Сведоштва од врсничката школа за ученици од основните училишта

Последни новости Сведоштва од врсничката школа за ученици од основните училишта Јована Георгиевска, училиште Д-р. Трифун Пановски Од сите теми, “Како да се справиме со врсничко насилство” беше моја омилена тема за презентирање бидејќи ние ги поучувавме децата како да се спротивстават и да создадат своја самодоверба. Во иднина, би сакала повторно да сум врснички едукатор бидејќи сметам дека ова е важна тема на која и треба да се зборува не само на час, бидејќи секојдневно ја гледаме но многумина не прават ништо да ја спречат. Фуркан Метлику, училиште Гоце Делчев Со помош на предавачите и работилниците станав посамоуверен и подготвен да зборувам пред други. Најмногу ме заинтересира темата за психичко насилство, затоа што тоа често се случува, а тешко се препознава. На презентациите пред учениците ме радуваше тоа што учениците слушаа внимателно и покажаа интерес. Верувам дека научија нешто важно. Би сакал повторно да бидам врснички едукатор, затоа што ова искуство ми помогна да се изразувам подобро, да стекнам самодоверба и да бидам поддршка за другите. Мерт Рустемов, училиште Даме Груев Да бидам врснички едукатор за спречување на насилство за мене беше голема одговорност, но и можност да научам нешто ново и да помогнам на другите. Преку работилниците и обуките добив самодоверба и се чувствував подготвен да зборувам пред други ученици. Темата за врсничкото насилство ја сметам за многу важна, бидејќи секој од нас има право да биде безбеден и почитуван во училиштето. Најинтересно ми беше кога преку игри и дискусии научивме како да препознаеме различни видови насилство и како правилно да реагираме. Се чувствував најмногу возбуден кога требаше да зборувам пред другите ученици, но со текот на времето сфатив дека нема место за срам и страв – важно е да се зборува отворено. Сметам дека ваквите активности се исклучително важни и би сакал повторно да бидам врснички едукатор. Чувството дека можам да направам промена, дури и мала, ми дава сила да продолжам. Јован Гроздановски, училиште Коле Канински Кога слушнав за оваа работилница јас имав трема за запознавање со нови деца, но со секоја нова работилница јас се опуштив се повеќе и повеќе. Пред да презентирам во моето училиште како врснички едукатор, јас имав страв, но за време на презентацијата јас се опуштив. Нешто што ми помогна да се опуштам се децата кои учествуваа на работилницата, бидејќи тие беа отворени и споделуваа свои искуства со врснички насилство и како тие се справуваа со тоа. Јана Лозанче, училиште Св. Кирил и Методиј Работилниците ни помогнаа да се поврземе меѓу себе, да изградиме тимска доверба и да се чувствуваме сигурно кога зборуваме пред други ученици. Најинтересен дел ми беше кога учениците споделуваа искуства за насилство што го преживеале или го виделе. Тоа беше момент кога навистина почувствував колку оваа тема е сериозна и важна. Во тие моменти научив дека секое дете крие приказна зад своето однесување и дека треба да бидеме тука едни за други. Најтежок дел ми беше подготовката за презентацијата. Иако бевме подготвени и имавме поддршка сепак имав трема и се прашував дали ќе кажам се како што треба. Но, кога видов дека децата навистина слушаат почувствував дека навистина правиме нешто добро. Би сакала повторно да бидам дел од вакви активности, дури и да бидам повторно врснички едукатор.

