Подготвени за влијание: Силна основа за Кампот за младински работници

Последни новости Подготвени за влијание: Силна основа за Кампот за младински работници Јовче Крстески Подготвителните активности за Кампот за младински работници беа организирани од координативниот тим на ИМКА во Кампот Михелштат во Германија, во тесна соработка со партнерските организации на ИМКА и младинските работници од сите земји учеснички. Од ИМКА Битола, Јовче Крстески активно учествуваше во процесот на подготовка и го придонесе своето искуство и перспективи. Оваа фаза на подготовка ги собра координаторите на проектот, обучувачите и волонтерите – младински работници на соработка и отворена работна атмосфера. Главната цел беше да се обезбеди содржината, методологијата и целокупната организација на претстојниот проект да е добро усогласена со вредностите на ИМКА и да одговараат на реалноста на младинската работа во различните локални контексти. Заедно, партнерите дефинираа заеднички цели на учење, клучни тематски приоритети и педагошки пристапи што ќе им овозможат на учесниците да истражуваат лидерство и вредности не само преку дискусија, туку и преку практично, искуствено учење. Подготвителните активности вклучуваа структурирани состаноци за планирање, тематски размени, проценки на потребите и споделување примери од најдобри практики од организациите учеснички. Партнерите работеа за да дизајнираат пленарни сесии, работилници и интерактивни програмски модули, користејќи партиципативни и инклузивни методи на учење. Посебно внимание беше посветено на создавање пријатна и поддржувачка средина за учење, прилагодување на активностите на различни стилови на учење и обезбедување пристапност за сите учесници. Благодарение на овој колаборативен и партиципативен процес на подготовка, тимот на проектот постави силна основа за камп кој ќе нуди безбеден простор за средба, размена и взаемно учење. Фазата на подготовка, исто така, ја зајакна соработката меѓу партнерските организации, изгради заедничко разбирање за вредностите на проектот и ги охрабри младинските работници самоуверено да ја преземат својата улога како промотори на различноста, еднаквоста и антидискриминацијата во нивните идни локални активности за младинска работа.
Регионална средба на ИМКА од Западен Балкан во Солун

Последни новости Регионална средба на ИМКА од Западен Балкан во Солун ИМКА Македонија учествуваше на регионална средба на ИМКА организации од Западен Балкан, која се одржа од 26 до 28 март 2026 година во Солун, во организација на ИМКА Солун. Настанот ги обедини претставниците на ИМКА од Габрово (Бугарија), Косово и Србија, со цел размена на добри практики и разгледување можности за унапредување на регионалната соработка. ИМКА Македонија беше претставувана од извршниот директор Виктор Илиев и волонтерката на Мировниот корпус, Елен Кусман. Нивното учество ја потврди посветеноста на организацијата кон континуирано учење и градење партнерства во регионот, со цел проширување на своето влијание врз младите во Македонија. Како една од најстарите и најуспешни ИМКА организации во Европа, основана во 1921 година, ИМКА Солун беше домаќин на оваа сеопфатна средба посветена на учење и соработка. Главната цел беше да се анализираат ефективни оперативни модели и програмски пристапи, како и да се идентификуваат можности за партнерства меѓу ИМКА организациите од Западен Балкан. Програмата започна со воведен состанок со тимот од секторите за кампови и европски проекти на ИМКА Солун, како и со членови на раководството. Учесниците се запознаа со организациската структура, начинот на остварување на мисијата и долгорочното влијание во заедницата. Еден од клучните сегменти беше посветен на деловните модели и економските активности на ИМКА Солун. Се дискутираше за начинот на кој организацијата ја обезбедува својата одржливост преку диверзифицирани извори на приходи – членски програми, кампови и активности во заедницата – при што се задржува силен фокус на младинскиот развој и општествената одговорност. Делегацијата на ИМКА Македонија учествуваше и во организирана посета на спортските капацитети, каде одблиску се запозна со обемот и квалитетот на инфраструктурата. Особено значаен момент беше посетата на Музејот на кошарката, каде учесниците имаа можност да ја истражат историјата на овој спорт и неговата тесна поврзаност со ИМКА движењето. Кураторот на музејот понуди детален увид во поставките и нивното значење. Во рамки на неформална тркалезна маса, младински работници и волонтери вклучени во Лидерската академија, програмата „Лидери во обука“ и камповите, разменија искуства, предизвици и иновативни пристапи во работата со млади и развојот на лидерски вештини. Дополнителните дискусии се фокусираа на модели на членство, креирање и реализација на кампови и детски програми, како и на стратегии за зајакнување на соработката со приватниот сектор и локалните власти. Учесниците разгледаа и различни начини за генерирање приходи што можат да придонесат за поголема организациска одржливост во регионот. Средбата заврши со зајакнато чувство на поврзаност меѓу ИМКА организациите од Западен Балкан и заедничка визија за унапредување на младинскиот развој преку соработка, иновации и одржливи практики.
