GLOW клуб 2025: нова енергија во GLOW клубот

Последни новости GLOW клуб 2025: Нова енергија во GLOW клубот Одличниот камп за девојки GLOW летово беше одлична дополнителна енергија и мотивација за продолжување на клубот GLOW. По успешно реализираната програма клуб на клубот GLOW од минатата година, оваа учебна година повторно започнавме со нови идеи, свежа енергија и посветеност на создавање простор каде младите девојки можат да учат, растат и се инспирираат. По почетокот на школската година на 11 октомври 2025 година се одржа информативна сесија за новата генерација на GLOW клубот на која учесничките се запознаа со програмата и активностите што следат во текот на целата учебна година. Новитет оваа година е што водството на клубот го презедоа две поранешни учеснички – Ема и Мила – кои сега, како клуб лидери, се грижат за комуникација, логистика и поддршка на клубот во координација со тимот на ИМКА.   GLOW клуб работилници Серијата на работилници ја започнавме на 1 ноември 2025 година почнувајќи со првата работилница од овогодинешната програма посветена на комуникација и тимска работа. Работилницата ја водеше младинскиот работник Јовче Крстески од ИМКА преку динамични и забавни активности вклучивајќи практична демонстрација за користењето на вербална и невербална комуникација. Сесијата помина во позитивна атмосфера, а девојките изразија големо задоволство и мотивација за следните активности. Моментумот продолжи на 22 ноември со втората работилница на GLOW Club, каде што креативното пишување беше во центарот на вниманието. Професорката Николина Ѓуровска од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битолa ги водеше учесниците во истражувањето на изразувањето преку поезија и кратки раскази. Тоа беше безбеден простор за сите да ја искористат својата единствена креативност користејќи и писмена и визуелна инспирација. Годината ја затворивме гледајќи напред. На нашата последна работилница на 13 декември. Новата волонтерка од Мировниот корпус, Елен Кусман, ја претстави „Визијата за GLOW за 2026 година“. Учесниците открија нови возбудливи можности за претстојното лето, од присуство на кампот GLOW за средношколци до работа како летен персонал во нашиот дневен камп. Визијата исто така вклучува можности за меѓународна обука во Европа и започнување на Школата за млади лидери на ИМКА подоцна во текот на годината. Продолжуваме со нови работилници на интересни теми во текот на следната година. Сите најважни моменти од GLOW Клубот, се подолу во фото галеријата.

Сведоштва на учесници на клубот за дигиталното образование

Последни новости Сведоштва на учесници на клубот за дигиталното образование Стефанија Моето име е Стефанија и сум средношколка во средното училиште САБА во Битола. Имам 16 години и учам на смерот по информатика. Денес го завршив часот “Вовед во дигитални бизнис вештини” од курсот за претприемништво. Курсевите од HP life постепено ги изучувам веќе една година. Иако сум настроена да учам за технологија и нејзините пронајдоци, многу пати се наоѓам себе си каде се најавувам на HP и одам на курсот за претприемништво или маркетинг. Едноставно, ги обожувам тие курсеви оти се брзи, лесни за разбирање и ме учат за нешта што до пред тоа не сум ги слушнала. Михаил Јас се викам Михаил Спасевски и доаѓам од гимназијата Таки Даскало. Одам на курсеви веќе еден месец и да кажам дека сум задоволен од курсевите е потценување. Неодамна го завршив часот „Социјално претприемништво“, кој ме научи како да проценам идеја за социјално претпријатие, како да користам анализа на засегнатите страни и како да го измерам деловното влијание. Најмногу изучувам часови во курсот за Претприемништво. Сметам дека овој курс е најкорисен за секојдневна употреба и во мојата работа. Тие не се премногу долги, обично ми треба до еден час да ги завршам, а споделените информации што ги има во овие курсеви се одлични. Ми се допаѓа идејата за онлајн курсеви; сметам дека полесно се разбираат и учат. Ако сакате можете да се вратите на курсот и повторно да го посетите. Целокупниот квалитет на овие курсеви е неверојатен, и јас не би променил ниту една работа кај нив. Ирем Јас сум Ирем Емектар, студентка на Одделот за комуникации и дизајн на Универзитетот Ондокуз Мајис во Турција. По потекло сум од Анкара, но моментално сум на двомесечно волонтирање во Младинскиот центар во Битола. Покрај моето универзитетско образование, имам голем интерес за развојот на дигиталниот свет. Затоа, имам за цел да ги развијам моите знаења и вештини за дигитален маркетинг преку посетување курсеви на ИМКА поддржани од HP Life. Верувам дека иднината на комуникацијата и дизајнот ќе биде обликувана од дигиталната трансформација. Овие курсеви придонесуваат и за мојот професионален и за мојот личен развој. Им препорачувам на сите млади луѓе да ја искористат оваа бесплатна можност, бидејќи дигиталниот центар на ИМКА нуди инспиративна средина за секој што сака да учи и да се усовршува. Јован Јас сум Јован од Битола, редовен волонтер на ИМКА. Последната година од моето основно образование, активно се посветив на курсевите од HP life кои скоро секоја недела се одржуваа во Младинскиот центар. Од самиот почеток имав чувство дека ќе го надополнат моето досегашно знаење. Откако завршив неколку курсеви се заинтересирав уште повеќе. Имав можност да бидам дел и од првата генерација на учесници на HP Gaming Garage, каде изучив курс за „Дизајнирање на компјутерски игри“. Преку одржувањето на нив ме привлече и комуникацијата и интеракцијата со другите ученици кои редовно идеа. Овој начин на добивање на нови знаења го препорачувам на моите соученици и слободно да ја изучат мојата омилена тема, дигитален маркетинг.