Врсничката едукација се прошири и во основните училишта во Битола

Последни новости Врсничката едукација се прошири и во основните училишта во Битола По успешната реализација со средношколците во првото полугодие, проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА продолжи и во второто полугодие, но овој пат со нова целна група – ученици од повисоките одделенија во основните училишта. Од вкупно десет основни училишта во Битола, девет од нив се вклучија во иницијативата, секое со 2-3 мотивирани ученици од 8 и 9 одделение. Нивниот ентузијазам уште еднаш покажа колку темата за врсничко насилство е актуелна и колку е важно да се зборува отворено за неа. Во текот на два месеци, учениците беа поделени во две групи и поминаа низ четири тематски модули прилагодени на нивната возраст и разбирање. Темите беа исти како и кај средношколците: стилови на комуникација, поимот моќ и влијание, видови на насилство (физичко, психичко, социјално и сајбер-насилство), како и поимот ненасилна комуникација – пристап кој секој може да го научи и да го практикува во секојдневието. Работилниците понудија можност за размислување, учење и градење емпатија меѓу врсниците. Креативната работилница се реализираше на поинаков начин од онаа за средношколците. Наместо водена медитација, основците избираа слика која ги потсетува или ги асоцира на врсничко насилство и ја претставуваа на хартија преку цртеж и лично толкување. Целта беше емоциите и мислите да се изразат на безбеден и креативен начин. Сите сесии беа водени од психолог и младински работник од ИМКА, а во уметничката сесија се вклучи и локален уметник кој им помогна на учениците во креативниот израз. По завршувањето на четирите модули и креативната работилница, обучените ученици (врснички едукатори) одржаа презентации и кратки едукации пред своите соученици и одделенија до крајот на мај 2025. Овие активности беа одлично прифатени од училиштата, стручните служби, но пред сè од самите ученици, за кои беа и наменети. На крајот на учебната година, организиравме свечено доделување на сертификати за врсничките едукатори кои успешно ја завршија програмата и ја пренесоа едукацијата во своите училишта. За време на настанот беа изложени и нивните цртежи од креативната работилница, како сведоштво за нивниот труд и посветеност. Дваесет ученици успешно ја завршија врсничката школа, а преку нивните активности беа опфатени над 350 ученици во основните училишта во градот. Ова искуство им помогна да се изградат како лидери и поддржувачи на позитивни промени во нивната околина. Проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА претставува продолжение на иницијативата за врсничка школа во рамките на Младинскиот Центар во Битола на теми поврзани со менталното здравје, кои се релевантни за младите, како и за самата Општина. Проектот е поддржан од Signs of Hope (CVJM) и Општина Битола и се реализира во соработка со 9 основни училишта во градот.

Повик за учесници на летни кампови [Young Men’s Leadership Project] и [Girls Leading Our World]

