Наоди од мониторинг: Битола – Вело град

Во периодот февруари-мај го спроведуваме проектот за мониторинг на предизборни ветувања. Следејќи ги нашите активности со цел поттикнување на зелени решенија и одржлива заедница ја следиме темата за изградба на велосипедска инфраструктура. Во прилог се активностите по месеци:

Февруари: Истражување на предизборни ветувања
Истражувањето на предизборни ветувања беше низ онлајн етерот следејќи поранешни медиумски објави, изјави на политичари и понудени предизборни програми. Главен предизвик ни беше што предизборните програми се повлечени од интернет просторот и за изнаоѓање на релевантен материјал контактиравме со членови на партиите кои се во градскиот Совет. Во однос на предизборните програми јавно достапна е само таа на независната група Поинаку, а во консултации со партиите ги добивме програмите и на двата најголеми коалициски блока предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Март: Истражување на општински документи
Се согледуваше вклученоста на темата од предизборното ветување во постоечки официјални документи на Општина Битола (програми, стратегии сл.). Истражувањето беше електронски на официјалните општински канали како што е веб-страницата и објави на социјалните медиуми на општината. Се пребаруваа исто така и веб портали кои пренеле одредена информација за бараниот податок на темата од предизборните ветувања. Истo така се поднесе и барање за пристап до информации од јавен карактер. Покрај минатите се истражуваа и постоечки документи за тековни планирани активности во 2023 година.

Април: Средби со општински функционери и советници
Се реализираа средби и разговори со клучни општински функционери и вработени во Општина Битола поврзани со темата за предизборното ветување. Конкретно се одржаа средби со Секретарот на Општината, со Раководителот на Локален Економски Развој кој воедно е и одговорен за спроведување на проектот за велосипедски патеки и разговор со Директорката на ЈП за урбанистичко планирање.

Наоди / Резултати (заклучно месец април):

  • Темата за велосипедска инфраструктура во Битола е идентификувана како приоритет и вклучена во последниот ЛЕАП (локален еколошки акционен план), но со пробиени рокови.
  • Во рамките на јавниот форум на граѓански дијалог граѓаните ја идентификуваат темата како еден од врвните четири приоритети.
  • За тековниов период имаме најава за проектот преку изјава и обраќање на Градоначалникот и имаме потврда на истото дека активно се работи на финализирање на проектната документација преку објава на општинската веб страна и преку разговорите со претставниците од општината со кои се сретнавме.
  • Истово е потврдено и преку вклученост на изработка на проектна документација за конкретниот проект (реконструкција на тротоари и изведба на велосипедски патеки на улиците Генерал Васко Карангелевски и Партизанска) во планот за јавни набавки за 2023.
  • Исто така имаме и потврда преку информација од јавен карактер дека Општината има одобрен сообраќаен проект од 2014 година и дека се работи на финализирање на проектната документација за активности на терен на споменатите две улици предвидени за оваа година.

Предвидени активности за мај: анкетно истражување за безбедноста и употребата на велосипедот како превозно средство и споредба на наодите од слични анкети кои ги правевме во 2015 и 2018, како и јавна информативна сесија со вклучување на клучните чинители во темава.

Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект: