Критична Маса #62

Во мај 2014 граѓанската иницијатива Битола #наТочак ја поттикна првата #КритичнаМаса. Tогаш за прв пат ги повикавме граѓаните да излезат и недвосмислено да упатат порака до јавните функционери дека сообраќајот во Битола е практично насилие на асфалтот кое се негува и храни со политиките кои се верглаат со децении, а посебно последните години. Сето ова резултира со истиснување и бркање на граѓаните кои се движат на алтернативни начини (пешки, #наТочак, со помагала поради физички попречености, родители со мали деца и сл.) од градските улици и нивно принудување на премин кон движење со кола како единствен начин кој е безбеден во дадениве услови. Еве и по 8 години, градот не само што се соочува со истиот проблем туку почнува немилосрдно да се бори со наглото зголемување на бројот на возила, што создава дополнителен загушлив сообраќаен метеж, а граѓаните кои сакат да бидат активни и да се движат на алтернативните начини, да бидат фрлени во оган заедно со тешкашите на коловозот.

Она што очекуваме од локалните јавно избрани функционери, е да покажат елементарен осет за безбедност за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура.  Како засегнати граѓани секогаш сме биле сојузник на Општината укажувајќи на локалните власти дека овој систем на сообраќај е неодржлив и дека Општината по децении инвестиции само во замена на асфалт и проширување на улиците со цел проток и удобност на колите, време е да се сврти назад и да види дека си ги заборави своите граѓани кои секојдневно се движат во градските улици во крајно незбезбедни услови.

И покрај тоа што граѓаните еве 61 пат излегле на улица со јасни пораки, сепак влијанието на Општината останува 0 километри изградена вело ифраструктура. Во меѓувреме се градат бројни проширени и новоотворени улици без планирање на велосипедскиот сообраќај. Бројни ветувања за конечен пресврт и планирање на инвестициите за Битола да стане пред се град за луѓе, а не град загушен во моторни возила. На последниве локални избори сите партии и групи кои го сочинуваат градскиот Совет беа ЕДНОГЛАСНИ дека нашите реакции се оправдани и потребни и дека ќе се залагаат за промени во планирањето на сообраќајот. Кога веќе го имаме тој консензус не гледаме причини за дополнителни одлагања. Битола може да стане вело град во еден мандат доколку тоа се постави како стратешка цел. Засега тоа не го гледаме. Додека цел свет инвестира во одржливи начини на живот, ние остануваме заглавени во минатото. Повеќе фотографии од настанот може да погледнете тука.