Вклучи се Повик за учесници на летни кампови [Young Men’s Leadership Project] и [Girls Leading Our World] ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ  YMLP (Young Men’s Leadership Project) и GLOW (Girls Leading Our World) се тродневни кампови за 30 девојчиња (GLOW) и 30 момчиња (YMLP) кои промовираат лидерство, граѓански ангажман и пријателство. Програмата на GLOW и YMLP се спроведува од младинската асоцијација ИМКА во партнерство со волонтери од Мировниот Корпус. Мисијата на YMCA е оспособување на младите луѓе и развивање на вродениот потенцијал кој тие го поседуваат преку обезбедување на вештини и знаења неопходни за да станат активни лидери во заедницата. Ова се прави преку искуствено образование кое промовира разноликост, гради академски и социјални вештини кај младите.   НАСТАВЕН ПЛАН Основната наставна програма на камповите вклучува: Личен раст Учесниците ќе бидат оспособени со нови вештини за личен раст и ментално здравје. Зајакнување на девојките за да бидат еднакво вклучени во носењето на одлуки во заедницата. Кариерен развој Учесниците ќе научат како да бидат лидери и да служат за пример во заедницата. Учесниците ќе научат како да ги развијат, да ги продаваат и да ги користат своите вештини при барање и идно вработување. Граѓанска одговорност Учесниците ќе научат за нивната заедница и како да станат активни учесници во нејзиното обликување. Учесниците ќе научат како да ја ценат животната средина и позитивно влијаат на неа. Дополнително кампот нуди посебни изборни часови. Како на пример: Американски спортови (бејзбол, ултимејт фризби, американски фудбал), музика, јога, креативно пишување, други активности на отворено и др.   ИСКУСТВО НА ОТВОРЕНО YMLP и GLOW се летни кампови во американски стил. Покрај учењето на часови, учесниците учат за еколошката свест и учествуваат во активности на отворено. За време на кампот ќе има и тимски натпревари кои ќе помогнат да се развие тимски дух преку интелектуални и физички игри. Иако поголемиот дел од камповите е на отворено, тие ќе се одвиваат и во различни временски услови, сонце или дожд!   РЕДОВЕН ДЕН НА КАМП 8:30 – 9:00 Доаѓање и почеток на денот9:00 – 9:30 Утринска најава, пораки за денот9:30 – 10:30 Сесија 1 (пр. Личен развој)10:30 – 11:30 Сесија 2 (пр. Лидерство)11:30 – 12:00 Време со тимот (градење на заедништво)12:00 – 13:00 Ручек13:00 – 14:00 Сесија 3 (пр. Животна средина)14:00 – 15:00 Сесија 4 (пр. Граѓанска одговорност)15:00 – 16:00 Изборен час (лабава програма)16:00 – 16:30 Време со тимот (градење на заедништво)16:30 – 17:00 Затворање на денот и клучни пораки   ПРАВИЛА НА КАМПОТ Со цел да се осигура безбедноста на сите учесници, следниве правила на кампот ќе бидат спроведени. Непочитување на било кое од нив може да доведе до отпуштање од кампот. Распоред на кампот – Сите учесници мора да бидат точни и навремени на сите часови и активности. Учесниците ќе се задржат на одредена локација се додека не бидат ослободени од одговорното лице. Посетеност – Сите часови се задолжителни, освен оние кои се поинаку наведени. Позитивен став – Почитување и разбирање на другите учесници и персоналот се очекува во секое време. Англиски јазик – Од секој учесник се очекува да зборува англиски јазик во текот на кампот. Цигари, дрога, алкохол – Дрога, цигари и пиење алкохолни пијалаци е строго ЗАБРАНЕТО. Мобилни телефони, таблети и лаптопи – Користењето на технологијата од учесниците е ЗАБРАНЕТО за време на сите активности на кампот. Учесниците ќе бидат достапни на службениот мобилен телефон при итни ситуации.   КОЈ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВА (ПОДОБНОСТ)? YMLP и GLOW очекуваат апликанти кои имаат нагласен лидерски потенцијал и посветеност кон волонтирање во училишните и вон-наставни активности. Подобните апликанти МОРА да бидат слободни за учество во текот на целата програма на кампот. Камперите треба да се запишуваат во 8мо, 9то одделение, 1ва, 2ра или 3та година на училиште оваа есен и да имаат добро познавање на англискиот јазик.   ЧЕКОРИ ВО ПРОЦЕСОТ НА АПЛИЦИРАЊЕ Редоследно, чекорите во процесот на аплицирање се следниве: Апликации: до 12 Јуни: Кандидатите аплицираат за кампот преку онлајн апликацијата. Интервјуа: до 13 Јуни: Дел од апликантите ќе бидат интервјуирани од претставници на камп персоналот. Известување: 13 Јуни: Апликантите ќе бидат известени за нивната апликација (прифатени, на листа на чекање и др.). Последни подготовки: До 17 Јуни: Учесниците треба да имаат платено партиципација и доставени формулари! Листа на чекање: до 17 Јуни: Апликантите од листа на чекање ќе бидат известени за потенцијални отворени позиции. Дати на камповите: Јуни 19-21 (YMLP камп за момчиња) Јуни 26-28 (GLOW камп за девојчиња) Апликацијата за кампот може да ја најдете ТУКА. КРАЕН РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ Е 12ти ЈУНИ, 2025   ИНФОРМАЦИИ ЗА ЛОГИСТИКА YMLP и GLOW се одржува во преубавиот двор на Педагошкиот Факултет во Битола. Учесниците ќе работат на отворено, а во случај на дожд во затворен простор. Учесниците ќе имаат пристап до тоалети. Облека Учесниците треба да носат комотна облека Удобна за да може да учествуваат во активности со движење/трчање Облека за отворено за која е во ред да се валка Дополнителна, доколку времето е дожливо или ладно Патики или сандали Друго Заштита од сончање (предлог) Шише за повеќекратна употреба (предлог) Ранец/Чанте (предлог)   НАДОМЕСТ ЗА УЧЕСТВО Учесниците треба да платат партиципација од 1.500 МКД после нивното прифаќање. Партиципацијата вклучува: оброци, освежување, материјали за работа и превоз до Пелистер на последниот ден од програмата на кампот. Учесниците се должни да ја платат партиципацијата по нивното прифаќање пред да учествуваат на кампот. Благодарение на нашите партнери и индивидуални донатори, како и на волонтерите кои несебично го донираат своето време и знаење, ИМКА е во можност да покрие поголем дел од трошоците. Покрај тоа нудиме можност за покривање до 20 партиципации за учесници кои не се во можност да ја платат партиципацијата. Ако учесникот не е во можност да ја плати партиципацијата, може да побара да пополни апликација за стипендија по неговото прифаќање преку нашата контакт форма.