Клуб за дигитално образование 2025: Зајакнување на дигиталните вештини и импакт во заедницата

Последни новости Клуб за дигитално образование 2025: Зајакнување на дигиталните вештини и импакт во заедницата Младинскиот центар во Битола продолжува активно да ја исполнува својата мисија за подготовка на младите за дигиталната иднина, нудејќи им бесплатен пристап до онлајн едукативните платформи на HP. Во текот на целата година ИМКА континуирано ги реализираше HP LIFE курсевите овозможувајќи им на младите да стекнат основни дигитални компетенции и практични знаења во деловно работење, маркетинг, комуникации, претприемништво и сл. Овие редовни активности беа продолжение на основата поставена од 2023 и 2024 година кога неколку стотици учесници ги завршија HP LIFE сесиите и добија сертификати за различни теми, од дигитален маркетинг до претприемништво. Иако вкупниот број на млади луѓе вклучени во програмата оваа година беше малку помал (300+ учесници), нашите напори за опфат и ангажман во заедницата се интензивираа, особено во последниот квартал од годината за што може да прочитате подолу. Подолу погледнете ја фото галеријата од сесиите за дигитално образование на клубот во 2025 година. Проширување на нашиот импакт во заедницата За да го направиме дигиталното учење повидливо и подостапно надвор од Младинскиот центар, започнавме офлајн промотивнаa кампања во средните училишта низ Битолчани. Тимови персонал и волонтери одеа во училници и на училишни настани за да споделат приказни и да ги охрабрат соучениците да се приклучат на курсевите за дигитално образование. Исто така, учествувавме на неколку големи локални настани – вклучувајќи го Саемот за волонтерство и Универзитетскиот хакатон – каде што се сретнавме со студенти лице в лице и им понудивме регистрација на лице место. Оваа локална работа ни помогна да се поврземе со млади луѓе кои можеби не ја виделе програмата онлајн и го продлабочи присуството на ИМКА како доверлив партнер во учењето и развојот на младите низ целиот град. Подолу погледнете ја фото галеријата од сите кампањи со HP Life курсеви низ целиот град.