ИМКА во Битола: Создавање бeзбеден и поддржувачки простор за ментално здравје за млади

Последни новости ИМКА во Битола: Создавање бeзбеден и поддржувачки простор за ментално здравје за млади Од вклучувањето во Mладински Центар во 2023 година, ИМКА планирано развива креативна, пријателска средина за млади каде што на менталното здравје се пристапува со грижа, професионализам и иновативност. Преку воведувањето на концептот Headspace, ИМКА успешно интегрираше практики за ментална благосостојба во сите аспекти од младинските програми, правејќи го просторот на Центарот препознатлив како безбедна и поддржувачка средина за млади луѓе кои бараат водство, личен раст или упатувања до професионална помош. Во текот на 2024-2025 година, организацијата имплементираше серија активности дизајнирани да им помогнат на младите да го разберат и зајакнат своето ментално здравје. Тие вклучуваа информативни сесии за основните состојби на менталното здравје и предупредувачките знаци за различните состојби, како и практични искуства што им овозможија на младите луѓе да истражуваат ослободување од стресот, емоционална регулација и самоизразување. Сесиите за јога прилагодени за женскиот клуб GLOW воведоа вежби за дишење, релаксација и внимателност, додека експерименталните уметнички работилници поттикнуваа креативно изразување низ насочена визуелизација и сликање. Двете активности сега станаа постојани компоненти на годишната наставна програма на ИМКА. ИМКА исто така, го прошири својот физички капацитет за развој на младите преку партнерство со Педагошкиот факултет во Битола, добивајќи пристап до нивниот отворен парк. Заедно со млади волонтери, тимот го трансформираше овој простор претворајќи го во жива „училница без ѕидови“ каде што подоцна се одржуваа повеќедневни кампови. Беа воведени нови интерактивни алатки како што се удирачки инструменти за кругот со тапани и надворешни ‘мрзливи’ воздушни перничиња во зоните за релаксација, додека активностите за искуствено учење базирани на Lego и креативно, рачно изработување на дела се планирани за во иднина, придонесувајќи за посилна групна поврзување, ослободување од стресот и целокупно радосно учество во градење на заедницата за сите учесници. Низ своите програми – едукација меѓу врсници против силеџиство (bullying), клубот GLOW, камповите за момчиња и девојчиња и врсничката школата за развој на кариерата – ИМКА имплементираше над 30 активности во кои беа интегрирани делови за менталното здравје, допирајќи до стотици млади луѓе. Организацијата исто така, создаде сеопфатна брошура во која го опишува Младинскиот Центар каде што оперира ИМКА, како безбеден простор за менталното здравје, каде што се достапни обучен персонал и професионален психолог и каде што младите можат да учат, да се ангажираат или да бидат упатени за поспецијализирана поддршка кога е потребно. Напорите на ИМКА резултираа со неколку клучни достигнувања: • Нова практична наставна програма што оди подалеку од подигање на свеста за да обезбеди вистински искуства поврзани со ментална благосостојба, вкоренети во поврзаноста, креативноста и личната автентичност. • Проширени безбедни физички средини, вклучувајќи и простор за учење на отворено, постигнати преку стратешки партнерства. • Воведени се ревитализирани програми што вклучуваат круг со тапани и разни други видови креативни искуствени активности за учење, поддржувајќи ја одржливоста и зголемувајќи ги можностите за нови активности кои би генерирале приходи во иднина. Во исто време, предизвиците како што се достигнување до поширока публика и натпреварувањето со разните други ad-hoc локални иницијативи, ја истакнаа потребата од долгорочна конзистентност на програмата. Како одговор, ИМКА ја зајакна комуникацијата со своите корисници преку социјалните медиуми, директната комуникација со нив, како и со партнерските мрежи. Со поддршката од посветениот психолог и растечката соработка со локалните организации за ментално здравје, ИМКА изгради стабилна и веродостојна основа за подобрување на благосостојбата на младите. Овие колективни напори директно