GLOW клуб 2025: Девојки во подем

Последни новости GLOW клуб 2025: Девојки во подем Во 2024 година, гордо го вративме клубот GLOW во Битолa по паузата поради пандемијата, повторно обединувајќи и инспирирајќи нова генерација млади девојки преку работилници за лидерство, волонтирање, комуникација и практични вештини. Надоградувајќи се на таа силна основа, 2025 година го носи патувањето понатаму со свежи теми, подлабоко учење и уште повеќе можности за раст. Во 2025 година се продолжи со одржување на работилници за младите девојки, со фокус на нови непокриени теми од интерес за нив. Седмата сесија беше на тема емоционална интелигенција, водена од психолозите Билјана Толевска Наумовска и Орхидеја Робевска. Оваа тема ги прошири знаењата на девојките во однос на самата дефиниција, концептите на ЕИ, нејзиното потекло. Следуваше интерактивна вежба на психодрама во која беа вклучени сите девојки преку лични искуства да го споделат и зајакнат своето знаење на темата. Сесијата заврши со многу позитивни впечатоци, како и ветување за поголема работа на себеси. Осма сесија се одлучивме да биде јога и на наше големо задоволство, поголем број од девојките немаа вакво искуство и за првпат се среќаваа со овој тип на активност корисна за нивниот развој. Јога инструктор ни беше Бојана Артиновска, која несебично го сподели своето знаење, два часа вовед во јогата со конкретни вежби, кои подоцна одлучивме да се применат и во нашиот иден GLOW камп. Јогата ги размрда нашите девојки и ги подготви и во своите домови да продолжат да ја применуваат и понатаму, доколку им се допаѓа. Деветта сесија која беше посветена на социјално претприемништво, водена од долгогодишен искусен социјален иноватор, Анита  Гаговска беше нешто ново како тема, дотогаш не искусено од страна на нашите девојки. Преку неколку игри на запознавање и игри со сценарија се навлезе длабоко во оваа тема каде што секоја од девојките споделуваше предизвици во нејзиното опкружување како и можни иновативни решенија за истите. Целта на GLOW клубот е поголема вклученост на младите девојки во секојдневниот општествен живот, охрабрување да се соочат со предизвиците и вклучување во нивно решавање во реалниот живот. Овој циклус на GLOW клубот го завршивме со десетта и последна сесија на тема финансиска писменост водена од Џеф Спенсер, волонтер на Мировниот корпус кој со сите нас сподели еден дел од своето богато работно искуство. Во текот на својот живот работел како менаџер, професор, финансиски советник и осигурителен агент. На оваа сесија се покрија голем број на теми за основите на финансиите, добро менаџирање со своите пари, типови на заштеда, долгови, инвестиции во иднината и слично, приспособени на возраста. Девојките имаа можност да добијат нови знаења, да прашаат финансиски советник многу прашања и да добијат одговори од прва рака. Со овие десет разновидни сесии, посветени на личниот раст и кариерен развој на младите девојки од нашиот град, отворање на нови видици, вклучување во волонтерски акции за поголема вклученост во општеството, поставивме една основа за понатамошно постоење и напредок на овој клуб. Во јуни оваа година се планира и тридневен GLOW камп каде што овие девојки, заедно со нови заинтересирани би го вратиле сјајот на минатогодишните кампови. Досега, веруваме дека нашиот клуб GLOW имаше позитивно влијание врз девојките кои присуствуваа на нашите сесии. Во десет сесии опфативме широк спектар на теми за да ги едуцираме и подготвиме учесниците за нивните следни чекори во животот. Со нетрпение очекуваме да го продолжиме овој прекрасен проект во есен 2025 година со надежи за негово проширување!