Автентични приказни, вистински раст: гласовите на учесниците од Врсничката школа

Последни новости Автентични приказни, вистински раст: гласовите на учесниците од Врсничката школа Мила Николовски, Економско училиште Јане Сандански Кога првпат слушнав за оваа активност, веднаш почувствував голема љубопитност и возбуда. Имав позитивни очекувања – дека ќе научам нешто ново, ќе запознаам интересни луѓе и ќе стекнам корисни знаења и искуства. Најмногу ми се допадна тимската работа и практичните задачи, кои беа динамични и забавни. Преку нив научив нови вештини за комуникација, соработка и критичко размислување, а истовремено добив поголема самодоверба во изразувањето на моите идеи. Ова искуство ми помогна да се развивам како личност, да ги подобрам моите социјални и организациски способности и да добијам појасна претстава за моите идни цели. Стекнатите знаења можам да ги применам во секојдневната комуникација, во училиштето, како и при работа во тим и носење одлуки во различни ситуации. А најмногу корист од вакви активности би имале младите кои сакаат да се надградуваат и да стекнат нови искуства. Секако би ги препорачала ваквите програми на сите, бидејќи придонесуваат за личен развој и практично знаење. Сара Груевска, Економско училиште Јане Сандански Во школата дојдов со очекувања дека ќе си поминам убаво и дека ќе научам многу нови и корисни работи, а тие очекувања целосно се остварија. Работилниците беа особено интересни и интерактивни, а преку нив стекнав нови знаења и сознанија што претходно не ги поседував. Ова искуство ме научи на вистинските вредности и значително придонесе за мојот личен раст и самоусовршување. Сметам дека работите што ги учевме се целосно применливи во секојдневниот живот и ни помагаат подобро да се справуваме со различни ситуации. Најголема корист имаме ние, учесниците, бидејќи преку активностите учиме практични вештини кои ни се неопходни во секојдневието. Нектарија Илиевска, Гимназија САБА Искрено, школата ги исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најмногу ми се допаднаа активностите и игрите, бидејќи преку нив учењето беше интересно, активно и забавно. За време на школата научив многу нови работи и стекнав нови знаења и вештини што ќе ми бидат корисни понатаму. Сметам дека тоа што го учевме е практично и применливо во реалниот живот, а мислам дека ваков тип школа е најкорисен токму за средношколци. Стефанија Димитријовска, Гимназија САБА Пред почетокот на школата имав очекувања да дознаам повеќе информации поврзани со светот на кариерниот развој. Најинтересен дел од програмата за мене беа игрите во кои активно учествувавме и постојано бевме во движење. Преку нив научив нови игри и начини на соработка со другите. Сметам дека школата делумно, но значајно, ми придонесе во оваа област и ми даде појасна слика за темата. Работите што ги учевме се применливи во секојдневниот живот и можат да бидат од голема корист за ученици од седмо, осмо и деветто одделение, како и за ученици од прва, втора и трета година средно образование.

Трета врсничка школа на ИМКА: личен раст, комуникација и кариерно насочување

Последни новости Трета врсничка школа на ИМКА: личен раст, комуникација и кариерно насочување Во текот на изминатите три години, врсничката школа на ИМКА постепено се развиваше како простор каде младите учат да зборуваат на темите кои најчесто не го добиваат заслуженото внимание во рамките на формалното образование. По една учебна година посветена на менталното здравје и една насочена кон врсничкото насилство, овогодинешната школа ги обедини искуствата од двете претходни и ги насочи кон прашањата што младите сè почесто ги отвораат – кои сме, што нè движи и како да направиме информирани избори за иднината. Затоа, фокусот беше ставен на личниот развој, вредностите и кариерното насочување. Активностите, водени од Јовче Крстески, младински работник и психолог, се одржуваа во периодот на првото полугодие на учебната година во просториите на МЦБ и вклучија учесници од седум средни училишта во Битола. Врсничката школа се одвиваше преку серија работилници, организирани во одделни модули за личен раст и кариерен развој кои се надоврзуваат еден на друг. Процесот започна со истражување на личните вредности, потреби и интереси, како основа за градење на сликата за себе. Учесниците размислуваа за тоа што им е важно, што ги мотивира и кои фактори влијаат врз нивните избори, како и за нивното влијание врз секојдневното однесување и носењето одлуки. Подоцна, вниманието беше насочено кон разликите меѓу знаењето и вештините и нивното значење за личниот и професионалниот развој, при што младите ги согледуваа сопствените потенцијали и учеа дека личниот раст не се темели исклучиво на тоа што го знаеме, туку и на начинот на кој стекнатото знаење го применуваме во различни животни ситуации. Комуникацијата и меѓучовечките односи беа обработени како клучен дел од личниот развој. Во рамки на овие модули, учесниците ги истражуваа стиловите на комуникација или темпераментите, и нивното влијание врз односите со другите. Работата продолжи со теми поврзани со конфликтите, при што се анализираа различните стратегии за нивно решавање и врската меѓу личните карактеристики и реакциите во конфликтни ситуации. Во подоцнежната фаза од врсничката школа, фокусот беше насочен кон идентитетот, личната визија и долгорочните цели. Преку креативни и рефлексивни активности, учесниците размислуваа за тоа што ги дефинира, кои вредности ги водат и како овие аспекти се поврзуваат со нивните идни образовни и кариерни избори. Завршните модули беа насочени кон преземање иницијатива и подготовка за врсничка едукација. Учесниците работеа на планирање и структурирање на презентациите, прилагодување на содржините за различни групи слушатели и развивање на сигурност при јавно настапување. Овој дел претставуваше премин од лична работа кон активно споделување на стекнатите знаења во училишната средина. Процесот беше заокружен со доделување сертификати на учесниците кои зедоа активно учество изминатите месеци и ги реализираа предвидените врснички активности. Со оваа трета врсничка школа ИМКА продолжува да гради континуитет во врсничката едукација и да создава простор во кој младите можат да се развиваат, да се изразат и да добијат насоки и поддршка во градењето на својата иднина. Проектот беше поддржан од CVJM #SignsOfHope и Општина Битола! Фотографиите од врсничката школа и врсничките едукации можете да ги погледнете во албумот подолу.