ја унапредуваат Визијата на ИМКА 2030, особено приоритетната област на благосостојбата на заедницата, промовирајќи безбедни простори каде што младите луѓе можат да го развијат телото, умот и духот. Тие исто така ги поддржуваат принципите на праведен свет, осигурувајќи дека сите млади се третирани со достоинство и имаат пристап до поддршка за ментално здравје без стигма. Гледајќи нанапред, ИМКА во Битолa планира да продолжи со интегрирање на пристапот Headspace во сите програми, да ја продлабочи контекстуализацијата на ресурсите за ментално здравје од ИМКА САД и да се прошири кон недоволно опслужените рурални заедници – особено кон новоотворените општински младински центри кои се без структурирано програмирање и другите училишта во руралните области. ИМКА постојано ги гради своите капацитети за да допре до повеќе млади луѓе, осигурувајќи дека секој млад човек во регионот може да пристапи до поддржувачки, креативен и доверлив простор за лична и емоционална благосостојба.
MACC 2026: Лидерство, визија и глобална перспектива

Последни новости MACC 2026: Лидерство, визија и глобална перспектива Од Роберта Петровска Присуството на Middle America Camping Conference (MACC) во Соединетите Американски Држави за мене беше момент на заокружување на еден личен круг. Во 2018 година првпат дојдов на камп во Крушево како кампeр, потоа се вратив како CIT (Counselor in Training), а подоцна и како советник. Ова искуство го доживеав како следниот чекор во тој процес – можност да ја согледам пошироката слика за тоа како изгледа кампот надвор од границите на мојата земја. Пред официјалниот почеток на конференцијата, нашата интернационална група учествуваше на т.н. „SKIP trip“, при што посетивме неколку YMCA кампови, како и националното седиште на YMCA на САД во Чикаго. Групата беше составена од учесници од Финска, Украина, Барбадос, Аруба, Чиле, Романија, Шпанија, Македонија и други земји. Речиси една недела патувавме од Небраска до Мичиген, посетувајќи кампови и учејќи директно од луѓето кои ги раководат. Првиот камп што го посетивме беше Camp Kitaki во Небраска, потоа YMCA кампот во Де Мојн, а подоцна и Sherman Lake YMCA Camp. Секој камп имаше сопствен идентитет, култура и специфични силни страни, но она што најмногу ми остави впечаток беше нивната намерност. Секоја програма, секој простор и секоја традиција имаа јасна цел. Тоа не беа само кампови што организираат активности, туку структуирани средини создадени за развој на младите, градење лидерски вештини и јакнење на заедницата. Во Чикаго го посетивме националното седиште на YMCA на САД, каде што подетално се запознавме со мисијата, визијата и долгорочната стратегија на организацијата. Гледајќи како националната структура е поврзана со локалните кампови, сфатив колку координација, планирање и стратешко размислување се потребни за одржување на нешто што на површината изгледа едноставно – место каде што младите доаѓаат да растат и да се развиваат. Самата конференција се одржа во YMCA Camp Copneconic во Мичиген и обедини стотици професионалци од областа на кампувањето од САД и од други земји. Кога влегов во тој простор, брзо сфатив дека многумина од присутните имаат години, а некои и децении искуство во работа со кампови, непрофитни организации, прибирање средства и развој на млади. Искрено, понекогаш тоа беше и застрашувачко. Јас немам децениско професионално искуство во оваа сфера; моето искуство е волонтерско. Но, можноста да бидам опкружена со луѓе кои длабоко се грижат за својата работа и искрено се посветени на зајакнување на камп-заедниците, го претвори тој почетен притисок во мотивација. Сесиите беа истовремено практични и стратешки ориентирани. Присуствував на работилници за глобални стратегии за задржување на вработени и волонтери, каде што учествував и како панелист, споделувајќи го нашиот пристап кон овие предизвици во Македонија. Се вклучив во дискусии за капитални кампањи и долгорочно развојно планирање, вклучително и сесии за стратешко мастер-планирање и градење односи со донатори. Имаше значајни разговори за застапување, издржливост