Завршен промотивен настан на врсничката школа за ментално здравје
На 26 Јуни, после успешно завршена едукација на врсничките едукатори и одржаната најобемна врсничка едукација за важноста на менталното здравје во Битола со опфат од над 2000 ученици од основните и средните училишта во Битола, како и во неколку факултети, се одржа завршниот промотивен настан. Тоа беше неколку часовен настан, кој се состоеше од презентирање на проектните резултати, но и приказ на дополнителните интелектуални и креативни резултати кои произлегоа од проектните активности. Настан започна со прикажување на чекорите и фазите низ кои проектот се движеше и како беа организирани сите модули низ кои се работеше со децата и младите од основните, средните училишта и со студентите. Дискусијата ја отвори Виктор Илиев, Претседател на ИМКА Битола, а потоа се надоврза и Проф. Д-р Сашо Кочанковски за тоа како се градеше атмосферата кај учесниците на модулите за врсничка едукација и социјалниот импакт кој се оствари врз вклучените едукатори. Во овој дел беше прикажана и работата на двете групи за поддршка (групи за лица со попреченост во семејството и група за еднородителски семејства). Излагање за нив имаа координаторите кои ги водеа групите, Рената Димановска за групата со еднородителски семејства и Мартина Дурљанова за групата семејства кои имаат лица со попреченост. Потоа беше прикажан прирачникот според кој се водеа работните модули за децата и младите, како и за ранливите групи. Образложение за прирачникот даде Јовче Крстески, кој во соработка со Проф. Д-р Сашо Кочанковски го подготвуваше изгледот на приралникот. Пред доделувањето на сертификатите за успешно завршени модули од врсничката едукација, една група на врснички едукатори кои активно се подготвуваа во изминатиот период, настапија пред присутната публика со сопствена музичка точка. Од темите за ментално здравје на кои работеа изминатата година, создадоа свој текст и под водство на Јасна Димитровска успеаја да создадат своја мелодија за тој текст и својата целокупна замисла ја отпеаја пред пубиката на овој завршен настан. На крајот, следуваше доделувањето на сертификатите за учество и споделувањето благодарност до сите кои учествуваа и го помагаа овој проект во текот на целата година. Притоа свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, дел од младите кои учествуваа на активностите, како и учесници од групите за поддршка кои ја истакнаа потребата од продолжување на таков тип активности во градот, бидејќи за таков вид на работа со маргинализирани групи нема доволно понуда на ниво на Општина Битола. Настанот се одржа во просториите на Јуроп хаус (Europe house) во Битола, каде поголем дел од врсничките едукатори беа присутни, секако и нивни врсници, родители, дел од стручните служби од училиштата, претставници на граѓански организации, како и претставници од општината. Претставниците од Општината дадоа пофални зборови за вложениот напор, труд и енергија за овој проект да заврши како што треба и да придонесе во збогатување и поттикнување на интересот за оваа проблематика на едно повисоко и постручно ниво. Со издавањето на прирачникот и Битола како град се вклучува во трендот со свој допринос во темата какo да се работи со врсници на теми важни за нивното ментално здравје и благосостојба. Прирачникот е бесплатен и може да се спушти на следниов линк. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.