Можности за практикантство во ИМКА: Поддршка на младите професионалци во нивниот развој

Последни новости Можности за практикантство во ИМКА: Поддршка на младите професионалци во нивниот развој Леона Практиканството ми помогна на неколку начини. Ми даде можност да го применам моето академско знаење во реална средина, овозможувајќи ми да стекнам практично искуство во графичкиот дизајн. Работата на различни проекти ми помогна да ги развијам моите креативни вештини, да го подобрам мојот процес на дизајнирање и да станам посигурна во моите способности. Дополнително, праксата ме научи како ефикасно да работам во тим, да соработувам со другите и да ги исполнувам роковите, што се вредни вештини за мојата идна кариера. Исто така, ми овозможи подобро разбирање на професионалната средина и важноста на комуникацијата и повратните информации за постигнување квалитетни резултати. Генерално, ова искуство значително придонесе за мојот личен и професионален развој. Фидела Моето име е Фидела и сум студент на мастер студии. Во текот на моите студии имав можност да станам дел од ИМКА како практикант. Сакам да споделам дека во времето на мојата практиканска работа во организацијата стекнав вештини и знаења што многу придонесоа за мене како студент, како и за мојот професионален развој. Дополнително, би сакала да го истакнам и моето позитивно искуство во работата со мојот ментор, бидејќи неговата поддршка и соработка значително допринесе за успешното извршување на моите задачи.

Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА

Последни новости Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА Оваа година ИМКА направи дополнителни чекори во обезбедување структурирана и влијателна поддршка за кариерно насочување на младите. Врз основа на сертифицирањето на нашите младински работници во методологијата ProfillPASS, како и во методологијата за животни вештини и вработливост од проектот „Овозможување нови можности за младите“, ИМКА успешно започна со индивидуална и групна кариерна поддршка. Изминатата година започнавме со индивидуално кариерно советување, а оваа година започнавме да работиме и со групи врсници, при што и двата пристапи имаат за цел да им помогнат на младите подобро да се запознаат себеси и да донесат информирани одлуки за нивната иднина. Без разлика дали се работи за индивидуална или групна поддршка, пристапот на ИМКА се базира на два главни компоненти: развој на кариерни (најчесто „меки“) вештини и развој на животни вештини (преку различни активности за изградба на карактер). Во однос на групната кариерна поддршка, во март оваа година во рамките на активностите кои ИМКА ги прави во младинскиот центар, пилотиравме серија од три работилници наменети за ученици од основно и средно образование. Сесиите беа прилагодени на возраста на учесниците. Младите имаа можност да ја истражат важноста на личноста и самосвеста како основа за избор на значајна кариера. Секоја работилница беше посветена на: Подлабоко само запознавање, Поставување јасни и достижни лични и кариерни цели, Креирање на CV и лична портфолио-папка, Изградба на професионална мрежа. Во текот на сесиите, младите учесници се сретнаа и со инспиративни личности и нивните кариерни патеки во областа на психологијата, музиката, академијата и граѓанското општество. На последната работилница, учесниците креативно ги обликуваа своите замислени кариерни патеки, зајакнувајќи ја свеста за важноста од носење промислени животни одлуки. Обучувачи на овие три работилници беа проф. д-р Сашо Кочанковски (психолог и гешталт-терапевт) и Анита Гаговска (социјален иноватор). Овие структуирани активности одговараат на растечката потреба од достапно кариерно советување. Нашата цел е да го намалиме јазот помеѓу потенцијалот на младите и побарувањата на пазарот преку иницирање соработка со училишта, компании и локални едукатори за создавање посилен екосистем за развој на младите. Со ова, ИМКА уште еднаш ја потврдува својата мисија да ги поддржи младите во нивниот личен и професионален развој преку релевантни, базирани на докази и младински-фокусирани иницијативи.

Campacity – Патување исполнето со учење, поврзување и инспирација

Последни новости Campacity – Патување исполнето со учење, поврзување и инспирација Во периодот од 27 до 31 март 2025 година, двајца претставници од ИМКА имаа извонредна можност да учествуваат на Campacity 2025 – конференција за градење капацитети на YMCA кампови од Европа и САД. Оваа година, настанот се одржа во Перспектив Фабрик, прекрасен камп лоциран близу градот Бранденбург ан дер Хавел, западно од Берлин, Германија. Campacity е годишна конференција која секоја година се организира во различна земја, во заедничка реализација на ИМКА Европа, ИМКА САД и оваа година и ИМКА Германија како домаќин. Конференцијата собра околу 80 камп професионалци и младински работници од двата континента со цел размена на знаење, споделување искуства и зајакнување на глобалното ИМКА камп движење. Конференцијата е фокусирана на унапредување на камп програмите на ИМКА со иновативни пристапи и содржини кои се насочени кон развој на животни вештини, ментално здравје, справување со конфликти, психо-социјална поддршка, работа со бегалци и сл. Таа овозможува и простор за регионално и меѓународно вмрежување и соработка меѓу лидери од камп заедницата.   Нашето искуство Поминавме четири незаборавни дена исполнети со работилници, камп сесии и неформално вмрежување. Секој ден нудеше две паралелни агенди со сесии со различни теми што ни овозможи како тим да посетиме повеќе содржини и потоа да ги споделиме научените работи. Вечерите беа резервирани за активности со камперски оган, забавни игри и дружење што создаде опуштена и пријателска атмосфера и придонесе кон блискост меѓу учесниците и надвор од формалната програма. Се вративме во Битола збогатени со ново знаење, важни контакти и обновена мотивација да ги направиме нашите кампови поотворени, поддржувачки и значајни за секој млад човек што ќе ни се приклучи.   Што им се допадна на учесниците „Споделивме искуства и добри практики и учевме едни од други.“ — Клаудија„Чувствувам инспирација да ги поврзувам заедниците и да понудам незаборавни камп искуства.“ — Дана „Учевме за градење камп култура… како енергетска состојка.“ — Ана „Енергијата, радоста, камп атмосферата… токму како што отсекогаш сум сонувал.“

Преглед на програмата и можностите за дигитално образование на HP и YMCA

Вклучи се Преглед на програмата и можностите за дигитално образование на HP и YMCA Соработката помеѓу HP и YMCA продолжува во 2025 година и има за цел да промовира дигитално вклучување преку обезбедување достапни и привлечни можности за дигитално образование за секого. Овие програми ја користат моќта на технологијата за подобрување на учењето, нудејќи курсеви дизајнирани од експерти кои се практични и вредни за секојдневна употреба и за дополнување на наставните програми по училишна информатика. Преглед на курсеви Курсевите имаат содржина создадена од експерти. Тие се дизајнирани од експерти на HP и фасилитирани од младински работник на ИМКА. Тие покриваат различни теми како што се: комуникации, финансии, операции, маркетинг, претприемништво, деловни дигитални вештини и професионален развој. Курсевите го следат методот на интерактивно учење. Тие се привлечни и лесни за следење, со кратки видеа, дијалози, слики и квизови. Тие исто така имаат флексибилно времетраење. Должината на секој курс се движи од 15 до 50 минути, овозможувајќи им на учесниците да учат со свое темпо. Секој курс вклучува: Краток опис Бизнис концепти Апликации за технолошки вештини Истражување и дополнителни ресурси за подлабоко истражување По завршувањето на сите чекори (100%), учесниците добиваат електронски сертификат со детални информации за курсот, датумот на завршување и потпис на заменик директорот на Фондацијата HP. Овие курсеви се дизајнирани да ги поттикнат учесниците преку интегрирање на основните дигитални вештини во практични сценарија. Без разлика дали сакате да го зголемите потенцијалот за кариера, да ги подобрите вашите студии или едноставно да го истражите дигиталниот свет, овие курсеви нудат одлична почетна точка. Учество и логистика Курсевите се отворени за сите со функционална е-пошта, средно познавање на англискиот јазик и желба за учење. Ние ја обезбедуваме опремата. Не е потребна претходна опрема или посебно знаење; обезбедени се сите потребни алатки. Секој курс е потполно бесплатен! Курсевите ги спроведува ИМКА во младинскиот центар со флексибилен распоред. Нудиме отворени термини за упис за поединци и резервирани групни работилници за училишта и институции. Големината на групите е ограничена на 10 учесници по курс. Пријавете се денес и направете го првиот чекор кон совладување на дигиталните алатки кои прават вистинска разлика во вашиот личен и професионален живот!

Повик за врснички едукатори против врсничко насилство [средни школи]

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт MK MK EN X Донирај Вклучи се Повик за врснички едукатори против врсничко насилство [средни школи] Започнуваме со селекција на врснички едукатори за новата „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА! Следува период на информирање на средните училишта низ градот, а селектираните ученици ќе треба да се пријавуваат на формата за пријавување која е споделена подолу. Деталите се искомуницирани со предвидените средни училишта и регрутирањето на ученици е во тек! „Врсничка школа против врсничко насилство“ е проект на Младинска асоцијација ИМКА Битола кој има за цел да ја подигне свеста за врсничкото насилство преку едукација на ученици. Учениците се обучуваат да станат врснички едукатори, учат за видови насилство, стилови на комуникација и ненасилни методи на решавање конфликти. Проектот вклучува тематски работилници со презентации и дискусии, практични активности и вежби, креативни работилници на научените теми и презентации/работилници спроведени од самите ученици во училиштата. Проектот е воден од младински работници на ИМКА и самите обуки ќе се одржуваат во Младинскиот центар во Битола, а потоа ќе се реализира врсничка едукација во вклучените средни училишта во Битола. Повеќе инфо за Врсничката школа имате на следната презентација. Кој може да се пријави? Средношколци од прва, втора и трета година во Битола Мотивирани за да научат повеќе за темата и да дадат придонес за спречување и намалување на врсничкото насилство Отворени се да ги споделат стекнатите знаења и искуства со своите врсници во нивните училишта Сакаат да работат со млади и во иднина   Како да се пријавите? Со пополнување на формуларот на овој линк. Финалната селекција ќе ја направиме во соработка со стручните служби на училиштата. Ве очекуваме! Проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола претставува продолжение на иницијативата за врсничка школа во рамките на Младинскиот Центар во Битола на теми поврзани со менталното здравје, кои се релевантни за младите, како и за самата Општина. Проектот е кофинансиран од CVJM (Signs of Hope) и Општина Битола и  ќе се спроведува во Младинскиот центар во Битола и потоа низ 6 средни училишта во градот. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative

Впечатоци од учесници од групите за поддршка на ментално здравје

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт Languages X Донирај More than 2 results are available in the PRO version (This notice is only visible to admin users) Последни новости Впечатоци од учесници од групите за поддршка на ментално здравје Билјана СтефановскаКако учесник во групата за поддршка на родители на деца со попреченост на самиот почеток разговаравме за проблемите со кои се соочуваме во нашето секојдневие, нешто што ни беше позната приказна на сите, меѓутоа со тек на време тоа премина во взаемна поддршка при што почнавме да си помагаме едни со други, заедно борејќи се со бариерите на системот во кој живееме. Гледајќи ја групата составена само од мајки на деца со попреченост кои се борат за доброто на децата, мојата желба за во иднина заедно со помош на другите учесници и соработници да ги поттикнеме и татковците на овие деца да учествуваат во вакви групи за поддршка се со цел заедно да ги надминеме бариерите и стереотипите околу прилагодувањето и прифаќањето на нашите деца во местото каде живееме и да осетиме дека оваа борба е заедничка. Билјана СтојановскаНа самиот почеток на групите за поддршка ми се вртеше една мисла во главата, а тоа е дека и овие ќе бидат како и секој друг проект што сме учествувале, ради реда да се помине низ процесот или дека има некоја позадина. Меѓутоа со тек на време многу позитивно бев изненадена од тоа како бевме прифатени, овозможувајќи ни да си ги споделиме нашите проблеми, а за кои добивавме конкретни насоки кон тоа да го најдеме ако можеме никулецот на тој проблем или пак со соодветни техники да научиме да го совладаме или да ја намалиме тешкотијата на нашиот проблем. Групата, членовите соработниците направи да се почувствуваме посебни како личности, а не само како родители на деца со посебни потреби. Во иднина би сакала во овој проект да се вклучи целото семејство, односно татковците, како и браќата и сестрите на децата со посебни потреби и заедно да ги совладаме проблемите кои секојдневно не окупираат. Јасмина ГелевскаОваа година за прв пат се вклучив во група за поддршка на родители кои имаат деца со попреченост. Тоа е едно прекрасно искуство од кое станавме попозитивни личности, добивме многу поддршка, совети, храброст и сфативме дека повеќе вредиме и вреди да се бориме. Сите учесници станавме како едно семејство и нашето дружење ќе продолжи во иднина. Создадовме силна врска со помош на стручните лица и им сме благодарни за тоа. Ги повикувам сите лица кои се соочуваат со ваков проблем да не се двоумат и да се вклучат во вакви групи бидејќи заедно е полесно и можеме сѐ. Мое мото: Ние немаме избор да бираме, ние мора да се бориме за нас и нашите најмили. Бојана АртиновскаНе знаев што да очекувам, прв пат имам искуство со психолози. Знаев само дека треба да се соочам со мојата вистина. За среќа многу брзо стекнав доверба и се осетив безбедно во групата. Успеав да се соочам со повеќе стравови и научив да споделувам, а во исто време да бидам тука и за другите членови од групата, т.е. да слушам. Научив многу за менталното здравје преку теоретските предавања, но искуствените Гешталт вежби ми помогнаа многу брзо да дојдам до одговори и ми отворија можност за понатамошна работа со себе. Најголемата придобивка мислам дека е тоа што научив свесно да приоѓам кон проблемите, знаејќи дека постои решение, само треба да погледнам од друга перспектива. Препознавањето на проблем ми помага мене лично, но исто така чувството за поддршка и сочувство во мене е сега поизразено кога ќе го воочам и кај друг. Го охрабрувам секој кој се пронаоѓа во проблематикава да се приклучи доколку е во можност. Прифаќањето помош мислам дека е една од најтешките работи која треба сите да ја учиме. Ова беше едно прекрасно искуство за мене и бескрајно сум благодарна. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative