Впечатоци од дел учесници на еко камп SDG#13

Миа Научивме нови работи за животната средина и несомнено станавме помотивирани за да ја зачуваме истата, барем на локално ниво. Сигурна сум дека би присуствувала повторно на ваков тип настан. Сметам дека темата е опширна и има прилично многу за дискусија, а фактот дека истото можам да го правам со луѓе со сличен ментален склоп како мојот ме привлекува уште повеќе. Ана Самиот збор Еко(логија) многу ме влечи и сметам дека воопшто не сме одговорни за нашата околина доволно. Посакувам тоа да се промени и сум свесна дека почетната точка за тоа секогаш сум самата јас. Не треба да им кажуваме на другите што да прават, туку да нé гледаат ние што правиме и на тој начин да се мотивираат. Симона Еко кампот директно не вклучи во организација на наш отворен ден на кој се играа разни игри и се научија многу корисни информации за велосипедите и велосипедистите, како и заштитата на нашата животна средина со користење на велосипеди. Неколку денови низ игри учевме, а последниот ден тоа го пренесовме на децата како и на возрасните граѓани кои не посетија во градскиот парк. Играта се преточи во една преубава глетка на “БитолаНаТочак” со што завртиме еден голем круг околу нашиот град со велосипеди придружени од сите љубители на “точакот”. Сара Научив многу нешта, најпрво целите за одржлив развој за кои искрено немав обрнато особено внимание. Заедничките едукативни игри би ги издвоила како најзабавни и истите би ги применила понатаму во некоја дружба професионално или приватно. Ангела Најмногу впечаток ми остави последни од ден каде што успешно организиравме настан за деца пропратен со интересни игри поврзани со екологијата, зачувување на природата, возење велосипед. Сето тоа покрај забава и насмевка на детските лица, им пружи можност и за дознавање интересни факти поврзани со екологијата. За крај, со сигурност можам да кажам дека научив многу и овој камп ме поттикна да размислувам подлабоко за зачувување на нашата планета. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект

Искуството од Камп SDG#13

Од 21 до 26 август оваа година во рамки на проектот Climate change leaders/Youth led solutions, го реализиравме дневниот еко камп SDG13, поддржан од YMCA USA на кој зедоа учество единаесет 16-23 годишни млади ентузијасти, заинтересирани за екологијата, цели за одржлив развој и еко активизам од Битола. Првите три дена од кампот беа за влез и давање инпути во материјата, односно учење и продлабочување на знаењето за целите на одржлив развој, со посебен акцент на 13тата цел, климатските промени. Првиот ден кампот се одвиваше во Младинскиот Центар во Битола, додека следните два дена на отворено во Градскиот парк кој беше едногласно избран од сите учесници како место соодветно за учење за животната средина преку настава во природа. Активностите секој од деновите траеа по 3-4 часа со комбинација од работилници и вежби. Учесниците ги запознавме со мисијата на ИМКА, се запознаа меѓу себе, самостојно ги презентираа сите 17 цели на одржлив развој и имаа можност да изучуваат за циркуларна економија преку HP Life курсевите. Презентирани им беа примери за еко активизам, како во нашата земја така и од повеќе места од светот, како и разработување на актуелни еколошки проблеми и предлагање на решенија за истите. Исто така се разговараше и се предлагаа совети за зачувување на природата преку игри и занимливи активности на отворено. Третиот ден беше конкретно посветен на загадувањето на воздухот, предизвикувачи на загадување, преземени чекори за негово намалување и што ние како индивидуи можеме да допринесеме за почист воздух. Покрај другите, тука се наметна темата за начини на транспорт, нивната ефикасност, економичност и достапност на истите. Секој од работните денови завршуваше со евалуација на наученото од тековниот ден. За време на настанот најавена беше Европската недела на мобилност и можните активности кои би ги презеле ние како учесници на овој еко камп за споделување на дел од знаењата со други деца и млади на интерактивен и забавен начин. Се одлучи последниот ден од еко кампот да се одржи завршен настан целосно испланиран и спроведен од страна на сите учесници со нивни идеи и предлози, секако со целосна поддршка од тимот на ИМКА. Учесниците беа поделени во 3 тимови, и следниот ден се одржа состанок со секој од тимовите за координација каде беа избрани 15 идеи за активности на отворено со цел најава и поддршка на Неделата на мобилност. На 26.08.2023 под мотото Научи. Сподели. Вклучи се. Активирај се. започна отворениот настан во Градскиот парк во Битола со претходно подготвени игри за деца, Џенга, slack line, работилница за правење на беџови, импровизиран полигон за велосипедисти, едукативни игри и слично. Целта беше поголема свесност за велосипедизмот, здравиот начин на живот и заштитата на животната средина. Настанот беше посетен од голем број на млади од нашиот град и воведивме вело изненадувања за најдобрите посетители – велосипедисти. Среќни сме дека на настанот остваривме соработка со корпоративен партнер Алпско, како голем поддржувач на организациите кои подржуваат здрави начин на живот. После двочасовни активности со децата, настанот го завршивме со велосипедска тура низ битолските улици со велосипедисти од сите возрасти од нашиот град, како повик за поставување на вело патеки се со цел полесно и побезбедно движење на велосипедистите кои се се побројни во нашиот град.

