Почеток на врсничката школа за ментално здравје на деца и млади

Последни новости Почеток на врсничката школа за ментално здравје на деца и млади Еден од најважните елементи на проектот е самата врсничката школа преку која е планирано да се направи значајно голем опфат на темата ментално здравје. Во втората половина на септември и октомври работевме на анимирање на образовните установи Битола со фокус на основните и средните училишта, како и факултетите. Исто така во овој период работевме на промовирање на отворените повици за проектов и регрутирање на основци, средношколци и студенти кои се мотивирани повеќе да научат за менталното здравје за себе и за своите врсници во поглед на препознавање на одредени состојби, но и како да се постапува во истите со цел да си помогнат себеси и на врсниците од околината. Завршивме со оваа фаза и време е за акција! Денешниов настан беше токму тоа. Се собравме сите врснички едукатори, психолози, педагози и др. Од стручните служби на училиштата со цел обележување на почетокот на проектот проследено со интересна програма. Настанот ги воведе учесниците во предвидените активности и динамиката за следниот период до крајот на школската година. Се направи распределба на врсничките едукатори врз основа на возраст/генерација и смена на училиште со цел подобро планирање на претстојните обуки во насока да нема пропуштање и пореметување во редовната настава на училиштата и учениците. Формиравме пет групи врснички едукатори од кои две со основци, две со средношколци и една со студенти. Групите имаа серија задачи низ кои требаше да поминат и притоа да се запознаат со темата, да се запознаат со своите врсници со кои ќе работат во следниот период, да си ги изградат идентитетот на групата и да го одговорат воведното истражување во темата со цел согледување на почетната состојба за нив на темата ментално здравје. Исто така, ги продискутиравме воспоставените канали на комуникација за следниот период и сите формалности кои се потребни за непречено одвивање на претстојните обуки. Обуките ќе се засноваат на принципите на неформално образование и ќе се одвиваат во општинскиот Младински Центар во Битола до крајот на Февруари следната година. Врсничките едукатори ќе учат и ќе разговараат со нивните врсници за менталното здравје покривајќи теми како што се: анксиозност и депресија, ризично однесување, што значи – насилно однесување/врсничко насилство, самоповредување и злоупотреба на супстанции, градење издржливост и самодоверба кај децата и младите и дигиталното претставување на исти теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи. Проектот предвидува следна фаза во второто училишно полугодие каде што овие врснички едукатори ќе спроведуваат работилници за едукација на своите врсници во нивните училишта и факултети и ќе го споделат стекнатото знаење со крајните корисници/нивните врсници во неформален амбиент. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Амос.
Учество во програма за едукација за и поддршка на младински работници во поле на кариерно насочување

Последни новости Учество во програма за едукација за и поддршка на младински работници во поле на кариерно насочување Од Јовче Крстески Водени од целта да понудиме поквалитетни сервиси за вработливост на младите, среќни сме што како членка на Сојузот за младинска работа имавме можност да учествуваме на две обуки за советници за кариерно насочување на младите и да научиме за две нови методологии. Едната од нив беше според методологијата „ProfillPASS – Започни ја твојата кариера!“ а другата според методологијата „Sport for employability“ (S4E), како дел од програмата за едукација и поддршка на младински работници насловена како „Младинска работа за активни и вклучени млади“. Преку овие обуки, јас како младински работник во ИМКА заедно со 17 други младински работници од нашата држава се здобија со знаења, вештини и компетенции за користење на проверени методологии во нивната секојдневна работа со млади од ранливи категории. Младинските работници кои учествуваа во овие обуки се оспособија за примена на алатката „ProfillPASS“, која ќе им овозможува да ги насочуваат младите кон истражување на своите можностите за личен и професионален развој, со тоа помагајќи им да ја подобрат својата позиција на пазарот на трудот. Користењето на #S4E како алатка за поттикнување и развој на вештини, ќе им помогне на младинските работници во поддршката и охрабрувањето на младите луѓе од нивните заедници во насока на освестување на своите вештини и потенцијали, како и на нивна доизградба. По обуките, вклучените младински работници ќе спроведат практични активности со примена на научените методологии во своите средини. Како обучен младински работник од ИМКА ќе го применам моето знаење во работата со млади во Младинскиот Центар во Битола како и при подготвувањето на програмите кои ИМКА ги спроведува на оваа локација. Сојузот за младинска работа ја спроведува оваа програма во рамките на регионалниот проект “Социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан“ и глобалната програма „Спорт за развој“ спроведени од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Обуките за овие методологии се спроведоа на 21-24.09.2023 и 30.10-02.11.2023 во Дојран. Обуката за #ProfilPASS беше спроведена со помош на обучувачи од Центарот за доживотно учење, а таа за #S4E со помош на обучувачи од ТАКТ.