Врсничка едукација за ментално здравје низ училиштата во Битола
После завршувањето на шест модули на обуки за врснички едукатори, започна периодот каде веќе обучените врснички едукатори ги споделуваа своите знаења во училиштата и факултетите во Битола. Обуките за врснички едукатори ги започнаа 58 врснички едукатори, а и завршија околу 42 врснички едукатори од кои 41 како најмотивирани во тимови ги споделуваа своите презентации на терен со своите врсници. Притоа беа опфатени над 2000 ученици од речиси сите основни (од 7мо до 9то одделение) и средни училишта, како и дел од факултетите во нашиот град што ја прави најобемна врсничка едукација спроведена во Битола. Благодарност до педагошко-психолошките служби од училиштата со кои бевме во постојана комуникација. Презентациите беа добро подготвени од самите врснички едукатори и истите беа добро прифатени со голем ентузијазам при спроведувањето и често пати имаа добар повратен одговор од страна на своите соученици. Не секогаш се успеваше да се извлечат мислења од слушателите, но со помош на разните игри и активности вклопени во самата тема на презентација менталното здравје и важноста за него им беше доближена до голем број на млади лица. Временскиот период за спроведување на презентациите беше релативно голем и од тоа произлезе потребата врсничките едукатори да имаат и дополнителни менторски сесии. Тие сесии се случуваа во Младинскиот Центар и беа наменети за оние едукатори кои веќе спроведоа презентации и активности, па своите впечатоци ги споделуваа во една заедничка атмосфера со останатите. Се споделуваа личните приказни за тоа како се чувствуваа за време на презентациите, на какви проблеми наидоа при реализацијата, на каков однос наидоа кај наставниците и стручните служби. Овие средби им помогнаа доста на врсничките едукатори, посебно на оние кои за прв пат спроведуваа активности од овој тип, но и тие се чувствуваа слободни да се изразат и да научат нешто дополнително од поискусните. Покрај овие дополнителни менторски сесии, врсничките едукатори предложија да се одржат и дополнителни средби на кои ќе може да се учествува и со нешто креативно, но и да се научи нешто плус. Од тие предлози произлегоа работилниците со креативно изразување на пораките кои врсничките едукатори ги имаа веќе споделувано меѓу себе внатре за време на врсничката школа во изминатиот период. Тука на врсничките едукатори им се понудија доста можности за себе изразување и низ пишан збор, пишување стихови и пеење. Со овие активности Врсничката школа за ментално здравје на деца и млади дојдоа во својата финална фаза. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.
Впечатоци од учесници од групите за поддршка на ментално здравје
Билјана СтефановскаКако учесник во групата за поддршка на родители на деца со попреченост на самиот почеток разговаравме за проблемите со кои се соочуваме во нашето секојдневие, нешто што ни беше позната приказна на сите, меѓутоа со тек на време тоа премина во взаемна поддршка при што почнавме да си помагаме едни со други, заедно борејќи се со бариерите на системот во кој живееме. Гледајќи ја групата составена само од мајки на деца со попреченост кои се борат за доброто на децата, мојата желба за во иднина заедно со помош на другите учесници и соработници да ги поттикнеме и татковците на овие деца да учествуваат во вакви групи за поддршка се со цел заедно да ги надминеме бариерите и стереотипите околу прилагодувањето и прифаќањето на нашите деца во местото каде живееме и да осетиме дека оваа борба е заедничка. Билјана СтојановскаНа самиот почеток на групите за поддршка ми се вртеше една мисла во главата, а тоа е дека и овие ќе бидат како и секој друг проект што сме учествувале, ради реда да се помине низ процесот или дека има некоја позадина. Меѓутоа со тек на време многу позитивно бев изненадена од тоа како бевме прифатени, овозможувајќи ни да си ги споделиме нашите проблеми, а за кои добивавме конкретни насоки кон тоа да го најдеме ако можеме никулецот на тој проблем или пак со соодветни техники да научиме да го совладаме или да ја намалиме тешкотијата на нашиот проблем. Групата, членовите соработниците направи да се почувствуваме посебни како личности, а не само како родители на деца со посебни потреби. Во иднина би сакала во овој проект да се вклучи целото семејство, односно татковците, како и браќата и сестрите на децата со посебни потреби и заедно да ги совладаме проблемите кои секојдневно не окупираат. Јасмина ГелевскаОваа година за прв пат се вклучив во група за поддршка на родители кои имаат деца со попреченост. Тоа е едно прекрасно искуство од кое станавме попозитивни личности, добивме многу поддршка, совети, храброст и сфативме дека повеќе вредиме и вреди да се бориме. Сите учесници станавме како едно семејство и нашето дружење ќе продолжи во иднина. Создадовме силна врска со помош на стручните лица и им сме благодарни за тоа. Ги повикувам сите лица кои се соочуваат со ваков проблем да не се двоумат и да се вклучат во вакви групи бидејќи заедно е полесно и можеме сѐ. Мое мото: Ние немаме избор да бираме, ние мора да се бориме за нас и нашите најмили. Бојана АртиновскаНе знаев што да очекувам, прв пат имам искуство со психолози. Знаев само дека треба да се соочам со мојата вистина. За среќа многу брзо стекнав доверба и се осетив безбедно во групата. Успеав да се соочам со повеќе стравови и научив да споделувам, а во исто време да бидам тука и за другите членови од групата, т.е. да слушам. Научив многу за менталното здравје преку теоретските предавања, но искуствените Гешталт вежби ми помогнаа многу брзо да дојдам до одговори и ми отворија можност за понатамошна работа со себе. Најголемата придобивка мислам дека е тоа што научив свесно да приоѓам кон проблемите, знаејќи дека постои решение, само треба да погледнам од друга перспектива. Препознавањето на проблем ми помага мене лично, но исто така чувството за поддршка и сочувство во мене е сега поизразено кога ќе го воочам и кај друг. Го охрабрувам секој кој се пронаоѓа во проблематикава да се приклучи доколку е во можност. Прифаќањето помош мислам дека е една од најтешките работи која треба сите да ја учиме. Ова беше едно прекрасно искуство за мене и бескрајно сум благодарна.