во време на промени и поуки од кампови принудени да затворат. Главни обраќања одржаа д-р Ејми Клајнер и д-р Бернис Патерсон, кои ја нагласија важноста на лидерството, прилагодливоста и свесното градење организациска култура во организации што работат со млади. Едно од најдинамичните искуства беше хакатон посветен кон решавање на проблеми, каде што учесниците заеднички работеа на реални предизвици со кои денес се соочуваат камповите. Она што најмногу ме допре не беше само содржината на сесиите, туку луѓето. Запознав лидери кои се несебични, посветени и искрено мотивирани да создаваат простори во кои младите се чувствуваат безбедно, способно и вреднувано. Видов колку сериозно ја сфаќаат одговорноста, не само кон спроведувањето на програмите, туку и за обликување околината што остава трајно влијание врз животите на младите. Ова искуство ми ја прошири перцепцијата за тоа што претставува кампот. Тоа не се само активности и традиции, туку системи, одржливост, развој на лидерски кадар, стратегии за прибирање средства, партнерства во заедницата и долгорочно влијание. Доаѓајќи од Македонија, каде што ресурсите и структурите се поинакви, заминав со конкретни идеи, нови перспективи и зацврстени меѓународни врски. Уште поважно, заминав со поголема јасност за тоа каков професионалец сакам да станам, без оглед на полето во кое ќе продолжам да ја градам својата кариера – како личност која постојано учи, создава и придонесува кон нешто поголемо од себе. Од кампeр во 2018 година до учесник во стратешки планерски сесии во Мичиген, ова патување ме потсети колку далеку всушност може да те однесе кампот.
Младински центар Битола: 2025 низ бројки

Последни новости Младински центар Битола: 2025 низ бројки И минатата 2025 година Младинскиот Центар продолжи да обезбедува сигурен и инклузивен простор преку различни програми, активности и менторство, кои што имаа за цел да го поттикнат личниот развој, да негуваат лидерски вештини и да создадваат чувство на припадност кај младите. Со Младинскиот центар раководат 3 младински организации од Битола: ИМКА, Сфера Интернашнл и МКЦ. После успешно поминатата 2024 година, продолжи работата на младинскиот центар со уште поголем ентузијазам и желба за што поголем број на учесници и активности. Поставените конкретни цели на овој центар се остваруваа низ конкретните програмски активности кои се нудеа, овозможувајќи простор каде младите можат да го поминуваат своето слободно време, да ги развиваат своите компетенции и да им се поттикнува претприемачкиот дух. Се промовираа здрави животни навики, се подигаше еколошката свест и се споделуваа информации за други можности за неформално образованиe, зајакнување на активното граѓанство и промовирање на волонтерството. Во периодот на известување од 01 јануари до 31 декември 2025 година, беа опфатени 2018 корисници преку 200 различни активности, од кои голем број од нив се одржуваа повеќекратно. Активностите беа понудени од страна на младинските работници на МЦБ, но исто така и од различни понудувачи на младинска работа, односно над 13 различни понудувачи за младинска работа ги користеа просторите на Младинскиот Центар Битола за да остваруваат свои активности наменети за млади. Најпосетувани теми беа оние кои беа поврзани со активностите во клубовите на Центарот. Од нив, вреди да се спомене дека креативните работилници се прилично посетувани од страна на младите. После нив се темите поврзани со учење различни вештини кои ќе им помагаат во нивниот кариерен пат. Значително се посетија и темите кои директно се однесуваат на животна средина и на крајот секако, забавните и друштвени активности. Треба да се спомене дека изминатата 2025 година Центарот посвети значително внимание на сопствено рекламирање низ училиштата во градот, сметајќи дека е потребно младите луѓе да бидат информирани за можностите кои ги нудиме низ нашите активности. На крај, би сакале да издвоиме две програмски активности, водени од ИМКА: ГЛОУ клубот за девојки кој втора година по ред нуди активности наменети за учење на лидерство, волонтирање, комуникација