Повик за експерт за врсничка едукација на млади за ментално здравје

Вклучи се Повик за експерт за врсничка едукација на млади за ментално здравје Имаме потреба од надворешен експерт, обучувач за врснички едукатори на млади на тема ментално здравје. За таа цел спроведуваме постапка со повик за прибирање на понуди. Доколку сте или познавате некој кој одговара на нашите потреби објаснети во техничката спецификација ве молиме контактирајте не согласно насоките во повикот. Во прилог на овој повик, објавуваме информации за понудувачите со задолжителни барања кои што треба да ги содржи нивната понуда. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.
Иницијатива за поттик на нашата мисија во Западен Балкан

Последни новости Иницијатива за поттик на нашата мисија во Западен Балкан Од 13-ти до 16-ти октомври, нашите претставници беа присутни на состанокот на Иницијативата за Западен Балкан, чиј домаќин е ИМКА Косово. Програмските сесии беа дизајнирани околу интеграцијата на мисијата и визијата на ИМКА од Македонија, Албанија, Косово и Србија и воспоставувањето на светла иднина заедно во рамките на нашето движење. Покрај претставниците на Иницијативата за Западен Балкан, на состанокот имаше и неколку гости кои дадоа свој придонес во програмата како што се Клаудија Кун од CVJM (ИМКА Германија) со инпути за развојот на програмите, Пол Смајли од ИМКА Европа со придонес за подобрување на управувањето во организациите, Мариус Поп од ИМКА Европа за стратешки партнерства со придонес за соработката со корпоративниот сектор, Том Валентин од ИМКА од САД со инпути за перспективите и поддршката за регионот во иднина и Енди од тимот за комуникации на ИМКА Европа. Програмата понуди неверојатна можност за размена на добри практики, запознавање со локалните младински лидери и посета на центрите на ИМКА низ целата земја, вклучувајќи го и новиот Камп Пјетершан. Нашиот престој беше во градот Пеќ со работни сесии одржани во локалната ИМКА – импресивен мултифункционален објект кој располага со различни програми за обука за млади. Тоа беше одлична можност да се даде отчет за секоја организација и нивниот развој за време на иницијативата и плановите во светлината на ветувачките партнерства и потенцијалните идни активности. Беше одлично време да се потсетиме на сите вредности, спомени и искуства што го собраа раководството на Иницијативата за Западен Балкан – продолжувајќи да ја фокусира својата работа на регионалните планови, идните чекори, предизвици и можности за претстојната година. Во однос на постигнувањата, вреди да се спомене дека некои ИМКА добија нови општински простори и договори, приходот на секоја ИМКА се зголеми во текот на целата иницијатива, започнаа нови партнерски проекти (во регионот и на меѓународно ниво), дополнителен фокус даден не само на лидери, но и на персоналот и членовите на одборот. Со преку 20 дигитални состаноци (тим и 1 до 1) плус студиски посети на сите ИМКА организации оваа година регионот полека расте и оди во вистинската насока – со уште многу работа што треба да се направи. И круната на нашето патување – Кампот Пјетершан – импресивен камп на ИМКА во има капацитет за сместување 70 млади луѓе и нуди прекрасни капацитети како спортски и тренинг објект, камп сала и канцеларии, бунгалови, камперски оган – простор што може да се користи за повеќекратни активности на отворено и одличен пример на проект со локална, национална и меѓународна поддршка. Бевме инспирирани од овој состанок, воодушевени од издржливоста и одлучноста на тимот и индивидуалната работа на сите ИМКА организации кои создаваат промени во нивните заедници – и благодарни сме што сме дел од неа.