Новa дигиталнa образовнa програмa за млади преку Gaming Garage на ИМКА

Последни новости Новa дигиталнa образовнa програмa за млади преку Gaming Garage на ИМКА Покрај основната програма за дигитално образование на HP life која ИМКА ја спроведува веќе трета година во младинскиот центар во Битола, ИМКА ја прошири понудата со нови дигитални програми преку платформата Gaming Garage HP. Овие дополнителни курсеви ги воведоа младите во креативните дигитални индустрии, меѓу кои развојот на видеоигри, е-спортот, програмирањето, визуелниот дизајн и дигиталното раскажување. Создадени да бидат разбирливи и за почетници, овие курсеви комбинираат креативност и технологија и нудат можности за пристап до модерни, глобални и брзорастечки професии. Четиринеделната хибридна програма која се спроведе оваа пролет искомбинира онлајн учење со состаноци во живо во Младинскиот Центар. Учесниците можеа индивидуално или во тимови да учат од онлјан курсевите и да разменуваат идеи со своите врсници. Програмата дополнително вклучи и студиска посета на локална гејминг компанија каде младите можеа да се запознаат со реални работни позиции и индустриски процеси при креирањето игра за гејминг пазарот. А покрај овие редовни едукативни активности ИМКА ја активираше локалната заедница и преку два специјални Gaming Garage турнири организирани во Младинскиот Центар. Турнирите беа реализирани во два наврати, во пролет и есен, како посебни настани што ги поттикнаа младите да се вклучат, да се забавуваат и да се натпреваруваат играјќи дел од оние игри за кои имаа можност да учат за време на едукативните активности и состаноци. Gaming Garage турнирите беа замислени како многу повеќе од игри – учесниците имаа можност да научат за најдобрите бесплатни онлајн курсеви за гејм-дизајн и употребата на дигитална креативност при создавањето игри, покажувајќи им дека нивното хоби може да прерасне во вештина или можност за идно вработување. По завршувањето на секој курс учесниците добиваат официјален сертификат од HP и edX.Овие иницијативи се отворени за сите млади од 15 до 30 години, без оглед на претходното искуство. Доволни се љубопитноста, желбата за учење и интересот за ИТ технологија. Двете програми HP LIFE курсевите и Gaming Garage се реализираат во партнерство со HP Inc. и ИМКА Европа и претставуваат дел од пошироката Академија за Е-спорт и Развој на Видеоигри на HP. Преку континуирани обуки, заеднички настани и пристап до врвни дигитални ресурси, ИМКА продолжува да ги мотивира младите да учат, создаваат, соработуваат и да ги градат дигиталните вештини што ќе им бидат потребни во иднината.

Оспособување на учениците во Могила преку неформално образование

Последни новости Оспособување на учениците во Могила преку неформално образование Во рамките на нашите заложби да ја направиме младинската работа достапна и во руралните средини во октомври и ноември 2025 испорачавме активности за неформално образование на млади во Општина Могила. Нашиот тим од младински работници одржа серија од три работилници во основното училиште Гоце Делчев во Општина Могила. Работилниците имаат цел да ги зајакнат капацитетите на ученичката организација во ова училиште за учениците самите да можат да креираат и спроведуваат иницијативи што придонесуваат кон за нив во насока на креирање на побезбедна училишна средина Во работилниците учествуваа претседателите и замениците на сите паралелки, како и детскиот правобранител на училиштето, ученици на возраст од 12 до 15 години. На почетокот тие зборуваа за тоа како ја разбираат комуникацијата, што за нив значи вербална и невербална комуникација и како овие елементи влијаат врз нивните односи. Разговараа и за тоа што претставува конфликт, како го препознаваат и каде е правилно да го пријават. Потоа учениците вежбаа донесување одлуки – индивидуално и во група – и ги анализираа факторите што влијаат една групна комуникација да биде успешна и корисна. Следеше сесија со дискусија за тоа како се одржуваат состаноци, начини на водење записник, како се обработуваат точки од дневен ред и како се носат заклучоци. Учениците ги опишуваа досегашните состаноци што ги имале во училиштето и ги споредуваа со научените добри практики. На секој клас му беше зададена задача – во парови да состават петиција или официјално барање до директорот, врз основа на потреба која нивните соученици ја истакнале како значајна.Наредната работилница беа децата беа воведени во основите на истражувачка работа. Учениците учеа да избираат и употребуваат алатки за собирање информации од поголеми групи деца, како што се анкети, прашалници и интервјуа. Секој тим спроведе истражување во училиштето, ги обработи резултатите и ги претстави на последната работилница. Како дополнителна активност, тие го цртаа своето „идеално школо“, а потоа ја споредиja замислата со реалната состојба, анализирајќи што би можело да се подобри. Оваа вежба ги поттикна да размислуваат за ученичка иницијатива што би имала најголемо значење за нивното училиште. Во дискусиите, најголем дел од учениците изразија желба иницијативата да биде креативна и поддржувачка. Така се роди идејата за „Стрипови што менуваат “ – креирање на стрипови од страна на учениците под менторство на наставниците по македонски јазик и ликовно, а со цел да се создаде ученичка стрип – колекција на теми важни за училиштето и заедницата: ученичко учество, превенција од насилство и екологија. Овие понатаму ќе бидат испечатени во хартија и ќе бидат дел од редовната програма на патрониот празник на училиштето кој се одбележува секоја пролет и е значаен настан во оваа локална заедница. Целокупната иницијативата на овој начин помага во подигање на нивото на безбедност, доверба и отвореност меѓу учениците и стручната служба и придонесува кон подобра училишна средина за идните генерации. Во насока на испорака на неформално образование во руралните средини ИМКА соработува со различни партнери. Овие активности се дел во рамките на поширока иницијатива на Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, Првата детска амбасада во светот Меѓаши и SmartUp – Social Innovation Lab, со поддршка од Детската фондација Песталоци која се реализира во периодот септември 2023 – август 2026. Благодарение на поддршката на Y’s Men International ние сме во позиција да реализираме исто така и серија од нови работилници и во други рурални средини.

Communication Matters: обука и пренос на знаење во три училишта во Битола

Последни новости Communication Matters: обука и пренос на знаење во три училишта во Битола Нашата соработка со училиштата е континуирана и конзистентна. Покрај можностите за едукација на деца нудиме и можности за едукација на персонал. Од 10 до 19 ноември 2025 година претставници од стручните служби на три училишта во Битола учествуваа на Еразмус+ обуката Communication Matters во Брно, Чешка која беше наменета за едукатори, младински работници и фасилитатори. Обуката се фокусираше на ненасилна комуникација, метод развиен од Маршал Розенберг чија цел е да помогне да се разликуваат мислењата од потребите на луѓето и да поттикне разбирање и поврзување дури и во ситуации на несогласување. За време на обуката, учесниците работеа преку теоретски сесии, групни активности, интерактивни вежби и симулации. Учеа како да препознаваат деликатни емоции и да ги разберат потребите зад различните зборови и однесување, како да слушаат емпатично, да комуницираат јасно и да се справуваат со предизвици и тешки ситуации. Овој процес им овозможи да согледаат како изборот на зборови и начинот на комуникација влијаат врз односите и атмосферата во групата. Посебен акцент беше ставен на примена на овие вештини во работа со млади, развивање стратегии за конструктивно решавање конфликти и градење доверба во групата. Во декември 2025 година, учесниците го пренесоа стекнатото знаење во три училишта во Битола – ООУ „Д-р Трифун Пановски“, ООУ „Елпида Караманди“ и ООУ „Гоце Делчев“. Учениците се вклучија во интерактивни работилници, игри и групни активности кои им овозможија на практичен начин да се запознаат со основите на емпатичното слушање, препознавање на чувства и потреби и јасно изразување на мислењето. Активностите создадоа безбеден простор каде младите можеа да ја испробаат комуникацијата, да учат едни од други и да истражуваат различни перспективи, додека истовремено ја зајакнуваа соработката во групата. Обуката и активностите во училиштата беа со цел развој на способноста на учесниците да комуницираат внимателно и со разбирање, да препознаваат потреби и да ги поддржуваат младите во создавање поотворена и безбедна средина. Пренесувањето на стекнатите вештини на локално ниво ја потврдува посветеноста на ИМКА кон градење емпатичен, внимателен и поддржувачки простор за млади, со цел нивен развој и активно учество во заедницата. Овој проект е ко-финансиран од Европската Унија. Фотографиите од обуката во Брно и активностите во Битола можете да ги погледнете во албумот подолу.  