Преглед на активностите од групата за поддршка на еднородителски семејства
Од Рената Димановска Размислувајќи за изминатите шест месеци од водење на нашите групи за поддршка, исполнета сум со длабоко чувство на благодарност за неверојатното патување што го споделивме. Кога започнавме со оваа активност, водечки мотив со мојот колега Љупчо ни беше создавање на безбеден простор, ослободен од предрасуди каде што секој еден ќе може отворено да разговара за потешкотиите со кои секојдневно се соочува и начините на кои може да се справи со истите. Заедно, негувавме заедница каде што се слуша секој глас и секоја приказна се цени. Сведоци сме на длабоки моменти на ранливост, издржливост и раст. Членовите храбро ги споделија своите искуства, наоѓајќи не само поддршка, туку и сила да се справат со нивните предизвици. И најважно од сѐ е тоа што нашите дискусии поттикнаа емпатија и поврзаност, потсетувајќи ги членовите дека не се сами во нивните борби. Алатките и сознанијата добиени овде ги потикнаа членовите да направат значајни промени во нивните животи и да им пристапат на своите предизвици со обновена надеж и самодоверба. Во изминатите неколку месеци беше опфатен широк спектар на теми од областа на менталното здравје, помеѓу кои беа: што е ментално здравје и како да се грижиме за истото, што точно претставува анксиозноста и начини на справување со истата, појава на панични напади и техники за справување, пострауматско стресно нарушување, траума и работа со трауматичен настан, предизвици на современото родителствување, родителски стилови, стилови на комуникација, отпорност и многу други теми. Морам да нагласам дека повеќето теми беа проследни со искуствени вежби кои и тоа како помогнаа за учесниците да го искусат она што сме го разговарале. Благодарни сме на нашите учесници што беа дел од ова патување и што ги направија изминатите шест месеци вистински трансформативни. Со овие активности Врсничката школа за ментално здравје на деца и млади дојдоа во својата финална фаза. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос. За впечатоци од учесниците прочитајте тука
Преглед на активностите од групата за поддршка на родители на деца со попреченост
Од Мартина Дурлјанова Нашата група за поддршка е „Група за оддишка“ како што често ја нарекуваат родителите кои имаат деца со попреченост. Се работи за родители херои, кои се оставиле многу позади другите, на забот на времето за да бидат столбот на семејството. Но тоа го прави секој родител нели? Сепак родителите на децата со попреченост не го имаат само товарот на семејството, туку и товарот на “пу пу скраја да е“ погледите, товарот на општеството кое им ја отежнува и така тешката ситуација, неприфаќањето од пошироката фамилија, одделувањето од сите социјални собири, настани, дружења па и едни обични излегувања. Благодарение на проектот „Врсничка школа за ментално здравје“ ја отворивме групата за поддршка каде се отвори простор не само за дружење туку и психолошка поддршка и место каде што се откриваат и најтемните страни кои долго се криеле кај овие родители, теми за кои никогаш немале можност да разговараат, насоки за кои не биле свесни дека можат да се отворат и разговори за кои не биле свесни дека може да се остварат. Низ реализираните дванаесет средби кои започнаа од ноември минатава година па се до јуни оваа година поминавме бројни теми. Почнавме со менталната хигиена како тема, па така по менталната чистка продолживме подлабоко да навлегуваме во нови теми и да ги откриваме мрачните страни на издржливоста (онаа очекувана и наметлива), па како таа раѓа анксиозност и депресија, ја тишти самодовербата и сето тоа допринесува да се зголемува стресот во секојдневието, за на крај да не можат да се справат со (не)поддршката и (не)прифаќањето од околината и институциите, но и она најтешкото, поддршката од семејството која ретко ја имаат. А цел тој процес се повторува постојано, со секоја нова случка, надвор или дома, со секој еден настан поврзан со детето. За среќа ние создадовме една комфорт зона, каде родителите со душа чекаат да дојдат да разговараме на нови теми но и да се навратиме на некоја од старите, затоа што секој ден крои нова приказна, нов предизвик со кој моментално мора да се соочат, па со помош на психологот ги разговараат, разглобуваат во детали за тоа како се чувствувале тогаш во тој момент, а како сега додека раскажуваат. И да не ја занемариме и поддршката од самата група, која меѓусебно си помага за полесно справување на проблемите. Желбата на родителите за да продолжиме да ја водиме групата и после завршувањето на проектот е голема, па така ние не би застанале тука, туку би продолжиле да се движиме со исто темпо и понатаму со цел да им излеземе во пресрет на нивните потреби. Со овие активности Врсничката школа за ментално здравје на деца и млади дојдоа во својата финална фаза. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.. За впечатоци од учесниците прочитајте тука
Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 7а и 7б]
Основните модули на работилници беа шест, но поради големиот опфат на врсничката едукација и должината на периодот на спроведување се наметна потреба од седми модул кој беше дизајниран во насока на поддршка на врсничките едукатори. Притоа сите кои имаат потреба од дополнително зајакнување во делот работа со млади и врсничка едукација имаа можност да учествуваат на т.н. менторски сесии во модул 7а, а сите кои сакаат креативно да се изразуваат на темата ментално здравје имаа можност да работат на тематски песни и музика во рамките на модул 7б. Сите активности со врсничките едукатори се случуваа во Младинскиот Центар. Менторските сесии или т.н. 7а модул беа наменети за оние едукатори кои веќе спроведоа презентации и активности, па своите впечатоци ги споделуваа во една заедничка атмосфера со останатите. Се споделуваа личните приказни за тоа како се чувствуваа за време на презентациите, на какви проблеми наидоа при реализацијата, на каков однос наидоа кај наставниците и стручните служби. Имаше бројни сознанија, но дел од нив беа дека се среќни, задоволни, дека учат, се оспособуваат и ја зајакнуваат својата самодоверба. Задоволни беа од поддршката која ја добија од ИМКА, посакуваа поголема поддршка од училиштата и сметаа дека би било супер да се работи со помали групи на соученици. Овие средби им помогнаа доста на врсничките едукатори, посебно на оние кои за прв пат спроведуваа активности од овој тип, но и тие се чувствуваа слободни да се изразат и да научат нешто дополнително од поискусните. Се одржаа три средби, од кои на првата присуствуваше Градоначалникот и други претставници на Општина Битола, каде што подетално беа запознаени со целиот проект и тековните активности. Третата средба претставуваше вовед во 7б модулот – менталното здравје и музиката која се наметна од врсничките. Од тие предлози произлегоа работилниците со креативно изразување на пораките кои врсничките едукатори ги имаа веќе споделувано меѓу себе внатре за време на врсничката школа во изминатиот период. Тука на врсничките едукатори им се понудија доста можности за себе изразување и низ пишан збор, пишување стихови и пеење. Гостин беше Јасна Димитровска, музичар, која накратко им објасни на учесниците за планираните идни активности во школата за ментално здравје за деца и млади, како и поврзаноста на музиката со менталното здравје. Учесниците во еден од претходните модули имаа подготвено неколку свои песни кои во овој модул се отворија и во неколку работилници работеа во насока на креирање една песна која ќе е подготвена за изведба на завршниот настан на оваа школа. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос. Прочитајте за претходните модули на работилници Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 4,5,6]
Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 4,5,6]
Во второто полугодие продолжуваме со нова серија на обуки за ментално здравје за врсничките едукатори од основните и средните училишта и факултетите во Битола. За ова полугодие предвидени се модулите 4, 5 и 6. Во четвртиот модул учесниците се запознаа со дигиталната застапеност на темите кои се обработуваа во претходните три модули – анксиозноста, депресијата, ризичнто однесување и личната издржливост или резилиентност. На секоја од овие теми се дискутираше како се перцепираат од младите, како младите им приоѓаат и генерално како животот на социјалните мрежи влијае и ја обликува младата личност во нашето модерно живеење и кои се позитивните и негативните влијанија врз нашето ментално здравје. Во овој модул направивме и вежба за самооценување на зависноста од интернет при што можеше заеднички да ги продискутираме резултатите од сознанијата. На барање на дел од учесниците на кои не беа во можност да ја посетат оваа обука претходно по групи, направивме дополнителна работилница за едукатори од сите групи. Овој модул го комплетираа 42 врснички едукатори поделени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со манифестацијата на овие теми во дигиталната сфера. Со ова го затворивме делот за збогатување на знаењата на младите за темата ментално здравје. Следуваше поинтересниот дел кој почнува со петтиот модул кој е припрема за најубавиот дел од активностите – споделување на знаењата со врсниците на терен во образовните установи во градов. Во рамките на него учесниците од три групи (студенти, претпладневните смени и попладневните смени основци и средношколци) на врсничката школа за ментално здравје за деца и млади имаа можност да направат рекапитулација на целиот материјал кој го поминаа во претходните 4 модули. Притоа тие согледуваа која од научените теми ја сметаат како поважна или покорисна за врсниците млади или пак за која тема имаат особен ентузијазам да ја