачки и велосипедски патеки. Пешачките и велосипедски патеки се од исклучително значење за општина како што е Битола. Постојат голем број на луѓе кои секојдневно сакаат да рекреираат или да пешачат низ градот, но голем дел од нив велосипедите или пешачењето го користат и за да стигнат до одредена дестинација (работа, училиште и сл.). Со овозможување на посебни пешачки и велосипедски зони низ градот, жителите на Битола ќе се здобијат со голем број на здравствени и еколошки придобивки. Добиените резултати од мониторингот ќе се споделат со јавноста преку: постови на социјалните мрежи, соопштение до медиуми, инфо сесија. Овие активности се спроведуваат во соработка со Стратешки менаџмент системи (СМС) и имаат за цел да го зголемат ангажманот на заедницата за прашања релевантни за нив. „Поддршка на изборните реформи“ е Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Листата на сите иновативни иницијативи во рамките на овој проект за 2022 и 2023 година може да ја најдете тука.

Стоп за дискриминацијата на лицата со попреченост

Последни новости Стоп за дискриминацијата на лицата со попреченост Во партнерство со Порака Нова започнавме 7-месечна кампања (од февруари до август 2023 година) против дискриминацијата на лицата со попреченост. Овој проект е фокусиран на подигање на свеста за оваа дискриминација (постоење, препознавање и спречување од дискриминација) во училиштата меѓу учениците и стручните служби на училиштата, како и за промовирање на законските процедури во случај на пријавување на дискриминација до властите. Правните процедури се достапни и промовирани преку Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗПД) Целта на проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” е да ја подигне свеста за постоењето на дискриминација кон лицата со попреченост во сите животни сфери од нашето општество, како и да укаже на специфични групи на луѓе во Битола за постоењето на законски регулативи кои помагаат таа да се санкционира, спречува и намалува во иднина. Тие групи на луѓе се учениците во средно и основно образование, образовните асистенти и стручните служби во училиштата. Овој проект се вклопува во нашите стратешки приоритети да работиме со младите на неформални образовни програми и да се фокусираме на методологијата врсничка едукација (peer-to-peer). Темата е целосно во склад со нашата мисија и вредности што ги промовираме. Во овој проект ќе работиме со млади и со образовни асистенти кои работат со овие ранливи категории млади луѓе. Подигањето на свеста за недискриминација кон лицата со попреченост вклучува: Серија обуки и инфромирање на младите и стручните лица во 6 училишта во Битола. Тоа е процес кој ќе трае неколку месеци и ќе адресира не само ученици, туку и оние кои им помагаат најповеќе на лицата со попреченост, а тоа се образовните асистенти и стручните служби во училиштата. Притоа ќе се одберат група ученици да поминат обуки за врсничка едукација по што ќе ги споделат своите знаења и искуства од обуките со своите соученици. Дополителни работилници и презентации планирани и за образовните асистенти и стручните служби во училиштата. Во овој дел ќе се вклучени и преставници од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација од Скопје кои ќе помогнат во подобро разбирање на законските регулативи на оваа проблематика. Истовремено на социјалните мрежи ќе се води и онлајн кампања за подигање на свесноста за недискриминирање на лицата со попреченост која ќе подразбира споделување на разни видови на информации, текстови и извадоци од законски уредби кои ја допираат оваа тема. Ова е проект поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, финансиран е од Европската Унија, а спроведуван од Порака Нова и ИМКА како партнери. Следете ја нашата Фејсбук страница за новости и активности на проектот!