Повик за учесници на HP Gaming Garage

Вклучи се Повик за учесници за HP Gaming Garage После две години работа на поттик на дигиталната писменост преку HP life курсевите, сега ви нудиме нови курсеви од HP на edX за вовед во креативните дигитални индустрии.  И секако, како и во минатиот период така и сега потполно бесплатно!  Ако сте на возраст од 16 до 29 години и сакате да научите повеќе за светот на игрите, како и други од палетата на курсеви на Gaming Garage на HP и ако сте подготвени да ја претворите вашата имагинација во интерактивни авантури придружете ни се на ова возбудливо изучување во светот на развојот, управување и програмирање на игрите, е-спортови и сл. Ова е повеќе од учење. Тоа е простор за градење на вашите вештини, за соработка со врсниците и за истражување на можностите во креативниот технолошки свет.  Што да очекувате:  4 недели хибридни сесии (онлајн и лично) Научете ги основите на механиката на игри, раскажувањето приказни, програмирањето и визуелниот дизајн. Работете во тимови или соло за да изградите своја сопствена демо игра за играње Пристап до ментори од ИМКА и платформата HP Gaming Garage Студиска посета во локална компанија за гејминг и запознавање со работни позиции во една од најбрзо растечките индустрии Инвестирајте во себе и стекнете се со сертификат од edX и HP  Ослободете го вашиот потенцијал. Креирајте. Соработувајте. Натпреварувајте се. Кој може да се придружи:  Млади на возраст од 16-29 години Не е потребно претходно искуство, туку само љубопитност, мотивација и љубов кон светот на игрите Отворено за поединци и претходно формирани тимови. Почеток: Декември 2025Локација: Младински Центар Битола Времетраење: 4 недели Формат: Хибриден (онлајн работилници + локални состаноци)Апликација: тука Местата се ограничени – аплицирајте сега и градете ја вашата иднина! Аплицирајте сега и градете ја вашата иднина! За прашања, контактирајте не преку контакт формата на веб страна или на нашите профили на социјалните мрежи. Ги оспособуваме младите за утре со дигитални вештини денес! Академија за еСпортови и развој на игри е проект кој е поддржан од HP и ИМКА Европа.  