споделат со нивните врсници. Работевме на координација и формирање на тимовите по училишта и планирање за нивните обврски за следниот период. Од наша страна добија насоки и поддршка како да состават презентации и да одберат соодветни активности за во следната фаза кога ќе споделуваат дел од новите сознанија со нивните врсници од училиштата и факултетите од градов. Знаењето надополнето со практичните активности веруваме дека ќе го зацврсти наученото кај врсничките едукатори, а кај учениците низ градов ќе помогнеме за доближување и демистификација на темата за ментално здравје до сите. Овој модул го комплетираа 47 врснички едукатори 3 групи основци, средношколци и студенти. Во шестиот е последниот модул на тимовите врснички едукатори им нудиме уникатно менторско искуство во поддржувачка средина да добијат фидбек за нивните презентации. Тука врсничките едукатори доаѓаат со своите презентации, ги споделуват со другите врснички едукатори и каде можат да ги пробаат и да се вежбаат и добијат фидбек за „домашните“. Ова ќе помогни за да продолжат со работа на подобрување на истите со цел следната и најубавата фаза споделување на знаењата во училиштата да биде помалку стресна за врсничките едукатори, а поинтересна за сите ученици. На овој модул учествуваат врснички едукатори од сите групи основци, средношколци и студенти кои се одлучни стекнатото знаење да го споделат со своите врсници во пракса. Овој модул сеуште тековно се спроведува, тимовите се градат, се координираат, работат на своите презентации, доаѓаат на консултации и менторирање и штом сите се спремни ќе го ажурираме текстов со финална бројка на врснички едукатори и тимови по училишта во градов. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос. Прочитајте за претходните модули на работилници
Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 1,2,3]
Во ноември и декември минатава година реализиравме серија на обуки на теми за ментално здравје за врсничките едукатори од основните и средните училишта и факултетите во Битола. Првиот модул на обуки за ментално здравје беше на темата за анксиозност и депресија. Според експертите од областа на психолошките науки, анксиозноста е состојба која се поврзува со чувството на страв, а депресивноста е состојба која се поврзува со чувството на тага. Нивното препознавање и развивањето лични стратегии за справување со овие состојби е она кое што е неопходно за одржување на хармонично ментално здравје. Овој модул го комплетираа 58 врснички едукатори поделени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темите за анксиозноста и депресивноста. За секоја од овие теми се дискутираше што значат како состојби на младиот човек, кои фактори ги предизвикуваат, кои се симптомите, како да си помагаме себе си и како може да им помагаме на другите. Вториот модул на обуки за ментално здравје беше на темата за ризични форми на однесување. Притоа се дискутираше што значи ризик и ризично однесување, како е тоа однесување поврзано со менталната благосостојба на човекот, кои фактори го предизвикуваат, зошто е особено значајна појава кај младите и како младите да препознаваат кај себе почетоци на ризично однесување со цел да си помагаат себе си и да го препознаваат кај другите. Овој модул го комплетираа 48 врснички едукатори составени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темата за ризични форми на однесување. Во рамките на обуките се дискутираше што значат и како се манифестираат овие типови на однесувања, колку се присутни и во какви форми во нашето секојдневие во училиштата во градов, како овие состојби влијаат на младиот човек, кои фактори ги предизвикуваат и како може да им помагаме на другите и да делуваме превентивно. Третиот модул на обуки за ментално здравје беше на темата градење на отпорност, издржливост и резилиентност. Се дискутираше што значи резилиентност, како се учи и како оваа способност е најважниот фактор за одржување на психо-физичката рамнотежа. Оваа способност е онаа која ги собира нашите лични сили и ги насочува кон она што е со најголема смисла во дадениот момент со цел да се преброди ситуацијата во која се наоѓаме, да се опстане и да се трансформира искуството во кое што сме се затекнале. Тоа е она што младите може да го учат со цел да си помагаат себе си и да им помагаат на другите. Овој модул го комплетираа 42 врснички едукатори составени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темата за градење отпорност, издржливост и резилиентност. Во рамките на обуките се дискутираше за начините како да станеме отпорни на сеприсутните негативни влијанија во надворешната средина и опкружувањето, како да издржиме или да се справиме со ситуациите во кои сме втурнати или вклучени со или без наша волја и согледување на начини за градење трајна резилиентност и мир со себеси и со другите. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.