и практични вештини и кои опфатија околу 80 учеснички преку тековна целата година, како и Врсничката школа за личен раст и кариерен развој, со 20-ина врснички едукатори, опфати околу 200 други ученици во повеќето средни училишта во Општина Битола запознавајќи ги со овие теми. Имајќи ги предвид изминатите две врснички школи од последните години, имено, против врсничко насилство и претходната за менталното здравје, за следната година се планирани одредени промени во пристапот и изгледот на овие „школи“. Резултатите од работата на МЦБ во периодот од 01 јануари до 31 декември 2025 година се доказ на посветеноста за континуирано работење и организирање активности со цел професионален и личен развој на младите во Битола, како и за поттикнување на нивно учество во донесувањето одлуки значајни за нив во нивната локална заедница. Иако успехот на програмите е видлив најмногу преку интересот за посетеност на активностите на младинскиот центар кој е континуиран, во годишниот период за 2025 година се забележливи помали бројки од вкупните во 2024 година. Тоа се должи на поголемата посветеност на Центарот да се рекламира во средните училишта во годината која што измина – активност која доста конзумира време, енергија и ресурси, а чии што реузлтати не се репортирани како бројки. Се надеваме дека овие напори за Центарот ќе се исплатат во иднина, бидејќи и нивната цел беше зголемување на неговата препознатливост кај младите. Целосниот годишен извештај на младинскиот центар на македонски јазик е достапен на веб-страницата на Младинскиот центар.
GLOW клуб 2025: нова енергија во GLOW клубот

Последни новости GLOW клуб 2025: Нова енергија во GLOW клубот Одличниот камп за девојки GLOW летово беше одлична дополнителна енергија и мотивација за продолжување на клубот GLOW. По успешно реализираната програма клуб на клубот GLOW од минатата година, оваа учебна година повторно започнавме со нови идеи, свежа енергија и посветеност на создавање простор каде младите девојки можат да учат, растат и се инспирираат. По почетокот на школската година на 11 октомври 2025 година се одржа информативна сесија за новата генерација на GLOW клубот на која учесничките се запознаа со програмата и активностите што следат во текот на целата учебна година. Новитет оваа година е што водството на клубот го презедоа две поранешни учеснички – Ема и Мила – кои сега, како клуб лидери, се грижат за комуникација, логистика и поддршка на клубот во координација со тимот на ИМКА. GLOW клуб работилници Серијата на работилници ја започнавме на 1 ноември 2025 година почнувајќи со првата работилница од овогодинешната програма посветена на комуникација и тимска работа. Работилницата ја водеше младинскиот работник Јовче Крстески од ИМКА преку динамични и забавни активности вклучивајќи практична демонстрација за користењето на вербална и невербална комуникација. Сесијата помина во позитивна атмосфера, а девојките изразија големо задоволство и мотивација за следните активности. Моментумот продолжи на 22 ноември со втората работилница на GLOW Club, каде што креативното пишување беше во центарот на вниманието. Професорката Николина Ѓуровска од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битолa ги водеше учесниците во истражувањето на изразувањето преку поезија и кратки раскази. Тоа беше безбеден простор за сите да ја искористат својата единствена креативност користејќи и писмена и визуелна инспирација. Годината ја затворивме гледајќи напред. На нашата последна работилница на 13 декември. Новата волонтерка од Мировниот корпус, Елен Кусман, ја претстави „Визијата за GLOW за 2026 година“. Учесниците открија нови возбудливи можности за претстојното лето, од присуство на кампот GLOW за средношколци до работа како летен персонал во нашиот дневен камп. Визијата исто така вклучува можности за меѓународна обука во Европа и започнување на Школата за млади лидери на ИМКА подоцна во текот на годината. Продолжуваме со нови работилници на интересни теми во текот на следната година. Сите најважни моменти од GLOW Клубот, се подолу во фото галеријата.