Нашите млади во Европскиот камп за лидери во Холандија

Последни новости Нашите млади во Европскиот камп за лидери во Холандија Шест млади луѓе од нашата ИМКА учествуваа на Европскиот летен камп за млади лидери (ESYL) – меѓународна обука одржана во Омен, Холандија, организирана од ИМКА Холандија. Овој уникатен настан, кој стана прекрасна традиција што ги обединува младите лидери од цела Европа, оваа година собра учесници од Холандија, Германија, Франција, Обединетото Кралство, Украина, Португалија, Чешка, Македонија и други земји. Заедно, тие учеа, споделуваа идеи и градеа пријателства што ќе ги обликуваат камповите на утрешнината. Преку четиридневна програма исполнета со интерактивни работилници, тимска работа и практични сесии, учесниците научија за организација на летни кампови, лидерство, комуникација, тимска работа, безбедност, етичкото однесување и традициите на кампот. Секако, имаше и многу игри, логорски оган и моменти полни со вистински камперски дух. Нашата ИМКА е долгогодишен партнер на ИМКА Холандија речиси една деценија и активно учествува во оваа програма од 2015 година, подготвувајќи нови генерации млади луѓе кои ќе ги водат летните кампови на иднината низ цела Европа. Подолу се дадени размислувања од нашите шест учесници – нивните впечатоци, искуства и инспирации од ESYL 2025.   Никола Гелов Пристигнувањето во Омен – малото гратче што ќе ми остане врежано во срцето – беше едноставно прекрасно! Бидејќи нашето патување беше најдолго, нашата група пристигна последна. Се сместивме во нашите соби и од тој момент започна она што би го нарекол целосна поврзаност! Запознавање нови луѓе, размена на мисли, многу смеа, игри и пријателства, забава, пеење и пред сè, ширење позитивна енергија! Во текот на сите пет дена, навистина се чувствував како дома. Секој ден носеше нова приказна. Како лидер на мојата група, бев премногу горд на сите што беа дел од нашиот тим! Забавата и поврзаноста никогаш не завршија. Но, како и со сите добри работи, мораше да заврши. Стефанија Димитријовска Искуството беше спонтано, исполнето со смеа, нови пријателства и долги разговори на сите видови теми. Имаше околу 40 волонтери и лидери кои сакаа да ги продлабочат своите лидерски вештини и личен пристап. Токму тоа го учев таму – лидерство. Поконкретно, научив како да применувам различни пристапи за лидерство во различни ситуации и како еден вид пристап понекогаш може да функционира подобро од друг. Јована Кирјаковска Бев воодушевена и многу благодарна за можноста. Сите активности беа неверојатни, особено последниот ден кога имавме вежба за комуникација и стилови на комуникација. Секој избра боја што го претставуваше него/неа, па откривме колку сме различни и уникатни сите. Стекнав нови пријатели и стекнав нови знаења и искуства што се многу применливи во секојдневниот живот. Би го препорачала ова искуство на сите млади луѓе, бидејќи тоа е нешто што навистина ќе им помогне во нивната иднина. Владимир Гелов Она што ми се допадна најмногу беше тимскиот дух и интерактивните работилници. Сесиите за групна динамика и социјална безбедност беа одлични и ми помогнаа да се отворам повеќе во тимска средина. Научив многу за важноста на активното слушање, емпатијата и безбедната комуникација во рамките на групата. Сфатив како малите гестови имаат големо влијание врз чувството на припадност и доверба во тимот. Овој камп ми помогна да станам посвесен за моите силни страни и како можам позитивно да влијаам на другите. Стекнав поголема самодоверба во јавното говорење и соработката со луѓе од различни личности. Дефинитивно би ја препорачал оваа програма на секој млад човек кој сака да расте како индивидуа и лидер – особено на оние кои се заинтересирани за тимска работа, водење проекти или градење позитивни односи во заедницата. Емилија Илиевска Сакав да стекнам нови вештини во лидерство, тимска работа и организација на активности, но и да се поврзам со луѓе од различни земји и култури. Она што најмногу ми се допадна беше практичниот дел – тимски задачи, симулации и интерактивни вежби. Атмосферата беше позитивна, а размената на искуства со другите учесници беше навистина инспиративна. Научив многу работи, како на пример како ефикасно да комуницирам, да се чувствувам посигурно зборувајќи странски јазик, да се справувам со конфликти и да останам флексибилна во различни ситуации. Обуката ми помогна да станам посамоуверена во мојата улога како лидер и да развијам разни вештини што можам да ги применам и во други проекти и во секојдневниот живот. Некои од работилниците планирам да ги користам во младинската организација на моето училиште. Ова искуство е особено вредно за младите луѓе кои сакаат да растат како лидери, особено оние кои сакаат да работат со млади или во неформално образование. Мануела Спасевска Кога слушнав за овој настан, бев возбудена бидејќи моето претходно искуство беше незаборавно, спонтано и прекрасно. Имав големи очекувања бидејќи последниот камп на кој присуствував во Данска беше неверојатно добар. Сепак, овој беше одличен на свој начин. Знаев дека секој камп е различен и дека некои искуства се случуваат само еднаш, на одредено место. Убавината на настанот лежи во тоа чувство – дневните сесии беа полни со интеракција, комуникација и личен раст. Преку игри и тимски работилници, создадовме шестдневно семејство. Освен што учев за пријателството, емпатијата и создавање топла атмосфера каде што секој се чувствува безбедно и храбро, научив и за тимска работа, создавање безбедна средина, организирање кампови за различни возрасни групи, видови комуникација и работа со деца. Сите овие професионални и лични вештини се работи што ќе ги понесеме назад и ќе ги примениме во нашата работа во ИМКА. Во прилог се фотографии од ова незаборавно искуство на нашите млади лидери.