Искуството на Наташа од тренинг курсот “Youth work in Green entrepreneurs”

Од Наташа Дарков

Во периодот од 1-7 мај во Струга, Коалиција на младински организации СЕГА во рамки на Еразмус + програмата го спроведе интернационалниот тренинг курс “Youth work in Green entrepreneurs” кој вклучи младински работници од Македонија, Словачка и Турција.

Среќна сум што учествував како претставник на ИМКА со што се стекнав со нови знаења и способности во областа на зеленото претприемништво. Имајќи го предвид малиот број на учесници имавме шанса за поголема дискусија и можност да добиеме подобра менторска поддршка од организаторите. Темата беше детално разработена со основни информации за претприемништво и секако зелени бизнис идеи и развој на истите. Секој учесник требаше да разработи детален бизнис план за својата идеа со посебен акцент на зеленото претприемништво. Тренинг курсот беше базиран на иновативен пристап до зеленото претприемништво како одржлив модел на бизнис со зачувување на околината и подигнување на младинската вработливост.

Почнувајќи од основите за претприемништво (дефиниции, вештини и способности) преку основните фактори за успешен бизнис (јасни цели, бизнис идеа, организација, маркетинг, SWOT анализа) за брзо време стигнавме до фазата на планирање на нашиот зелен бизнис притоа земајќи ја предвид и нашата околина (семејство, пријатели, познаници, институции, банки) кој и како би можел да ни помогне. Зелените бизнис идеи беа анализирани и проценувани дали се профитабилни, иновативни, реални и сл. Следуваше фазата на разработка на маркетинг план за нашите идеи по што ги финализиравме со изработка на финансиски план за бизнис идеите. Последниот ден со вака разработени концепти ги презентиравме зелените идеи и решенија на интересен и интерактивен начин по што следуваше и одредување на најдобра бизнис идеа.