Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 7а и 7б]

Основните модули на работилници беа шест, но поради големиот опфат на врсничката едукација и должината на периодот на спроведување се наметна потреба од седми модул кој беше дизајниран во насока на поддршка на врсничките едукатори. Притоа сите кои имаат потреба од дополнително зајакнување во делот работа со млади и врсничка едукација имаа можност да учествуваат на т.н. менторски сесии во модул 7а, а сите кои сакаат креативно да се изразуваат на темата ментално здравје имаа можност да работат на тематски песни и музика во рамките на модул 7б. Сите активности со врсничките едукатори се случуваа во Младинскиот Центар.

Менторските сесии или т.н. 7а модул беа наменети за оние едукатори кои веќе спроведоа презентации и активности, па своите впечатоци ги споделуваа во една заедничка атмосфера со останатите. Се споделуваа личните приказни за тоа како се чувствуваа за време на презентациите, на какви проблеми наидоа при реализацијата, на каков однос наидоа кај наставниците и стручните служби. Имаше бројни сознанија, но дел од нив беа дека се среќни, задоволни, дека учат, се оспособуваат и ја зајакнуваат својата самодоверба. Задоволни беа од поддршката која ја добија од ИМКА, посакуваа поголема поддршка од училиштата и сметаа дека би било супер да се работи со помали групи на соученици.

Овие средби им помогнаа доста на врсничките едукатори, посебно на оние кои за прв пат спроведуваа активности од овој тип, но и тие се чувствуваа слободни да се изразат и да научат нешто дополнително од поискусните. Се одржаа три средби, од кои на првата присуствуваше Градоначалникот и други претставници на Општина Битола, каде што подетално беа запознаени со целиот проект и тековните активности. Третата средба претставуваше вовед во 7б модулот – менталното здравје и музиката која се наметна од врсничките. Од тие предлози произлегоа работилниците со креативно изразување на пораките кои врсничките едукатори ги имаа веќе споделувано меѓу себе внатре за време на врсничката школа во изминатиот период. Тука на врсничките едукатори им се понудија доста можности за себе изразување и низ пишан збор, пишување стихови и пеење. Гостин беше Јасна Димитровска, музичар, која накратко им објасни на учесниците за планираните идни активности во школата за ментално здравје за деца и млади, како и поврзаноста на музиката со менталното здравје. Учесниците во еден од претходните модули имаа подготвено неколку свои песни кои во овој модул се отворија и во неколку работилници работеа во насока на креирање една песна која ќе е подготвена за изведба на завршниот настан на оваа школа.

Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.

Прочитајте за претходните модули на работилници

Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 4,5,6]