Сведоштва на учесници на клубот за дигиталното образование

Последни новости Сведоштва на учесници на клубот за дигиталното образование Стефанија Моето име е Стефанија и сум средношколка во средното училиште САБА во Битола. Имам 16 години и учам на смерот по информатика. Денес го завршив часот “Вовед во дигитални бизнис вештини” од курсот за претприемништво. Курсевите од HP life постепено ги изучувам веќе една година. Иако сум настроена да учам за технологија и нејзините пронајдоци, многу пати се наоѓам себе си каде се најавувам на HP и одам на курсот за претприемништво или маркетинг. Едноставно, ги обожувам тие курсеви оти се брзи, лесни за разбирање и ме учат за нешта што до пред тоа не сум ги слушнала. Михаил Јас се викам Михаил Спасевски и доаѓам од гимназијата Таки Даскало. Одам на курсеви веќе еден месец и да кажам дека сум задоволен од курсевите е потценување. Неодамна го завршив часот „Социјално претприемништво“, кој ме научи како да проценам идеја за социјално претпријатие, како да користам анализа на засегнатите страни и како да го измерам деловното влијание. Најмногу изучувам часови во курсот за Претприемништво. Сметам дека овој курс е најкорисен за секојдневна употреба и во мојата работа. Тие не се премногу долги, обично ми треба до еден час да ги завршам, а споделените информации што ги има во овие курсеви се одлични. Ми се допаѓа идејата за онлајн курсеви; сметам дека полесно се разбираат и учат. Ако сакате можете да се вратите на курсот и повторно да го посетите. Целокупниот квалитет на овие курсеви е неверојатен, и јас не би променил ниту една работа кај нив. Ирем Јас сум Ирем Емектар, студентка на Одделот за комуникации и дизајн на Универзитетот Ондокуз Мајис во Турција. По потекло сум од Анкара, но моментално сум на двомесечно волонтирање во Младинскиот центар во Битола. Покрај моето универзитетско образование, имам голем интерес за развојот на дигиталниот свет. Затоа, имам за цел да ги развијам моите знаења и вештини за дигитален маркетинг преку посетување курсеви на ИМКА поддржани од HP Life. Верувам дека иднината на комуникацијата и дизајнот ќе биде обликувана од дигиталната трансформација. Овие курсеви придонесуваат и за мојот професионален и за мојот личен развој. Им препорачувам на сите млади луѓе да ја искористат оваа бесплатна можност, бидејќи дигиталниот центар на ИМКА нуди инспиративна средина за секој што сака да учи и да се усовршува. Јован Јас сум Јован од Битола, редовен волонтер на ИМКА. Последната година од моето основно образование, активно се посветив на курсевите од HP life кои скоро секоја недела се одржуваа во Младинскиот центар. Од самиот почеток имав чувство дека ќе го надополнат моето досегашно знаење. Откако завршив неколку курсеви се заинтересирав уште повеќе. Имав можност да бидам дел и од првата генерација на учесници на HP Gaming Garage, каде изучив курс за „Дизајнирање на компјутерски игри“. Преку одржувањето на нив ме привлече и комуникацијата и интеракцијата со другите ученици кои редовно идеа. Овој начин на добивање на нови знаења го препорачувам на моите соученици и слободно да ја изучат мојата омилена тема, дигитален маркетинг.