Учество на националниот форум за филантропија

Последни новости Учество на националниот форум за филантропија На 15.12.2022 година се одржа Форумот за филантропија во организација на Конект и мрежата за финансиска одржливост како дел од Проектот на УСАИД Партнерства за донирање. Ова е годишен собир на националните лидери во филантропијата и вклучи претставници на бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации, меѓу кои и ИМКА, кои споделија искуства и креираа модели за засилена соработка. Истражувањата на Конект покажуваат дека половина од компаниите донираат во текот на годината што е показател дека кај нас има значаен филантропски потенцијал. Во однос на донирање средства од граѓани оваа 2022 година, Македонија се искачила на солидното 25-то место во споредба со 75-тото во 2013 година, според рангирањето на Светскиот индекс на донирање (World Giving Index). Во време кога непредвидливите случувања во светот ни го исполнуваат секојдневието, а иднината е полна со неизвесност, вистински момент е филантропијата да го заземе своето вистинско место како двигател на позитивни промени во заедницата. Форумот ги претстави глобалните трендови и влијанија на филантропијата и го стави тоа гледиште во македонска перспектива. “Како поединци, сопственици на бизниси и менаџерки и менаџери, многумина од нас ги отвораат своите паричници за да ги поддржат пријателите, семејството и лицата кои ни бараат итна помош. Но, кога се обмислени и насочени во корист на пошироката заедница, донациите имаат моќ долгорочно да ги подобрат состојбите и да придонесат за благосостојба во општеството. Создаваме партнерства за донирање за да овозможиме зголемени донации, вистински поттикнувања за донаторите и лесни и забавни начини на донирање коишто ќе им овозможат на сите граѓани и компании да бидат дел од промените кон подобро утре.” Истакна Извршната Директорка на „Конект“, г-а Никица Кусиникова. На форумот се разговараше за надминување на предизвиците за да се обликува поволна околина за зголемено и донирање во функција на забрзан развој. Учесниците покажаа готовност да негуваат партнерствата за донирање, работат на подобра правна рамка, да членуваат во Клубот на одговорни бизниси, се едуцираат за филантропија и општествена одговорност, а интерес побуди најавената онлајн платформата за групно донирање. Овој форум беше организиран од проектот на УСАИД Партнерства за донирање, спроведуван од Конект, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северозападна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Македонија. Фотографии од настанот може да се видат тука и тука.

Учество на саемот за волонтерство

Последни новости Учество на саемот за волонтерство На 7-ми декември од 11:00 часот до 14:00 часот во Фоајето на Центар за Култура – Битола се одржа овогодинешниот Саем за Волонтеризам. На него беа претставени 11 невладини организации од Битола и регионот, како и работата на локалните волонтери клубови, кои ги презентираа своите волонтерски можности и споделуваа нивни успешни приказни и проекти. Меѓу 11-те организации кои зедоа учествона Саемот беше и ИМКА Битола. Ова беше одлична прилика да се поврзат понудувачите на можности за волонтирање и средношколците во градот. Саемот е шести по ред ваков саем, кој е организиран од страна на Американското Катче во Битола и наменет пред се за средношколците, студентите и младите професионалци. Останатите организации кои зедоја учество беа Сефра Интернешнал, МКЦ Битола, Тугедр Македонија, Интеракт, Лео Интернешнал, Сумнал Битола ЦЕДИ, Златно Перо и Центарот за Култура од Битола.

Локални волонтерски награди

Последни новости Локални волонтерски награди Советот за волонтерство на Општина Битола ги додели локалните награди за волонтер/ волонтерска акција за 2022. Оваа награда се доделува по повод 5-ти Декември – Меѓународниот ден на волонтерите и целта на нејзиното доделување е да го поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Како дел од Локалниот Советот за Волонтерство (ЛСВ) на Општина Битола е и ИМКА Битола, која има свој претставник во овој Совет. Добитници на наградата оваа година беа Ферзије Асановска, Валентина Соколовска, Марија Бошковска, наградени како волонтери за 2022 година, потоа „Здружението за заштита од повеќе аспекти – ВИКТОРИ“ од Битола, наградено како организатор за волонтерска работа за 2022 година и Наташа Дарков – волонтерски координатор за 2022 година. Наградите ги додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им се заблагодари на наградените за нивното досегашно дејствување, посакувајќи уште многу успешни волонтерски активности во следниот период, за кои општината, секогаш е подготвена да ја обезбеди неопходната поддршка. Настанот се одржа во просториите на Млади Хаб во Битола.

