Врсничка едукација за ментално здравје низ училиштата во Битола

После завршувањето на шест модули на обуки за врснички едукатори, започна периодот каде веќе обучените врснички едукатори ги споделуваа своите знаења во училиштата и факултетите во Битола. Обуките за врснички едукатори ги започнаа 58 врснички едукатори, а и завршија околу 42 врснички едукатори од кои 41 како најмотивирани во тимови ги споделуваа своите презентации на терен со своите врсници. Притоа беа опфатени над 2000 ученици од речиси сите основни (од 7мо до 9то одделение) и средни училишта, како и дел од факултетите во нашиот град што ја прави најобемна врсничка едукација спроведена во Битола. Благодарност до педагошко-психолошките служби од училиштата со кои бевме во постојана комуникација. Презентациите беа добро подготвени од самите врснички едукатори и истите беа добро прифатени со голем ентузијазам при спроведувањето и често пати имаа добар повратен одговор од страна на своите соученици. Не секогаш се успеваше да се извлечат мислења од слушателите, но со помош на разните игри и активности вклопени во самата тема на презентација менталното здравје и важноста за него им беше доближена до голем број на млади лица.

Временскиот период за спроведување на презентациите беше релативно голем и од тоа произлезе потребата врсничките едукатори да имаат и дополнителни менторски сесии. Тие сесии се случуваа во Младинскиот Центар и беа наменети за оние едукатори кои веќе спроведоа презентации и активности, па своите впечатоци ги споделуваа во една заедничка атмосфера со останатите. Се споделуваа личните приказни за тоа како се чувствуваа за време на презентациите, на какви проблеми наидоа при реализацијата, на каков однос наидоа кај наставниците и стручните служби. Овие средби им помогнаа доста на врсничките едукатори, посебно на оние кои за прв пат спроведуваа активности од овој тип, но и тие се чувствуваа слободни да се изразат и да научат нешто дополнително од поискусните.

Покрај овие дополнителни менторски сесии, врсничките едукатори предложија да се одржат и дополнителни средби на кои ќе може да се учествува и со нешто креативно, но и да се научи нешто плус. Од тие предлози произлегоа работилниците со креативно изразување на пораките кои врсничките едукатори ги имаа веќе споделувано меѓу себе внатре за време на врсничката школа во изминатиот период. Тука на врсничките едукатори им се понудија доста можности за себе изразување и низ пишан збор, пишување стихови и пеење.

Со овие активности Врсничката школа за ментално здравје на деца и млади дојдоа во својата финална фаза. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.