Обуките за врснички едукатори за ментално здравје во полн ек

Во ноември и декември минатава година се реализираа серија на обуки на теми за ментално здравје за врсничките едукатори од основните и средните училишта и факултетите во Битола.

Првиот модул на обуки за ментално здравје беше на темата за анксиозност и депресија. Според експертите од областа на психолошките науки, анксионзноста е состојба која се поврзува со чувството на страв, а депресивноста е состојба која се поврзува со чувството на тага. Нивното препознавање и развивањето лични стратегии за справување со овие состојби е она кое што е неопходно за одржување на хармонично ментално здравје. Овој модул го комплетираа 58 врснички едукатори поделени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темите за анксиозноста и депресивноста. За секоја од овие теми се дискутираше што значат како состојби на младиот човек, кои фактори ги предизвикуваат, кои се симптомите, како да си помагаме себе си и како може да им помагаме на другите.

Вториот модул на обуки за ментално здравје беше на темата за ризични форми на однесување. Притоа се дискутираше што значи ризик и ризично однесување, како е тоа однесување поврзано со менталната благосостојба на човекот, кои фактори го предизвикуваат, зошто е особено значајна појава кај младите и како младите да препознаваат кај себе почетоци на ризично однесување со цел да си помагаат себе си и да го препознаваат кај другите. Овој модул го комплетираа 47 врснички едукатори составени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темата за ризични форми на однесување. Во рамките на обуките се дискутираше што значат и како се манифестираат овие типови на однесувања, колку се присутни и во какви форми во нашето секојдневие во училиштата во градов, како овие состојби влијаат на младиот човек, кои фактори ги предизвикуваат и како може да им помагаме на другите и да делуваме превентивно.

Третиот модул на обуки за ментално здравје беше на темата градење на отпорност, издржливост и резилиентност. Се дискутираше што значи резилиентност, како се учи и како оваа способност е најважниот фактор за одржување на психо-физичката рамнотежа. Оваа способност е онаа која ги собира нашите лични сили и ги насочува кон она што е со најголема смисла во дадениот момент со цел да се преброди ситуацијата во која се наоѓаме, да се опстане и да се трансформира искуството во кое што сме се затекнале. Тоа е она што младите може да го учат со цел да си помагаат себе си и да им помагаат на другите. Овој модул го комплетираа 42 врснички едукатори составени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темата за градење отпорност, издржливост и резилиентност. Во рамките на обуките се дискутираше за начините како да станеме отпорни на сеприсутните негативни влијанија во надворешната средина и опкружувањето, како да издржиме или да се справиме со ситуациите во кои сме втурнати или вклучени со или без наша волја и согледување на начини за градење трајна резилиентност и мир со себеси и со другите.

Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.