Локални волонтерски награди

Советот за волонтерство на Општина Битола ги додели локалните награди за волонтер/ волонтерска акција за 2022. Оваа награда се доделува по повод 5-ти Декември – Меѓународниот ден на волонтерите и целта на нејзиното доделување е да го поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Како дел од Локалниот Советот за Волонтерство (ЛСВ) на Општина Битола е и ИМКА Битола, која има свој претставник во овој Совет. Добитници на наградата оваа година беа Ферзије Асановска, Валентина Соколовска, Марија Бошковска, наградени како волонтери за 2022 година, потоа „Здружението за заштита од повеќе аспекти – ВИКТОРИ“ од Битола, наградено како организатор за волонтерска работа за 2022 година и Наташа Дарков – волонтерски координатор за 2022 година. Наградите ги додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им се заблагодари на наградените за нивното досегашно дејствување, посакувајќи уште многу успешни волонтерски активности во следниот период, за кои општината, секогаш е подготвена да ја обезбеди неопходната поддршка. Настанот се одржа во просториите на Млади Хаб во Битола. Повеќе фотографии од настанот може да погледнете на следниот линк.

Локална стратегија за волонтерство 2023-2026

Неодамна привршија активностите на Локалниот волонтерски совет на Општина Битола (ЛСВ) кои беа насочени кон партиципативно креирање на нова стратегија за волонтерство за Општина Битола за периодот 2023 – 2026 година. Бидејќи ИМКА има свој претсавник во ЛСВ за периодот 2021-2022 година, тој учествуваше во работната група која заедно со претставници од други активни младински или организации за млади од Битола и советници од самата Општина го подготвуваше овој стратешки документ. Се реализираа 3 работни состаноци со претходно утврдена агенда и под водство на надворешен експерт кој имаше задача да ги земе во предвид сите забелешки, предлози, сугестии од страна на членовите на оваа работна група и да ја подготви стратегијата заедно со акцискиот план за периодот 2023 – 2026 година. Овој стратешки документ понатаму ќе биде поднесен до Советот на Општина Битола, кој се очекува да го усвои до март 2023 година. Овие активности беа организирани и спроведени од МКЦ – Битола под името „Време е за волонтирање“, проект кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од Европската Унија. Истовремено, преку овој проект се зајакна и капацитетот на сите членови на ЛСВ Битола преку реализацијата на обуките за креирање на волонтерски политики и имплементирање на креирани планови кои членовите ги добија. Преку оваа активност проектот го зајакна ЛСВ со вештини за креирање на волонтерски политики, за да може успешно да креира нова стратегија за развој на волонтерството во општина Битола и неперечено и во иднина квалитетно да ги имплементира активностите согласно новиот документ. Повеќе слики од овие настани може да проследите тука и тука

Зелена агенда преку Зелен Баир и 1000 шуми за 1 желад

Неколку години по ред ИМКА ја поддржува иницијативата „Зелен Баир“ која се труди да ја реализира идејата за пошумување на делови од месноста наречена Баир во Битола. Тоа е област која се состои од оголени ридови кои настрадаа од пожарот пред неколку години во овој дел од градот. Ова е четврта по ред ваква акција и овој пат беа засадени 200 зимзелени садници од црн бор. Во минатите три години беа засадени повеќе од 400 зимзелени садници во оваа област, од кои дел успешно се адаптирани и веќе го зазеленуваат просторот. Повеќе здруженија на граѓани и некои компании ја поддржуваат оваа иницијатива која се надеваме дека ќе продолжи да се случува и во иднина. Повеќе инфо и фотографии од активностите може да погледнете тука и тука. Дополнително на ова во втората половина на месец октомври 2022 година тимот на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ, каде што  ИМКА е дел ja започна подготовката за реализација на еколошката акција „1000 шуми од 1 желад” која има за цел да ја подигне еколошката свест кај децата и возрасните за значењето на дрвјата во процесот на заштита на животната средина. Aкцијата се состоеше од собирање на здрави дабови желади кои беа поделени на деца од основното образование со цел нивно засадување во домашни услови, одгледување на дрвцата и нивно пресадување на постојана локација. Со оваа акција сакаме да ги заинтересираме за нивно активно вклучување во процесот на садење на нови дрвја, а и да ги мотивираме да продолжат со ваквите здрави навики во иднина. Целта е секое дете да си има свое сопствено дабово дрвце кое ќе го одгледува и покасно ќе го засади на определена локација. Годинава оваа акција како пилот проект се организираше во три основни училишта во Битола (ОУ Св.Климент Охридски, во  ОУ Даме Груев и ОУ Гоце Делчев) во рамките на дополнување на наставата по природни науки. Повеќе слики и видео од акцијата може да погледнете на следниот линк и видео.