Обука за консултанти во рамките на проектот „Мерење влијание: со, за и од младински организации“

Последни новости Обука за консултанти во рамките на проектот „Мерење влијание: со, за и од младински организации“ Обуката се одржа од 20 до 24 септември 2023 во живописното опкружување на Лувен-ла-Нев, Белгија, а 28 лидери од 25 различни земји беа опремени со вештини за истражување, неопходни меки вештини за организирање и водење на истражување, како и општи консултантски вештини. На учесниците им беше даден преглед на различни алатки за собирање податоци, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на анкети и фокус групи; ги научи основите на стратегијата за земање примероци и ги научија основите на алатките за анализа на податоци. Покрај тоа, обуката им овозможи на учесниците ефикасни комуникациски вештини (активно слушање, повратни информации, бариери во комуникацијата, влијанието на претпоставките итн.), познавање на клучните рамки за личен развој (DISC рамка, систематско размислување, рамка за логички нивоа. итн.), развиени вештини за тимска работа и лидерство (коучинг, кризен менаџмент, решавање проблеми, јавно говорење), запознавање со основните принципи на управување со промени, стратешки пристап, динамиката на организациската култура и разбирање на социјалното влијание – сеопфатна наставна програма дизајнирана за добро оформени консултанти. Целокупниот проект има за цел да ги зајакне врските помеѓу политиките, истражувањето и практиката во областа на младите преку подобрување на нивото на докази за влијанието на младинските организации преку робусна и призната методологија за истражување. Амбицијата на проектот е да придонесе за имплементација на Стратегијата на ЕУ за млади преку зголемување на нивото на докази во однос на општественото влијание и резултатите од учењето на активностите за зајакнување на младите обезбедени од младинските организации. Оваа заедничка иницијатива обедини конзорциум од истакнати партнери, вклучувајќи ги Scouterna, Les Scouts, Junák – český skaut, Сојузот на извидници на Македонија, Извидниците од Ирска, ИМКА Европа, ИМКА Холандија и Универзитетот Мејнут.
Впечатоци од учесници од програмата за дигитално образование на ИМКА и ХП

Последни новости Впечатоци од учесници од програмата за дигитално образование на ИМКА и ХП Марта Јас сум Марта од Крушево, a моментално учам во средното медицинско училиште во Битола. Курсевите ги дознав преку пријателка од ИМКА, преку постови на Фејсбук и Инстаграм. Посетив пет курсеви и во иднина планирам да посетам сигурно уште неколку. Курсевите се интересни за следење, задржуваат внимание, а атмосферата во Mладинскиот Центар е хармонична и пријатна. Овие курсеви кои досега ги следев и искуството кое го стекнав од нив планирам да ги искористам за лична кариера и развој, и секако би споделила на мои пријатели и познаници за бенефитите од истите. Антим Јас сум Антим Атанасоски, 18 годишен од Битола. Ми беше чест да посетам четири курсеви направени од HP, а имплементирани во соработка со ИМКА. Еден од курсевите кои најмногу ми се допадна е социјално претприемништво кој беше многу практичен и информативен, за разлика од другите курсеви од овој тип кои сум ги посетил на интернет. Наученото од курсот може да се користи практично секој ден од животот. Секако дека планирам да посетам и други курсеви во иднина, затоа што верувам дека од секој курс има многу да се научи. Љупчо Прво сакам да кажам дека дигиталното образование не е само учење нови вештини, тоа е најбитно за развојот на начинот на размислување за раст и прифаќање на континуирано подобрување. Јас сум Љупчо од Битола, за курсевите дознав преку ИМКА во која сум волонтер и имам учествувано на многу настани и работилници организирани од нивна страна. Само што ја видов апликацијата на социјалните мрежи веднаш се пријавив без да размислувам дали тоа ќе биде интересно или дали ќе ми биде од полза и искрено да ви кажам не направив грешка! Посетив пет различни курсеви од категориите комуникации и маркетинг како најсоодветни теми за мене. Сметам дека секој млад човек треба да ги изучи овие курсеви кои многу ќе му користат во животот, во секојдневието и во потрагата по работа. Моментално работам во странство, но по моето враќање во Битола повторно ќе се пријавам за курсевите, особено за темата иновации. ИМКА и HP ви благодарам за оваа можност што ми ја пруживте, се гледаме за скоро време повторно! Елена Да си вработен и да бидеш истовремено родител е многу потешко отколку што изгледа, јас сум Елена Иванов 28 години, од Битола. Во Младинската Асоцијација ИМКА сум неколку години, со кратки паузи. Мојата работна позиција е офис менаџер. Изминатите години работевме на неформално образование и организиравме летни кампови, но после големата пандемија што се случи можам да кажам дека HP курсевите се нaјдоброто нешто што се случи во ИМКА. Покрај секојдневните обврски сепак имав можност да поминам неколку курсеви од темата комуникации, затоа што тоа е она што најмногу ме привлекува и би сакала да споделам со вас дека курсевите за бизнис е-маил и бизнис комуникација се курсевите кои морате да ги посетите. Тие не се долги максималното време што ќе треба да го одвоите е 1 час. Би била многу среќна ако се одлучите и вие да ги посетувате овие курсеви на HP Life програмата и секако сакам да се заблагодарам на HP и на ИМКА за оваа одлична можност на бесплатни курсеви во нашиот град. Филип Здраво, јас сум Филип Божиновски и имам 17 години. Сакам да кажам дека ги завршив сите курсеви од проектот HP Life и можам да кажам дека сум прилично задоволен. За курсевите на HP Life дознав од моето училиште СОУ Гимназија ,,Јосип Броз – Тито” – Битола. Преку овие курсеви, се стекнав со прилично корисни и добри вештини во кои што се пронаоѓам себеси во иднина. Мојата желба е понатаму да студирам на факултет чија задача e да не запознава со вештините кои ја користат технологијата и му помагаат на човештвото. Курсевите се лесни, кратки, потполно онлајн и пред се, бесплатни. Јас лично би му ги препорачал на сите мои пријатели и познаници овие курсеви како почеток за стекнување на корисни компјутерски вештини кои можат да му помогнат на сите, пред се и на млади личности кои се заинтересирани за да основаат свој бизнис или пак да ги надградат своите компјутерски вештини. Во моментов, го завршив својот последен курс, а пак како свој омилени можи да ги издвојам курсевите за комуникација, како и курсот победнички мајндсет. Му благодарам на ИМКА и HP бидејќи пружаат услови за брз начин на изучување на корисни вештини. Јана Од моето досегашно искуство знам само дека дигиталното образование ми отвора свет на можности. Се викам Јана, доаѓам од Битола, а живеам и студирам во Франција. Имам доста напорен распоред и многу сум среќна што во моментот сум баш на вистинското место каде што имам пристап до висококвалитетни курсеви кои ми помагаат да бидам во тек со најновите трендови во мојата индустрија 3Д принтинг, сето тоа благодарение на ИМКА и HP курсевите. Имав можност да одберам дали курсот сакам да го слушам на англиски јазик или на француски и го избрав францускиот затоа што тој избор е навистина од големо значење за мене. Курсевите се лесно разбирливи, не се долги и најважно од се е тоа што добив и сертификат за успешно завршен курс и сето тоа бесплатно! Дечки се надевам дека ќе успеете да најдете барем еден час во неделата и да го посветите само за вас и ќе се надградувате пред се како личности. ИМКА и HP ви благодарам за можноста што ми ја пруживте, се гледаме повторно тоа е сигурно! Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект Преглед на програмата и можностите за дигитално образование на HP & YMCA
Повторно обединување на Институтот за мировна едукација во Светата земја

Последни новости Повторно обединување на Институтот за мировна едукација во Светата земја Од Виктор Илиев Помина доста време од моето последно учество на некои од сесиите на Институтот за мировна едукација. Како алумни од 2015 година бев поканет да се приклучам на овој настан и да продискутираме за алатките, методите и искуствата од претходниот период. Местото на настанот беше Светата земја која исто така обезбеди дополнителен контекст за учење. Секако дека ја прифатив поканата и присуствував на настанот. 28 учесници, повеќе од 10 земји, 3 различни групи и 1 недела заедно. Беше привилегија да се работи со експерти за мировно образование, како што се Волфганг Хајнрих и Анкица Драган кои беа вклучени во оваа програма од самиот почеток обезбедувајќи знаење и методологија. Овој пат тоа беше анализа на контекстот со посебен фокус на влијанието и релевантноста на матрицата на Институтот за мировна едукација низ призмата на учесниците на овој собир. Секој ден и во секое место бевме благословени да бидеме пречекани од домаќините со исклучителна гостопримливост и грижа од нашите пријатели од Витлеем, Ерихон и Ерусалим кои ги претставуваат ИМКА на Источен Ерусалим и Меѓународната Ерусалимска ИМКА. Со не многу позитивен наратив во медиумите за овој регион се почувствував инспириран да видам и слушнам што прави ИМКА за своите корисници во многу предизвикувачки контекст – генерирање вештини, можности и надеж за целата заедница речиси еден век. И сето тоа и покрај широкиот опсег на ограничувања – затоа што луѓето во ИМКА веруваат во она што го прават. Можеби најдобриот дел од овој настан беше средбата со локалното население и слушањето на нивните приказни. Во многу аспекти се чувствувам шокиран и сочувствував со предизвиците, условите и начинот на живот на палестинскиот народ со кој имаме некои заеднички реалности и историја. Се чувствувам благодарен што можев да ги слушнам приказните од другата страна на паричката. Се чувствувам и привилегиран што имав можност да ги посетам: Витлеем, Ерихон и Ерусалим, црквата на Христовото раѓање, реката Јордан, планината на искушението, џамијата Ал Акса, црквата на Светиот гроб и други свети места следејќи ги стапките на Исус Христос и размислување за неговиот живот, патување и жртва. Сево ова длабоко понизно и можно дава многу значење и мотивација за она што го правиме и како живееме.