Клуб за дигитално образование 2025: Зајакнување на дигиталните вештини и импакт во заедницата

Последни новости Клуб за дигитално образование 2025: Зајакнување на дигиталните вештини и импакт во заедницата Младинскиот центар во Битола продолжува активно да ја исполнува својата мисија за подготовка на младите за дигиталната иднина, нудејќи им бесплатен пристап до онлајн едукативните платформи на HP. Во текот на целата година ИМКА континуирано ги реализираше HP LIFE курсевите овозможувајќи им на младите да стекнат основни дигитални компетенции и практични знаења во деловно работење, маркетинг, комуникации, претприемништво и сл. Овие редовни активности беа продолжение на основата поставена од 2023 и 2024 година кога неколку стотици учесници ги завршија HP LIFE сесиите и добија сертификати за различни теми, од дигитален маркетинг до претприемништво. Иако вкупниот број на млади луѓе вклучени во програмата оваа година беше малку помал (300+ учесници), нашите напори за опфат и ангажман во заедницата се интензивираа, особено во последниот квартал од годината за што може да прочитате подолу. Подолу погледнете ја фото галеријата од сесиите за дигитално образование на клубот во 2025 година. Проширување на нашиот импакт во заедницата За да го направиме дигиталното учење повидливо и подостапно надвор од Младинскиот центар, започнавме офлајн промотивнаa кампања во средните училишта низ Битолчани. Тимови персонал и волонтери одеа во училници и на училишни настани за да споделат приказни и да ги охрабрат соучениците да се приклучат на курсевите за дигитално образование. Исто така, учествувавме на неколку големи локални настани – вклучувајќи го Саемот за волонтерство и Универзитетскиот хакатон – каде што се сретнавме со студенти лице в лице и им понудивме регистрација на лице место. Оваа локална работа ни помогна да се поврземе со млади луѓе кои можеби не ја виделе програмата онлајн и го продлабочи присуството на ИМКА како доверлив партнер во учењето и развојот на младите низ целиот град. Подолу погледнете ја фото галеријата од сите кампањи со HP Life курсеви низ целиот град.
Автентични приказни, вистински раст: гласовите на учесниците од Врсничката школа

Последни новости Автентични приказни, вистински раст: гласовите на учесниците од Врсничката школа Мила Николовски, Економско училиште Јане Сандански Кога првпат слушнав за оваа активност, веднаш почувствував голема љубопитност и возбуда. Имав позитивни очекувања – дека ќе научам нешто ново, ќе запознаам интересни луѓе и ќе стекнам корисни знаења и искуства. Најмногу ми се допадна тимската работа и практичните задачи, кои беа динамични и забавни. Преку нив научив нови вештини за комуникација, соработка и критичко размислување, а истовремено добив поголема самодоверба во изразувањето на моите идеи. Ова искуство ми помогна да се развивам како личност, да ги подобрам моите социјални и организациски способности и да добијам појасна претстава за моите идни цели. Стекнатите знаења можам да ги применам во секојдневната комуникација, во училиштето, како и при работа во тим и носење одлуки во различни ситуации. А најмногу корист од вакви активности би имале младите кои сакаат да се надградуваат и да стекнат нови искуства. Секако би ги препорачала ваквите програми на сите, бидејќи придонесуваат за личен развој и практично знаење. Сара Груевска, Економско училиште Јане Сандански Во школата дојдов со очекувања дека ќе си поминам убаво и дека ќе научам многу нови и корисни работи, а тие очекувања целосно се остварија. Работилниците беа особено интересни и интерактивни, а преку нив стекнав нови знаења и сознанија што претходно не ги поседував. Ова искуство ме научи на вистинските вредности и значително придонесе за мојот личен раст и самоусовршување. Сметам дека работите што ги учевме се целосно применливи во секојдневниот живот и ни помагаат подобро да се справуваме со различни ситуации. Најголема корист имаме ние, учесниците, бидејќи преку активностите учиме практични вештини кои ни се неопходни во секојдневието. Нектарија Илиевска, Гимназија САБА Искрено, школата ги исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најмногу ми се допаднаа активностите и игрите, бидејќи преку нив учењето беше интересно, активно и забавно. За време на школата научив многу нови работи и стекнав нови знаења и вештини што ќе ми бидат корисни понатаму. Сметам дека тоа што го учевме е практично и применливо во реалниот живот, а мислам дека ваков тип школа е најкорисен токму за средношколци. Стефанија Димитријовска, Гимназија САБА Пред почетокот на школата имав очекувања да дознаам повеќе информации поврзани со светот на кариерниот развој. Најинтересен дел од програмата за мене беа игрите во кои активно учествувавме и постојано бевме во движење. Преку нив научив нови игри и начини на соработка со другите. Сметам дека школата делумно, но значајно, ми придонесе во оваа област и ми даде појасна слика за темата. Работите што ги учевме се применливи во секојдневниот живот и можат да бидат од голема корист за ученици од седмо, осмо и деветто одделение, како и за ученици од прва, втора и трета година средно образование.