Еразмус+ младинска размена „Може и наТочак“: Нашите нови перспективи

Од Станислав Крастев Навистина ми се допадна проектот! Искуството што го имав и работите што ги научив овде во Битола беа најповеќе за програмата Еразмус и за младинските размени. Навистина научив многу. Но, ова се однесува и за темата велосипедизам. Научив како се нарекуваат различни делови од велосипедот на различни јазици, научив како да сликам мурали и исто така да поправам велосипеди. Последен пат кога возев велосипед пред овој проект, беше пред околу 2 години. И сега, размислувам да купам нов велосипед и да го користам за градски превоз. Сигурно ќе им ја препорачам програмата Еразмус на моите пријатели и соученици! Од Малена Велинова Искуството што го имав со овој проект беше исто така неверојатно. Запознав неверојатни и полни со живот луѓе и научив многу од нив за велосипедите и за младинската размена воопшто. Научив многу за ова и од организаторите на оваа размена. Пред да дојдам овде, не знаев многу за велосипедите и нивната важност, но сега е поинаку. Знам многу повеќе, за типовите на велосипеди, за што се користат, како се корисни за околината и многу други работи. Подготвен сум сега да го „изградам“ мојот живот и да преземам поодговорна улога кон мојот град во кој живеам!

Еразмус+ младинска размена „Може и наТочак“: Битола наспрема Данска

Од Ана-Катарина Лиерс Јас се викам Ана-Катарина Лиерс и доаѓам од „Данскиот младински тим“ од Данска. Овој настан наречен „Bike up“ се одржа во Битола, Северна Македонија и се однесуваше на урбаниот транспорт во Европа, или барем тоа е она што мене ме интересираше. За време на активностите во оваа младинска размена станав свесна дека во Данска имаме многу повеќе велосипеди и затоа и многу паркинг места за нив. Овај коментар се однесува на недостапните паркинг места овде во Битола. Овде има неколку места, но не се доволно, и затоа често треба да го паркирате велосипедот на страна, на улица. Друга работа е што исто така има само една „вистинска“ велосипедска лента во градот Битола и доколку не ја користите, треба да возите заедно со пешаците или автомобилите на патот, што го отежнува возењето и побавно стигате до вашата цел. Во Битола има многу високи рабници, што го отежнува преминувањето на патиштата, бидејќи треба многу да се симнувате од велосипедот за да преминете. Со инфраструктурата која е во Данска, лесно пристигате онаму каде што сте тргнале, а возењето велосипед е поприоритетно отколку луѓето со автомобили. Поминав одлично за време на оваа размена, научив многу нови работи за другите земји, а стекнав и нови пријатели. Од тешкотиите што ги имаа другите земји, научив многу работи поврзани со велосипедите. Мојот општ впечаток е дека треба да ја цениме инфраструктурата таму каде што ја имаме, која помага полесно да возиме велосипед и дека секогаш треба да помагаме и поддржуваме иницијативи кои ја подигнуваат свеста за овие работи во заедниците каде што велосипедизмот не е добро развиен. Од Петар Казаков Проектот беше интересен и корисен. Веќе сум во контакт со многу луѓе кои сакаат да возат велосипед, но во урбаната инфраструктура не можат, бидејќи самата инфраструктура на градот не го дозволува тоа. Ова беше најголемата свесност што ја добив за мене, а другото е што станав посвесен за фактот дека треба да знаеме да поправаме велосипеди на основно ниво. Ова недостасува, но е многу корисно. Генерално, проектот беше добар и јас сум задоволен како испаднаа сите работи.

Еразмус+ Младинска размена „Bike & Upcycle“

Од 2-10 октомври 2022 година во Битола, С. Македонија беше одржана оваа младинска размена со учесници од  Хрватска,  Данска,  Бугарија и  С. Македонија. Учесниците на оваа размена се сретнаа со темите транспорт, животна средина, климатски промени и одржливост. Тие беа во можност да добијат длабоки увиди во состојбите на другите земји учеснички во оваа размена, со што им се овозможи прилика за споредба со ситуацијата во нивните матични земја. Размислувањето за сличностите и разликите со она што го слушаа од другите им помогна подобро да го разберат контекстот во кој што самите живеат. Работните методи се засноваа на принципи на неформално образование. Имаше различни работилници во затворен и отворен простор кои како игри за вовед, потоа игри за градење тим, предавања, имаше бура на идеи за различни прашања, студиски посети, филмски вечери и индивидуални и групни рефлексии. Методологијата за учење преку правење беше имплементирана на отворено – возење велосипеди во градот, поправка на велосипеди, дискусии и сликање мурали. Учесниците ротираа во различни групни активности како дигитален активизам, поправка на велосипеди и уметничко изразување. Поврзани објави на нашата веб страна видете овде од MK, овде од DK и овде од BG. Овој проект е одобрен од нашата Национална Агенција.

Стратегија на иницијативата на Западен Балкан на ИМКА

Иницијативите кои обединуваат и кои повикуваат на заедничко барање на решенија во интерес да се понудат поквалитетни и поодржливи програми за младите од регионот секогаш се должни за почит. Последнава декада ИМКА организациите во Западен Балкан се развиваа со несмален капацитет и стигнаа до ниво да нудат квалитетни програмски активности за младите во регионов. Но последниве 2 години со пандемијата од Ковид-19 ни покажаа една поинаква реалност и повеќе или помалку извадија одредени аномалии и недостатоци во функционирањето на организациите. Иако до некаде во слични или различни нивоа на организациски развој и контекст на делување, ИМКА организациите од Албанија, Косово, Македонија и Србија во пролет 2021 почнавме со заеднички онлајн состаноци со цел разговарање на новата нормалност која ни се наметна и дискутирање по однос на организациските проблеми со кои се соочуваме во моментов. Па така, како клучни области во кои треба да се зајакнеме во следниот период се областите на добро управување, управувачки структури, работа на активности на проектна основа, зависност од грантови, слаба одржливост на проектите, слаба координација на регионално ниво и спремност за настап со заеднички ЕУ проекти на поголеми проектни апликации. Во неколкуте одржани заеднички состаноци покрај тоа што ги согледавме предизвиците и полињата во кои треба да делуваме исто така работевме на припрема на заеднички проектни апликации и при што поднесовме две. Иницијативата продолжува со несмалена динамика и во 2022 во која се надеваме дека со намалувањето на притисокот од пандемијата ќе можеме конечно да имаме и состаноци со физичко присуство. „Иницијативата за Западен Балкан“ започна и со активности кои подразбираат регионални посети на партнерите. На првиот физички состанок после долго време од кога започна иницијативата, се сретнаа сите вклучени земји Македонија, Србија, Косово и Албанија во канцеларијата на ИМКА во Косово.  Се разговараше поподробно за поврзаноста на националните стратегии и како тие заедно се вклупваат во еден поголем, балкански наратив. Со нетрпение очекуваме што ќе им донесе оваа група на младите од Западниот Балкан! Повеќе фотографии од средбата може да видите тука.