ПРОЕКТ: Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади

Последни новости ПРОЕКТ: Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади Проектот доаѓа како логичен резултат на тоа што во Битола не е обработена темата на менталното здравје на систематски начин, туку само ад-хок и краткорочно. Дополнително на ова и пред Ковид, но особено сега, гледаме огромна потреба да се обезбеди поддршка пред се на нашите млади, но и други ранливи категории на граѓани (самохрани родители и лицата со попреченост) со долгорочен проект за неформално образование насочен кон зачувување на менталното здравје. Дополнително на ова, врз основа на наоди од последни истражувања (Коалиција СЕГА 2021, МОФ 2021 и Институт за човекови права за врсничко насилство 2022) младите од Пелагонискиот регион се меѓу најнезадоволните од квалитетот на животот. По градови, младите битолчани се најнезадоволни од квалитетот на животот, а по пол момчињата се понезадоволни отколку девојчињата. Целите на проектот: 1. Анимација и обука на младите од основните и средните училишта како и од факултетите во Битола за врснички едукатори за ментално здравје. Дополнително на ова, да се спроведе врсничка едукација во сите образовни установи од каде што доаѓаат во насока на препознавање, превенција и соодветно справување со психосоцијалните проблеми кај младите. 2. Формирање на две групи за давање поддршка на еднородителски семејства и семејства со лица со попреченост, како и да служат како ресурсни групи за споделување лични искуства за зајакнување на капацитетите и емпатијата на образовните асистенти, училишните стручни служби и здруженијата на граѓани. 3. Креирање на прирачник со практични упатства корисен за сите оние кои работат со млади луѓе кои имаат психосоцијални проблеми. Како дел од темите ќе се осврнеме на теми значајни за менталното здравје на младите како што се:– Анксиозност и депресија– Ризично однесување, што значи – насилно однесување/насилство од врсници, самоповредување и злоупотреба на супстанции– Градење на издржливост и самодоверба кај децата и младите– Дигиталното претставување на исти теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи. Во рамките на проектот се предвидени резултати: 1. Обуки за врснички едукатори кои ќе се реализираат во првото полугодие во Општинскиот Младински центар наменети за 8мо и 9то одделенци, средношколци и студенти [58 врснички едукатори во 5 групи] 2. Врсничка едукација која ќе се реализира од врсничките едукатори за сите генерации ученици во сите основни и средни училишта, како и на факултети во Битола [опфатени 4.120 ученици]. 3. Две групи за поддршка на истава тема за еднородителски семејства и семејства кои имаат дете со попреченост вклучено во образование [2 групи по 12 учесници]. 4. Креирање прирачник со практични искуства и насоки за сите оние кои работат со млади кои имаат психосоцијaлни проблеми. Веруваме дека овој проект ќе отвори посистематски процеси и ќе отвори дискусии за менталното здравје на младите во училиштата и факултетите како и во другите институции во Битола. Исто така, веруваме дека проектот ќе придонесе за намалување на стигмата за луѓето кои се соочуваат со психосоцијални проблеми и ќе доведе до поголемо прифаќање и поголема емпатија кај младите во Битола. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.
