Глобална Недела 2022

 

Од Македонската група на учесници

И ова лето околу 50-ина млади луѓе се собраа во Осло, Норвешка во рамките на PEACEMAKERS GLOBAL WEEK 2022. Тоа беше една недела дискусии, учење, акција и интересни состаноци на разни прашања околу глобалните светски трендови кои ги засегаат и младите. Со учесници од повеќе земји, „Глобалната Недела“ е настан каде што се добива чувство за тоа колку е мал светот и каде што се гради космополитскиот дух. Овој настан претставува прилика за подобро разбирање и на тоа како функционираат младите од разни делови од светот и како размислуваат за важните светски прашања поврзани со толеранцијата, правдата и мирот. 

„Глобалната Недела“ се одвиваше во периодот од 11-ти до 17-ти Јули 2022 година во Осло, под покровителство на Глобал ИМКА-ИВКА на Норвешка. Имаше учесници од 3 континенти, а ние бевме четворица од Македонија, Марина, Андреј, Теа и Бојан. Ангажманите за време на целиот настан содржеа разни игри низ кои се запознававме меѓу себе и нашите култури. За многу брзо време сфативме дека иако доаѓаме од различни земји, сите сме со различни карактери, сите потекнуваме од различна верска и национална припадност, сите ние потекнуваме од различни култури, сфативме дека не спојува едно нешто: нашата волја да научиме нешто повеќе и нашата желба за подобро утре на сите нас. Темите на кои работевме беа поврзани со дискриминација, насилство, стереотипи и предрасуди кон младите од туѓите средини, расизам и расна дискриминација, етнички стереотипи и сегрегација, предрасуди и дискриминација кон бегалците и имигрантите, како и малку за глобалното затоплување. Покрај сериозниот дел, имаше секако и интеркултурната вечер во која ги претставивме нашите земји и култури преку нашата традиционална храна и по некој збор повеќе за нашата држава. Имавме бескрајно забавни и незаборавни поминати денови. Од Норвешка заминавме полни со емоции, створени пријателства и конекции за цел живот. Сите ние патешествието до Осло го завршивме со нови искуства, научени работи, пријателства, спомени кои секогаш ќе ги носиме во нашиот куфер наречен живот.