Глобална недела на миротворци

 Од Македонската група на учесници И ова лето околу 50-ина млади луѓе се собраа во Осло, Норвешка во рамките на PEACEMAKERS GLOBAL WEEK 2022. Тоа беше една недела дискусии, учење, акција и интересни состаноци на разни прашања околу глобалните светски трендови кои ги засегаат и младите. Со учесници од повеќе земји, „Глобалната Недела“ е настан каде што се добива чувство за тоа колку е мал светот и каде што се гради космополитскиот дух. Овој настан претставува прилика за подобро разбирање и на тоа како функционираат младите од разни делови од светот и како размислуваат за важните светски прашања поврзани со толеранцијата, правдата и мирот.  „Глобалната Недела“ се одвиваше во периодот 11-17 Јули во Осло под покровителство на Глобал ИМКА-ИВКА на Норвешка. Имаше учесници од 3 континенти, а ние бевме четворица од Македонија, Марина, Андреј, Теа и Бојан. Ангажманите за време на целиот настан содржеа разни игри низ кои се запознававме меѓу себе и нашите култури. За многу брзо време сфативме дека иако доаѓаме од различни земји, сите сме со различни карактери, сите потекнуваме од различна верска и национална припадност, сите ние потекнуваме од различни култури, сфативме дека не спојува едно нешто: нашата волја да научиме нешто повеќе и нашата желба за подобро утре на сите нас. Темите на кои работевме беа поврзани со дискриминација, насилство, стереотипи и предрасуди кон младите од туѓите средини, расизам и расна дискриминација, етнички стереотипи и сегрегација, предрасуди и дискриминација кон бегалците и имигрантите, како и малку за глобалното затоплување. Покрај сериозниот дел, имаше секако и интеркултурната вечер во која ги претставивме нашите земји и култури преку нашата традиционална храна и по некој збор повеќе за нашата држава. Имавме бескрајно забавни и незаборавни поминати денови. Од Норвешка заминавме полни со емоции, створени пријателства и конекции за цел живот. Сите ние патешествието до Осло го завршивме со нови искуства, научени работи, пријателства, спомени кои секогаш ќе ги носиме во нашиот куфер наречен живот.

Младински Центар во секоја општина

Отворањето на младинскиот центар во Битола е во тек. Во меѓувреме, Сојузот за младинска работа одржа прес конференција за статусот на младинските центри низ земјава кое можете да го погледнете овде. Во зимата 2020/2021 година се одржа првата едукативна програма за признавање на младинската работа на државно ниво. Оваа програма, исто така претставува начин за формално признавање на младинските работници кои веќе многу години наназад работат со младите неформално. ИМКА беше дел од овој процес, а сега е меѓу првите организации во нашата земја што има државно признати млади работници меѓу својот персонал. Од 2019 година ИМКА е во соработка со неколку локални младински организации со цел да се поттикне формирањето на младински центар во Битола. Процесот за препознавање на младинската работа во Македонија го води Сојузот за младинска работа, кој е мрежа на организации кои ја промовираат младинската работа во која ИМКА е една од членките ко-основачи.

Синерџи тренинг во Равногор

Од Петар Кузмановски и Виктор Зафировски Од 1-8 јуни во Равногор, Бугарија беше одржан синерџи тренинг организиран од тимот на Синерџи Бугарија кој спроведува вакви тренинзи за личен раст и развој. Тренингот беше воден од страна на Маркос и Јулија, лидерите на Синерџи Бугарија и беше со наслов ‘Charge your future” или во превод „Наполни ја својата иднина“ како кога полниш батерија на полнач. На тренингот присуствуваа 23 млади луѓе кои сакаа да научат нешто повеќе за себе си. Содржината беше фокусирана кон постигнување на личен развој преку серија на специфични вежби на отворено и затворено кои ги предизвикуваа нашите лични граници. Со тоа обучувачите се обидуваа да постигнеме нов вид на наша лична интеграција, на нашите квалитети и вештини кои сакаме да ги подобреме за да имаме поздрава и поисполнета иднина. На настанот учествуваавме учесници од повеќе земји како Шпанија, Италија, Литванија, Грција, Бугарија и Романија. Тоа допринесуваше и за интернационалниот момент во групата, бидејки имаше учесници од земји со кои никогаш не сум бил во контакт. Од Македонија учествуваме само двајца учесници, јас и Виктор и целокупното искуство беше многу интересно и предизвикувачки. Посебно делот кој се однесуваше на активностите на отворено, како што беше делот кога буквално бевме пуштени да се снаоѓаме сами во блиската околина околу Равногор и како синерџи тренингот не тера да ги сфаќаме идите за „креативност“ на нов начин и тоа да биде применливо во решавањето на проблемите во кои бевме втурнати. Мислам дека сите учесниците беа навистина вклучени во се, и дека искористија доста од искуствата за да почнат да размислуваат како може во иднина да си направат промени во својот живот кои ќе се чувствуваат секогаш наполнети со енергија. Мало видео од тренингот може да видите тука. Фотографии тука.