Почеток на врсничката школа за ментално здравје на деца и млади
Еден од најважните елементи на проектот е самата врсничката школа преку која е планирано да се направи значајно голем опфат на темата ментално здравје. Во втората половина на септември и октомври работевме на анимирање на образовните установи Битола со фокус на основните и средните училишта, како и факултетите. Исто така во овој период работевме на промовирање на отворените повици за проектов и регрутирање на основци, средношколци и студенти кои се мотивирани повеќе да научат за менталното здравје за себе и за своите врсници во поглед на препознавање на одредени состојби, но и како да се постапува во истите со цел да си помогнат себеси и на врсниците од околината. Завршивме со оваа фаза и време е за акција! Денешниов настан беше токму тоа. Се собравме сите врснички едукатори, психолози, педагози и др. Од стручните служби на училиштата со цел обележување на почетокот на проектот проследено со интересна програма. Настанот ги воведе учесниците во предвидените активности и динамиката за следниот период до крајот на школската година. Се направи распределба на врсничките едукатори врз основа на возраст/генерација и смена на училиште со цел подобро планирање на претстојните обуки во насока да нема пропуштање и пореметување во редовната настава на училиштата и учениците. Формиравме пет групи врснички едукатори од кои две со основци, две со средношколци и една со студенти. Групите имаа серија задачи низ кои требаше да поминат и притоа да се запознаат со темата, да се запознаат со своите врсници со кои ќе работат во следниот период, да си ги изградат идентитетот на групата и да го одговорат воведното истражување во темата со цел согледување на почетната состојба за нив на темата ментално здравје. Исто така, ги продискутиравме воспоставените канали на комуникација за следниот период и сите формалности кои се потребни за непречено одвивање на претстојните обуки. Обуките ќе се засноваат на принципите на неформално образование и ќе се одвиваат во општинскиот Младински Центар во Битола до крајот на Февруари следната година. Врсничките едукатори ќе учат и ќе разговараат со нивните врсници за менталното здравје покривајќи теми како што се: анксиозност и депресија, ризично однесување, што значи – насилно однесување/врсничко насилство, самоповредување и злоупотреба на супстанции, градење издржливост и самодоверба кај децата и младите и дигиталното претставување на исти теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи. Проектот предвидува следна фаза во второто училишно полугодие каде што овие врснички едукатори ќе спроведуваат работилници за едукација на своите врсници во нивните училишта и факултети и ќе го споделат стекнатото знаење со крајните корисници/нивните врсници во неформален амбиент. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Амос. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект
Повик за членови на група за поддршка за ментално здравје на лица од еднородителски семејства
Продолжуваме со групи за поддршка на лица кои доаѓаат од еднородителски семејства како дел од проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“. Предвидени се сесии за поддршка на лица од еднородителски семејства. Целта на формирањето на оваа група е да се овозможи давање поддршка во група на оваа категорија на граѓани во нашиот град и подигање на свеста за значењето на менталното здравје и да се унапреди истото. Еднородителските семејства се соочуваат со различни предизвици. Во групите за поддршка, ќе се разговара за предизвиците се кои се соочуваат во секојдневното живеење и како тие се справуваат со тие предизвици. Учесниците ќе споделуваат искуства и информации со останатите, со цел подобрување на менталното здравје. Сите активности во групите за поддршка ќе бидат водени од лиценцирани психолози и советувачи. Учеството во групата е бесплатно. Групите кои се во фаза на формирање ќе се случуваат еднаш до два пати месечно. Секој кој доаѓа, бил или е дел од еднородителско семејство може да се вклучи со пријавување на следниов емаил: project@ymca.mk или на телефон 072-556-386. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект