Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 4,5,6]

Во второто полугодие продолжуваме со нова серија на обуки за ментално здравје за врсничките едукатори од основните и средните училишта и факултетите во Битола. За ова полугодие предвидени се модулите 4, 5 и 6.

Во четвртиот модул учесниците се запознаа со дигиталната застапеност на темите кои се обработуваа во претходните три модули – анксиозноста, депресијата, ризичнто однесување и личната издржливост или резилиентност. На секоја од овие теми се дискутираше како се перцепираат од младите, како младите им приоѓаат и генерално како животот на социјалните мрежи влијае и ја обликува младата личност во нашето модерно живеење и кои се позитивните и негативните влијанија врз нашето ментално здравје. Во овој модул направивме и вежба за самооценување на зависноста од интернет при што можеше заеднички да ги продискутираме резултатите од сознанијата. На барање на дел од учесниците на кои не беа во можност да ја посетат оваа обука претходно по групи, направивме дополнителна работилница за едукатори од сите групи. Овој модул го комплетираа 42 врснички едукатори поделени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со манифестацијата на овие теми во дигиталната сфера. Со ова го затворивме делот за збогатување на знаењата на младите за темата ментално здравје.

Следуваше поинтересниот дел кој почнува со петтиот модул кој е припрема за најубавиот дел од активностите – споделување на знаењата со врсниците на терен во образовните установи во градов. Во рамките на него учесниците од три групи (студенти, претпладневните смени и попладневните смени основци и средношколци) на врсничката школа за ментално здравје за деца и млади имаа можност да направат рекапитулација на целиот материјал кој го поминаа во претходните 4 модули. Притоа тие согледуваа која од научените теми ја сметаат како поважна или покорисна за врсниците млади или пак за која тема имаат особен ентузијазам да ја споделат со нивните врсници. Работевме на координација и формирање на тимовите по училишта и планирање за нивните обврски за следниот период. Од наша страна добија насоки и поддршка како да состават презентации и да одберат соодветни активности за во следната фаза кога ќе споделуваат дел од новите сознанија со нивните врсници од училиштата и факултетите од градов. Знаењето надополнето со практичните активности веруваме дека ќе го зацврсти наученото кај врсничките едукатори, а кај учениците низ градов ќе помогнеме за доближување и демистификација на темата за ментално здравје до сите. Овој модул го комплетираа 47 врснички едукатори 3 групи основци, средношколци и студенти. 

Во шестиот е последниот модул на тимовите врснички едукатори им нудиме уникатно менторско искуство во поддржувачка средина да добијат фидбек за нивните презентации. Тука врсничките едукатори доаѓаат со своите презентации, ги споделуват со другите врснички едукатори и каде можат да ги пробаат и да се вежбаат и добијат фидбек за „домашните“. Ова ќе помогни за да продолжат со работа на подобрување на истите со цел следната и најубавата фаза споделување на знаењата во училиштата да биде помалку стресна за врсничките едукатори, а поинтересна за сите ученици. На овој модул учествуваат врснички едукатори од сите групи основци, средношколци и студенти кои се одлучни стекнатото знаење да го споделат со своите врсници во пракса. Овој модул сеуште тековно се спроведува, тимовите се градат, се координираат, работат на своите презентации, доаѓаат на консултации и менторирање и штом сите се спремни ќе го ажурираме текстов со финална бројка на врснички едукатори и тимови по училишта во градов.

Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.

Прочитајте за претходните модули на работилници