Отворен повик за дневен камп SDG#13

За сите оние кои sакаат да научат нешто повеќе за зачувување на животна средина, имаат предзнаења за темата и сакаат да ги споделат со други млади лица, сакаат да се вклучат и активираат со можност за организација на јавен настан Профил на учесници:– Возраст од 15-29 години– Живеат или престојуваат во Битола– Можност за учество во деновите 21-26 Август Методологија: индивидуални и групни активности, презентации, дискусии, образование на отворено, дигитално образование, учење преку игри и искуства, можност за активирање и примена на дел од знаењата. Логистички информации:– Дневен камп работилници 21-23 Август– Планирање и организација на јавен настан 24-25 Август– Јавен настан 26 Август– Термини: секој ден 16.30-19.30 часот– Локации: Градски парк во Битола и Младински Центар Битола– Број на учесници: 20. Доколку има повеќе пријавени ќе има селекција.– Бесплатно учество условено со вклучеснот во сите активности Линк за апликација: https://bit.ly/YMCAdayCampSDG13. Проектот е поддржан и во рамките на програмата Youth-Led Solutions на YMCA.Развојот на методологијата и капацитетите се поддржани од Signs of Hope на CVJM.Работниот простор благодарение на Младинскиот Центар Битола.

Наоди од мониторинг: Битола – Вело град

Во периодот февруари-мај го спроведуваме проектот за мониторинг на предизборни ветувања. Следејќи ги нашите активности со цел поттикнување на зелени решенија и одржлива заедница ја следиме темата за изградба на велосипедска инфраструктура. Во прилог се активностите по месеци: Февруари: Истражување на предизборни ветувањаИстражувањето на предизборни ветувања беше низ онлајн етерот следејќи поранешни медиумски објави, изјави на политичари и понудени предизборни програми. Главен предизвик ни беше што предизборните програми се повлечени од интернет просторот и за изнаоѓање на релевантен материјал контактиравме со членови на партиите кои се во градскиот Совет. Во однос на предизборните програми јавно достапна е само таа на независната група Поинаку, а во консултации со партиите ги добивме програмите и на двата најголеми коалициски блока предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Март: Истражување на општински документиСе согледуваше вклученоста на темата од предизборното ветување во постоечки официјални документи на Општина Битола (програми, стратегии сл.). Истражувањето беше електронски на официјалните општински канали како што е веб-страницата и објави на социјалните медиуми на општината. Се пребаруваа исто така и веб портали кои пренеле одредена информација за бараниот податок на темата од предизборните ветувања. Истo така се поднесе и барање за пристап до информации од јавен карактер. Покрај минатите се истражуваа и постоечки документи за тековни планирани активности во 2023 година. Април: Средби со општински функционери и советнициСе реализираа средби и разговори со клучни општински функционери и вработени во Општина Битола поврзани со темата за предизборното ветување. Конкретно се одржаа средби со Секретарот на Општината, со Раководителот на Локален Економски Развој кој воедно е и одговорен за спроведување на проектот за велосипедски патеки и разговор со Директорката на ЈП за урбанистичко планирање. Мај: Анкетно истражување и јавна информативна сесија за проект вело патекиАнкетно истраување за безбедноста и употребата на велосипедот како превозно средство и споредба на наодите од слични анкети кои ги правевме во 2015 и 2018. Со цел споделување на ставот на вело заедницата се зеде учество на комисијата за локален економски развој. Исто така се одржа и јавна информативна сесија со вклучување на сите релевантни чинители за проектот велосипедски патеки со цел доближување на последните информации за проектот на јавноста. Јуни: Споделување на резултатите од наодите со јавностаСподелувањето на резултатите со јавноста е преку неколку фокусирани објави на социјалните медиуми, гостување на регионална телевизија, вклучување во живо на национална телевизија, прилог од јавната инфо сесија, тематски подкаст, средношколски подкаст, споделување на инфографици, делење на печатена брошура, а во план се и изработка на вело мотивациски лепенки. Наоди / Резултати: Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект

Искуството на Наташа од тренинг курсот “Youth work in Green entrepreneurs”

Од Наташа Дарков Во периодот од 1-7 мај во Струга, Коалиција на младински организации СЕГА во рамки на Еразмус + програмата го спроведе интернационалниот тренинг курс “Youth work in Green entrepreneurs” кој вклучи младински работници од Македонија, Словачка и Турција. Среќна сум што учествував како претставник на ИМКА со што се стекнав со нови знаења и способности во областа на зеленото претприемништво. Имајќи го предвид малиот број на учесници имавме шанса за поголема дискусија и можност да добиеме подобра менторска поддршка од организаторите. Темата беше детално разработена со основни информации за претприемништво и секако зелени бизнис идеи и развој на истите. Секој учесник требаше да разработи детален бизнис план за својата идеа со посебен акцент на зеленото претприемништво. Тренинг курсот беше базиран на иновативен пристап до зеленото претприемништво како одржлив модел на бизнис со зачувување на околината и подигнување на младинската вработливост. Почнувајќи од основите за претприемништво (дефиниции, вештини и способности) преку основните фактори за успешен бизнис (јасни цели, бизнис идеа, организација, маркетинг, SWOT анализа) за брзо време стигнавме до фазата на планирање на нашиот зелен бизнис притоа земајќи ја предвид и нашата околина (семејство, пријатели, познаници, институции, банки) кој и како би можел да ни помогне. Зелените бизнис идеи беа анализирани и проценувани дали се профитабилни, иновативни, реални и сл. Следуваше фазата на разработка на маркетинг план за нашите идеи по што ги финализиравме со изработка на финансиски план за бизнис идеите. Последниот ден со вака разработени концепти ги презентиравме зелените идеи и решенија на интересен и интерактивен начин по што следуваше и одредување на најдобра бизнис идеа.

Мониторинг: Битола – Вело град

Во рамките на програмата мобилизатори на заедниците Младинска Асоцијација ИМКА Битола со проектот „Битола – Вело град“ го набљудува исполнувањето на предизборното ветување за реализација на велосипедска инфраструктура во Битола. Мониторингот на изборните ветувања на политичките партии и мобилизирањето на заедницата за барање отчет и исполнување на ветеното е дел од проектот поддршка на изборните реформи. ИМКА е вклучена во овој проект со активности кои подразбираат набљудување на изборното ветување за изградба на велосипедски патеки и инфраструктура во Битола. Во рамките на активностите предвидено е истражување на официјални објави и документи, состаноци со повеќе чинители, анкетно истражување и инфо сесија. Со оваа иницијатива ќе се мониторира изборното ветување за реконструкција и изградба на нови пешачки и велосипедски патеки. Пешачките и велосипедски патеки се од исклучително значење за општина како што е Битола. Постојат голем број на луѓе кои секојдневно сакаат да рекреираат или да пешачат низ градот, но голем дел од нив велосипедите или пешачењето го користат и за да стигнат до одредена дестинација (работа, училиште и сл.). Со овозможување на посебни пешачки и велосипедски зони низ градот, жителите на Битола ќе се здобијат со голем број на здравствени и еколошки придобивки. Добиените резултати од мониторингот ќе се споделат со јавноста преку: постови на социјалните мрежи, соопштение до медиуми, инфо сесија. Овие активности се спроведуваат во соработка со Стратешки менаџмент системи (СМС) и имаат за цел да го зголемат ангажманот на заедницата за прашања релевантни за нив. „Поддршка на изборните реформи“ е Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Листата на сите иновативни иницијативи во рамките на овој проект за 2022 и 2023 година може да ја најдете тука.