Трета врсничка школа на ИМКА: личен раст, комуникација и кариерно насочување

Последни новости Трета врсничка школа на ИМКА: личен раст, комуникација и кариерно насочување Во текот на изминатите три години, врсничката школа на ИМКА постепено се развиваше како простор каде младите учат да зборуваат на темите кои најчесто не го добиваат заслуженото внимание во рамките на формалното образование. По една учебна година посветена на менталното здравје и една насочена кон врсничкото насилство, овогодинешната школа ги обедини искуствата од двете претходни и ги насочи кон прашањата што младите сè почесто ги отвораат – кои сме, што нè движи и како да направиме информирани избори за иднината. Затоа, фокусот беше ставен на личниот развој, вредностите и кариерното насочување. Активностите, водени од Јовче Крстески, младински работник и психолог, се одржуваа во периодот на првото полугодие на учебната година во просториите на МЦБ и вклучија учесници од седум средни училишта во Битола. Врсничката школа се одвиваше преку серија работилници, организирани во одделни модули за личен раст и кариерен развој кои се надоврзуваат еден на друг. Процесот започна со истражување на личните вредности, потреби и интереси, како основа за градење на сликата за себе. Учесниците размислуваа за тоа што им е важно, што ги мотивира и кои фактори влијаат врз нивните избори, како и за нивното влијание врз секојдневното однесување и носењето одлуки. Подоцна, вниманието беше насочено кон разликите меѓу знаењето и вештините и нивното значење за личниот и професионалниот развој, при што младите ги согледуваа сопствените потенцијали и учеа дека личниот раст не се темели исклучиво на тоа што го знаеме, туку и на начинот на кој стекнатото знаење го применуваме во различни животни ситуации. Комуникацијата и меѓучовечките односи беа обработени како клучен дел од личниот развој. Во рамки на овие модули, учесниците ги истражуваа стиловите на комуникација или темпераментите, и нивното влијание врз односите со другите. Работата продолжи со теми поврзани со конфликтите, при што се анализираа различните стратегии за нивно решавање и врската меѓу личните карактеристики и реакциите во конфликтни ситуации. Во подоцнежната фаза од врсничката школа, фокусот беше насочен кон идентитетот, личната визија и долгорочните цели. Преку креативни и рефлексивни активности, учесниците размислуваа за тоа што ги дефинира, кои вредности ги водат и како овие аспекти се поврзуваат со нивните идни образовни и кариерни избори. Завршните модули беа насочени кон преземање иницијатива и подготовка за врсничка едукација. Учесниците работеа на планирање и структурирање на презентациите, прилагодување на содржините за различни групи слушатели и развивање на сигурност при јавно настапување. Овој дел претставуваше премин од лична работа кон активно споделување на стекнатите знаења во училишната средина. Процесот беше заокружен со доделување сертификати на учесниците кои зедоа активно учество изминатите месеци и ги реализираа предвидените врснички активности. Со оваа трета врсничка школа ИМКА продолжува да гради континуитет во врсничката едукација и да создава простор во кој младите можат да се развиваат, да се изразат и да добијат насоки и поддршка во градењето на својата иднина. Проектот беше поддржан од CVJM #SignsOfHope и Општина Битола! Фотографиите од врсничката школа и врсничките едукации можете да ги погледнете во албумот подолу.