Локална стратегија за волонтерство 2023-2026

Последни новости Локална стратегија за волонтерство 2023-2026 Неодамна привршија активностите на Локалниот волонтерски совет на Општина Битола (ЛСВ) кои беа насочени кон партиципативно креирање на нова стратегија за волонтерство за Општина Битола за периодот 2023 – 2026 година. Бидејќи ИМКА има свој претсавник во ЛСВ за периодот 2021-2022 година, тој учествуваше во работната група која заедно со претставници од други активни младински или организации за млади од Битола и советници од самата Општина го подготвуваше овој стратешки документ. Се реализираа 3 работни состаноци со претходно утврдена агенда и под водство на надворешен експерт кој имаше задача да ги земе во предвид сите забелешки, предлози, сугестии од страна на членовите на оваа работна група и да ја подготви стратегијата заедно со акцискиот план за периодот 2023 – 2026 година. Овој стратешки документ понатаму ќе биде поднесен до Советот на Општина Битола, кој се очекува да го усвои до март 2023 година. Овие активности беа организирани и спроведени од МКЦ – Битола под името „Време е за волонтирање“, проект кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од Европската Унија. Истовремено, преку овој проект се зајакна и капацитетот на сите членови на ЛСВ Битола преку реализацијата на обуките за креирање на волонтерски политики и имплементирање на креирани планови кои членовите ги добија. Преку оваа активност проектот го зајакна ЛСВ со вештини за креирање на волонтерски политики, за да може успешно да креира нова стратегија за развој на волонтерството во општина Битола и неперечено и во иднина квалитетно да ги имплементира активностите согласно новиот документ.

Зелена агенда преку Зелен Баир и 1000 шуми за 1 желад

Последни новости Зелена агенда преку Зелен Баир и 1000 шуми за 1 желад Неколку години по ред ИМКА ја поддржува иницијативата „Зелен Баир“ која се труди да ја реализира идејата за пошумување на делови од месноста наречена Баир во Битола. Тоа е област која се состои од оголени ридови кои настрадаа од пожарот пред неколку години во овој дел од градот. Ова е четврта по ред ваква акција и овој пат беа засадени 200 зимзелени садници од црн бор. Во минатите три години беа засадени повеќе од 400 зимзелени садници во оваа област, од кои дел успешно се адаптирани и веќе го зазеленуваат просторот. Повеќе здруженија на граѓани и некои компании ја поддржуваат оваа иницијатива која се надеваме дека ќе продолжи да се случува и во иднина. Повеќе инфо и фотографии од активностите може да погледнете тука и тука. Дополнително на ова во втората половина на месец октомври 2022 година тимот на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ, каде што ИМКА е дел ja започна подготовката за реализација на еколошката акција „1000 шуми од 1 желад” која има за цел да ја подигне еколошката свест кај децата и возрасните за значењето на дрвјата во процесот на заштита на животната средина. Aкцијата се состоеше од собирање на здрави дабови желади кои беа поделени на деца од основното образование со цел нивно засадување во домашни услови, одгледување на дрвцата и нивно пресадување на постојана локација. Со оваа акција сакаме да ги заинтересираме за нивно активно вклучување во процесот на садење на нови дрвја, а и да ги мотивираме да продолжат со ваквите здрави навики во иднина. Целта е секое дете да си има свое сопствено дабово дрвце кое ќе го одгледува и покасно ќе го засади на определена локација. Годинава оваа акција како пилот проект се организираше во три основни училишта во Битола (ОУ Св.Климент Охридски, во ОУ Даме Груев и ОУ Гоце Делчев) во рамките на дополнување на наставата по природни науки.