
Со проектов сакаме да воспоставиме врсничка школа за зачувување на менталното здравје на децата и младите која ќе се базира на принципите на неформално образование. Работилниците за врсничка едукација ќе се одвиваат на две локации, во просторот на Младинскиот Центар во Битола и во училиштата и факултетите каде понатаму ќе биде и имплементирана до крајните корисници. Главната методологија на работа ќе биде врсничка едукација пропратена со дополнителни структурирани елементи на настава на отворено и ќе се однесува на теми значајни за менталното здравје на младите како што се:
- Анксиозноста и депресијата,
- Ризично однесување под кое се подразбира – насилничкото однесување/врсничко насилство, самоповредување и злоупотреба на супстанци,
- Градење на резилиентност и самодоверба кај децата и младите,
- Дигиталната застапеност на истиве теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи.
Овие четири теми ќе се разработат и во врска со проблемите кои ги засегнуваат еднородителските семејства и нивните деца/млади, како и на семејствата со лица со попреченост кои имаат дете/млад човек во образование без разлика дали е тоа дете со или без попреченост. Конкретно овие две ранливи категории на деца и млади се под поголем ризик за нарушување на ментално здравје и трпат поголем притисок од своите врсници заради недоволна свест за проблемите со кои се сретнуваат (намален социјален статус поради сиромаштија, стигматизација и избегнување, недоволна информираност).
Покрај врсничката едукација на овие теми, ќе се воспостават и дополнителните групи за поддршка, една за проблемите на еднородителските семејства, а друга на семејствата на лицата со попреченост кои имаат дете или млад човек во образование. Овие групи ќе подразбираат вклучување на родители (од засегнатите две категории деца) за споделување на своите искуства со врсничките едукатори, стручните служби во училиштата и помеѓу себе. Дополнително ќе бидат поканети и родители на врсничките едукатори и образованите асистенти, како и други родители кои преку Советите на родителите во училиштата ќе се запознаат со нашиот проект и ќе бидат поканети да присуствуваат во овие групи. Овие групи ќе се состануваат и ќе работат во просториите на нашите партнери.
Дополнителна додадена вредност на влијание од овие групи и во однос на проектот и за градот Битола ќе биде поврзувањето на работите на овие групи со дел од сервисите кои веќе се нудат на ниво на Општина Битола за превенција на социјалните проблеми – тие на самохраните и еднородителските семејства, како и на тие поврзани со семејствата на лица со попреченост. Нашиот проект цели да се повикаат граѓанските организации да земат поголемо учество и во иднина, преку Општинскиот Младински Центар кој ќе овозможува едукаторите од ваков тип да се вмрежуваат и заеднички да соработуваат бидејќи тоа ќе ја зајакне нивната работа и ќе додаде на нивна препознатливост во јавноста. Во нашата Општина не постои заедничко делување на организациите кои нудат вакви сервиси, а нашиот модул за неформално образование воспоставен во Младинскиот Центар на оваа тема ќе послужи како врска помеѓу нив и децата и младите кои се запознаваат со темите.
Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Амос.