Моето искуство од една година во Холандија со ЕСК (Европскиот Солидарен Корпус)

Последни новости Моето искуство од една година во Холандија со ЕСК (Европскиот Солидарен Корпус) Од Јован Лешев Ако сте учествувале на каков било вид на волонтерска работа во кое било својство неизбежно сте прашани како или зошто би работеле платена работа без да бидете платени. Никогаш не е лесно да се објасни зошто или како некој одлучува да помине една година во странска земја за да служи како волонтер. Позитивните искуства, луѓето што ги запознав и предизвиците што морав да ги надминам додека живеев и служев како ЕСК волонтер во Холандија беа повеќе од доволна причина зошто сакам да ја споделам мојата приказна. Кога бев избран како волонтер од Rock Solid Foundation да служам во нивниот социјален ресторан Аан Тафел бев многу возбуден. Тоа беше една од моите долгогодишни желби да живеам во странство и ова беше совршена можност да го направам токму тоа. Aan Tafel е социјален ресторан во малото гратче Лунтерен управуван целосно од волонтери и со персонал од лица со посебни потреби. Работејќи во угостителството неколку години мислев дека ова ќе биде еден од најлесните предизвици со кои се соочив, но реалноста се покажа поинаква. Никогаш не сум делел работен простор со луѓе со посебни потреби. Иако моето време беше исполнето со предизвици сепак искуството таму ме научи на трпение, сочувство и солидарност – квалитети што треба да ги поседува секое човечко суштество ако сакаме да живееме во подобар свет. Моето време во Лунтерен и во Аан Тафел резултираше со можности да учам, да се усовршувам и да развијам вештини кои никогаш не мислев дека ми се потребни. Покрај тоа, имав одлични можности за средби, работа заедно и негување односи со луѓе од целиот свет, со различни возрасни групи и културни позадини, притоа помагајќи ми да разберам колку неверојатно слични сме сите кога станува збор за нашите основни вредности. Моето долгорочно волонтирање не беше ограничено само на работа во ресторанот. Фондацијата Рок Солид ни обезбеди мене и на моите колеги волонтери можности да направиме значајна волонтерска работа на голем број други проекти, како што се собирање храна и облека за луѓето на кои им е потребна и организирање креативни работилници за стари лица и лица со посебни потреби. Попатно учествував во разни други активности што ги правеа во кои се запознавме и споделивме искуства со други волонтери во Холандија што резултираше со поголема мрежа на луѓе и создавање на уште повеќе пријателства на патот. Меѓутоа, тоа не беше само работа и учење. Во текот на една година што ја поминав како волонтер морав да се научам да живеам во култура која е сосема различна од мојата, да патувам, да научам нов јазик и да посетувам места што никогаш претходно не сум ги видел. Дури добив шанса да се приклучам на локален хор и да создадам уште повеќе позитивни искуства за себе. Така што ако некој млад човек бара шанса да направи нешто значајно и да создаде прекрасни нови искуства додека живее во странство и запознава луѓе од целиот свет, ова е совршена можност за вас. Не двоумете се да волонтирате, без разлика дали тоа е вашето време, вашето знаење или понекогаш само вашиот позитивен став. Во социјалниот ресторан Аан Тафел во Лунтерен на ѕидот на трпезаријата виси цитат: „Кога имате повеќе отколку што ви треба – изгради поголема маса, а не повисока ограда.
Повик за локални волонтери

Вклучи се Повик за локални волонтери Волонтирањето е најдобриот начин за стекнување искуство, учење нови вештини, градење сопствена биографија, за личен и професионален развој, патување и помагање на заедницата во исто време. Зависно од потребите на ИМКА во даден момент вообичаено нудиме повеќе волонтерски позиции: Вклучување во волонтерски активности и акции на јавен простор Административна поддршка за настани или во канцеларија Логистичка поддршка за настани Мултимедијална поддршка тековно и за настани Дигитален маркетинг за промовирање на активностите Доколку имате волја за волонтирање зависно од вашиот интерес, мотивација, или квалификации, контактирајте не преку социјалните мрежи @ymca.mk да дознаете што моментално се случува во ИМКА и дали нудиме можност за вклучување во даден момент. Исто така може да се приклучете на нашата локална група на Фејсбук (само за Битола).