Зелена агенда преку Зелен Баир и 1000 шуми за 1 желад

Неколку години по ред ИМКА ја поддржува иницијативата „Зелен Баир“ која се труди да ја реализира идејата за пошумување на делови од месноста наречена Баир во Битола. Тоа е област која се состои од оголени ридови кои настрадаа од пожарот пред неколку години во овој дел од градот. Ова е четврта по ред ваква акција и овој пат беа засадени 200 зимзелени садници од црн бор. Во минатите три години беа засадени повеќе од 400 зимзелени садници во оваа област, од кои дел успешно се адаптирани и веќе го зазеленуваат просторот. Повеќе здруженија на граѓани и некои компании ја поддржуваат оваа иницијатива која се надеваме дека ќе продолжи да се случува и во иднина. Повеќе инфо и фотографии од активностите може да погледнете тука и тука. Дополнително на ова во втората половина на месец октомври 2022 година тимот на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ, каде што  ИМКА е дел ja започна подготовката за реализација на еколошката акција „1000 шуми од 1 желад” која има за цел да ја подигне еколошката свест кај децата и возрасните за значењето на дрвјата во процесот на заштита на животната средина. Aкцијата се состоеше од собирање на здрави дабови желади кои беа поделени на деца од основното образование со цел нивно засадување во домашни услови, одгледување на дрвцата и нивно пресадување на постојана локација. Со оваа акција сакаме да ги заинтересираме за нивно активно вклучување во процесот на садење на нови дрвја, а и да ги мотивираме да продолжат со ваквите здрави навики во иднина. Целта е секое дете да си има свое сопствено дабово дрвце кое ќе го одгледува и покасно ќе го засади на определена локација. Годинава оваа акција како пилот проект се организираше во три основни училишта во Битола (ОУ Св.Климент Охридски, во  ОУ Даме Груев и ОУ Гоце Делчев) во рамките на дополнување на наставата по природни науки. Повеќе слики и видео од акцијата може да погледнете на следниот линк и видео.

Критична Маса #62

Во мај 2014 граѓанската иницијатива Битола #наТочак ја поттикна првата #КритичнаМаса. Tогаш за прв пат ги повикавме граѓаните да излезат и недвосмислено да упатат порака до јавните функционери дека сообраќајот во Битола е практично насилие на асфалтот кое се негува и храни со политиките кои се верглаат со децении, а посебно последните години. Сето ова резултира со истиснување и бркање на граѓаните кои се движат на алтернативни начини (пешки, #наТочак, со помагала поради физички попречености, родители со мали деца и сл.) од градските улици и нивно принудување на премин кон движење со кола како единствен начин кој е безбеден во дадениве услови. Еве и по 8 години, градот не само што се соочува со истиот проблем туку почнува немилосрдно да се бори со наглото зголемување на бројот на возила, што создава дополнителен загушлив сообраќаен метеж, а граѓаните кои сакат да бидат активни и да се движат на алтернативните начини, да бидат фрлени во оган заедно со тешкашите на коловозот. Она што очекуваме од локалните јавно избрани функционери, е да покажат елементарен осет за безбедност за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура.  Како засегнати граѓани секогаш сме биле сојузник на Општината укажувајќи на локалните власти дека овој систем на сообраќај е неодржлив и дека Општината по децении инвестиции само во замена на асфалт и проширување на улиците со цел проток и удобност на колите, време е да се сврти назад и да види дека си ги заборави своите граѓани кои секојдневно се движат во градските улици во крајно незбезбедни услови. И покрај тоа што граѓаните еве 61 пат излегле на улица со јасни пораки, сепак влијанието на Општината останува 0 километри изградена вело ифраструктура. Во меѓувреме се градат бројни проширени и новоотворени улици без планирање на велосипедскиот сообраќај. Бројни ветувања за конечен пресврт и планирање на инвестициите за Битола да стане пред се град за луѓе, а не град загушен во моторни возила. На последниве локални избори сите партии и групи кои го сочинуваат градскиот Совет беа ЕДНОГЛАСНИ дека нашите реакции се оправдани и потребни и дека ќе се залагаат за промени во планирањето на сообраќајот. Кога веќе го имаме тој консензус не гледаме причини за дополнителни одлагања. Битола може да стане вело град во еден мандат доколку тоа се постави како стратешка цел. Засега тоа не го гледаме. Додека цел свет инвестира во одржливи начини на живот, ние остануваме заглавени во минатото. Повеќе фотографии од настанот може да погледнете тука.