Врсничката едукација се прошири и во основните училишта во Битола

Последни новости Врсничката едукација се прошири и во основните училишта во Битола По успешната реализација со средношколците во првото полугодие, проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА продолжи и во второто полугодие, но овој пат со нова целна група – ученици од повисоките одделенија во основните училишта. Од вкупно десет основни училишта во Битола, девет од нив се вклучија во иницијативата, секое со 2-3 мотивирани ученици од 8 и 9 одделение. Нивниот ентузијазам уште еднаш покажа колку темата за врсничко насилство е актуелна и колку е важно да се зборува отворено за неа. Во текот на два месеци, учениците беа поделени во две групи и поминаа низ четири тематски модули прилагодени на нивната возраст и разбирање. Темите беа исти како и кај средношколците: стилови на комуникација, поимот моќ и влијание, видови на насилство (физичко, психичко, социјално и сајбер-насилство), како и поимот ненасилна комуникација – пристап кој секој може да го научи и да го практикува во секојдневието. Работилниците понудија можност за размислување, учење и градење емпатија меѓу врсниците. Креативната работилница се реализираше на поинаков начин од онаа за средношколците. Наместо водена медитација, основците избираа слика која ги потсетува или ги асоцира на врсничко насилство и ја претставуваа на хартија преку цртеж и лично толкување. Целта беше емоциите и мислите да се изразат на безбеден и креативен начин. Сите сесии беа водени од психолог и младински работник од ИМКА, а во уметничката сесија се вклучи и локален уметник кој им помогна на учениците во креативниот израз. По завршувањето на четирите модули и креативната работилница, обучените ученици (врснички едукатори) одржаа презентации и кратки едукации пред своите соученици и одделенија до крајот на мај 2025. Овие активности беа одлично прифатени од училиштата, стручните служби, но пред сè од самите ученици, за кои беа и наменети. На крајот на учебната година, организиравме свечено доделување на сертификати за врсничките едукатори кои успешно ја завршија програмата и ја пренесоа едукацијата во своите училишта. За време на настанот беа изложени и нивните цртежи од креативната работилница, како сведоштво за нивниот труд и посветеност. Дваесет ученици успешно ја завршија врсничката школа, а преку нивните активности беа опфатени над 350 ученици во основните училишта во градот. Ова искуство им помогна да се изградат како лидери и поддржувачи на позитивни промени во нивната околина. Проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА претставува продолжение на иницијативата за врсничка школа во рамките на Младинскиот Центар во Битола на теми поврзани со менталното здравје, кои се релевантни за младите, како и за самата Општина. Проектот е поддржан од Signs of Hope (CVJM) и Општина Битола и се реализира во соработка со 9 основни училишта во градот.

GLOW клуб 2025: Девојки во подем

Последни новости GLOW клуб 2025: Девојки во подем Во 2024 година, гордо го вративме клубот GLOW во Битолa по паузата поради пандемијата, повторно обединувајќи и инспирирајќи нова генерација млади девојки преку работилници за лидерство, волонтирање, комуникација и практични вештини. Надоградувајќи се на таа силна основа, 2025 година го носи патувањето понатаму со свежи теми, подлабоко учење и уште повеќе можности за раст. Во 2025 година се продолжи со одржување на работилници за младите девојки, со фокус на нови непокриени теми од интерес за нив. Седмата сесија беше на тема емоционална интелигенција, водена од психолозите Билјана Толевска Наумовска и Орхидеја Робевска. Оваа тема ги прошири знаењата на девојките во однос на самата дефиниција, концептите на ЕИ, нејзиното потекло. Следуваше интерактивна вежба на психодрама во која беа вклучени сите девојки преку лични искуства да го споделат и зајакнат своето знаење на темата. Сесијата заврши со многу позитивни впечатоци, како и ветување за поголема работа на себеси. Осма сесија се одлучивме да биде јога и на наше големо задоволство, поголем број од девојките немаа вакво искуство и за првпат се среќаваа со овој тип на активност корисна за нивниот развој. Јога инструктор ни беше Бојана Артиновска, која несебично го сподели своето знаење, два часа вовед во јогата со конкретни вежби, кои подоцна одлучивме да се применат и во нашиот иден GLOW камп. Јогата ги размрда нашите девојки и ги подготви и во своите домови да продолжат да ја применуваат и понатаму, доколку им се допаѓа. Деветта сесија која беше посветена на социјално претприемништво, водена од долгогодишен искусен социјален иноватор, Анита  Гаговска беше нешто ново како тема, дотогаш не искусено од страна на нашите девојки. Преку неколку игри на запознавање и игри со сценарија се навлезе длабоко во оваа тема каде што секоја од девојките споделуваше предизвици во нејзиното опкружување како и можни иновативни решенија за истите. Целта на GLOW клубот е поголема вклученост на младите девојки во секојдневниот општествен живот, охрабрување да се соочат со предизвиците и вклучување во нивно решавање во реалниот живот. Овој циклус на GLOW клубот го завршивме со десетта и последна сесија на тема финансиска писменост водена од Џеф Спенсер, волонтер на Мировниот корпус кој со сите нас сподели еден дел од своето богато работно искуство. Во текот на својот живот работел како менаџер, професор, финансиски советник и осигурителен агент. На оваа сесија се покрија голем број на теми за основите на финансиите, добро менаџирање со своите пари, типови на заштеда, долгови, инвестиции во иднината и слично, приспособени на возраста. Девојките имаа можност да добијат нови знаења, да прашаат финансиски советник многу прашања и да добијат одговори од прва рака. Со овие десет разновидни сесии, посветени на личниот раст и кариерен развој на младите девојки од нашиот град, отворање на нови видици, вклучување во волонтерски акции за поголема вклученост во општеството, поставивме една основа за понатамошно постоење и напредок на овој клуб. Во јуни оваа година се планира и тридневен GLOW камп каде што овие девојки, заедно со нови заинтересирани би го вратиле сјајот на минатогодишните кампови. Досега, веруваме дека нашиот клуб GLOW имаше позитивно влијание врз девојките кои присуствуваа на нашите сесии. Во десет сесии опфативме широк спектар на теми за да ги едуцираме и подготвиме учесниците за нивните следни чекори во животот. Со нетрпение очекуваме да го продолжиме овој прекрасен проект во есен 2025 година со надежи за негово проширување!

Можности за практикантство во ИМКА: Поддршка на младите професионалци во нивниот развој

Последни новости Можности за практикантство во ИМКА: Поддршка на младите професионалци во нивниот развој Леона Практиканството ми помогна на неколку начини. Ми даде можност да го применам моето академско знаење во реална средина, овозможувајќи ми да стекнам практично искуство во графичкиот дизајн. Работата на различни проекти ми помогна да ги развијам моите креативни вештини, да го подобрам мојот процес на дизајнирање и да станам посигурна во моите способности. Дополнително, праксата ме научи како ефикасно да работам во тим, да соработувам со другите и да ги исполнувам роковите, што се вредни вештини за мојата идна кариера. Исто така, ми овозможи подобро разбирање на професионалната средина и важноста на комуникацијата и повратните информации за постигнување квалитетни резултати. Генерално, ова искуство значително придонесе за мојот личен и професионален развој. Фидела Моето име е Фидела и сум студент на мастер студии. Во текот на моите студии имав можност да станам дел од ИМКА како практикант. Сакам да споделам дека во времето на мојата практиканска работа во организацијата стекнав вештини и знаења што многу придонесоа за мене како студент, како и за мојот професионален развој. Дополнително, би сакала да го истакнам и моето позитивно искуство во работата со мојот ментор, бидејќи неговата поддршка и соработка значително допринесе за успешното извршување на моите задачи.

Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА

Последни новости Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА Оваа година ИМКА направи дополнителни чекори во обезбедување структурирана и влијателна поддршка за кариерно насочување на младите. Врз основа на сертифицирањето на нашите младински работници во методологијата ProfillPASS, како и во методологијата за животни вештини и вработливост од проектот „Овозможување нови можности за младите“, ИМКА успешно започна со индивидуална и групна кариерна поддршка. Изминатата година започнавме со индивидуално кариерно советување, а оваа година започнавме да работиме и со групи врсници, при што и двата пристапи имаат за цел да им помогнат на младите подобро да се запознаат себеси и да донесат информирани одлуки за нивната иднина. Без разлика дали се работи за индивидуална или групна поддршка, пристапот на ИМКА се базира на два главни компоненти: развој на кариерни (најчесто „меки“) вештини и развој на животни вештини (преку различни активности за изградба на карактер). Во однос на групната кариерна поддршка, во март оваа година во рамките на активностите кои ИМКА ги прави во младинскиот центар, пилотиравме серија од три работилници наменети за ученици од основно и средно образование. Сесиите беа прилагодени на возраста на учесниците. Младите имаа можност да ја истражат важноста на личноста и самосвеста како основа за избор на значајна кариера. Секоја работилница беше посветена на: Подлабоко само запознавање, Поставување јасни и достижни лични и кариерни цели, Креирање на CV и лична портфолио-папка, Изградба на професионална мрежа. Во текот на сесиите, младите учесници се сретнаа и со инспиративни личности и нивните кариерни патеки во областа на психологијата, музиката, академијата и граѓанското општество. На последната работилница, учесниците креативно ги обликуваа своите замислени кариерни патеки, зајакнувајќи ја свеста за важноста од носење промислени животни одлуки. Обучувачи на овие три работилници беа проф. д-р Сашо Кочанковски (психолог и гешталт-терапевт) и Анита Гаговска (социјален иноватор). Овие структуирани активности одговараат на растечката потреба од достапно кариерно советување. Нашата цел е да го намалиме јазот помеѓу потенцијалот на младите и побарувањата на пазарот преку иницирање соработка со училишта, компании и локални едукатори за создавање посилен екосистем за развој на младите. Со ова, ИМКА уште еднаш ја потврдува својата мисија да ги поддржи младите во нивниот личен и професионален развој преку релевантни, базирани на докази и младински-фокусирани иницијативи.

Campacity – Патување исполнето со учење, поврзување и инспирација

Последни новости Campacity – Патување исполнето со учење, поврзување и инспирација Во периодот од 27 до 31 март 2025 година, двајца претставници од ИМКА имаа извонредна можност да учествуваат на Campacity 2025 – конференција за градење капацитети на YMCA кампови од Европа и САД. Оваа година, настанот се одржа во Перспектив Фабрик, прекрасен камп лоциран близу градот Бранденбург ан дер Хавел, западно од Берлин, Германија. Campacity е годишна конференција која секоја година се организира во различна земја, во заедничка реализација на ИМКА Европа, ИМКА САД и оваа година и ИМКА Германија како домаќин. Конференцијата собра околу 80 камп професионалци и младински работници од двата континента со цел размена на знаење, споделување искуства и зајакнување на глобалното ИМКА камп движење. Конференцијата е фокусирана на унапредување на камп програмите на ИМКА со иновативни пристапи и содржини кои се насочени кон развој на животни вештини, ментално здравје, справување со конфликти, психо-социјална поддршка, работа со бегалци и сл. Таа овозможува и простор за регионално и меѓународно вмрежување и соработка меѓу лидери од камп заедницата.   Нашето искуство Поминавме четири незаборавни дена исполнети со работилници, камп сесии и неформално вмрежување. Секој ден нудеше две паралелни агенди со сесии со различни теми што ни овозможи како тим да посетиме повеќе содржини и потоа да ги споделиме научените работи. Вечерите беа резервирани за активности со камперски оган, забавни игри и дружење што создаде опуштена и пријателска атмосфера и придонесе кон блискост меѓу учесниците и надвор од формалната програма. Се вративме во Битола збогатени со ново знаење, важни контакти и обновена мотивација да ги направиме нашите кампови поотворени, поддржувачки и значајни за секој млад човек што ќе ни се приклучи.   Што им се допадна на учесниците „Споделивме искуства и добри практики и учевме едни од други.“ — Клаудија„Чувствувам инспирација да ги поврзувам заедниците и да понудам незаборавни камп искуства.“ — Дана „Учевме за градење камп култура… како енергетска состојка.“ — Ана „Енергијата, радоста, камп атмосферата… токму како што отсекогаш сум сонувал.“

Од идеи до акции: дигитални центри, игри и влијание во заедницата

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт Languages X Донирај More than 2 results are available in the PRO version (This notice is only visible to admin users) Последни новости Од идеи до акции: дигитални центри, игри и влијание во заедницата Настанот „Од идеи до акции: дигитални центри, игри и влијание врз заедницата“, чиј домаќин беше ИМКА Словачка, беше супер можност за нас, да бидиме дел од претставниците на 22 национални движења, да се поврзиме со партнери од технолошкиот сектор на нашето европско движење, како HP, Accenture и Microsoft. Почнувајќи од 2023 година, ги здруживме силите со HP Inc. за да ги опремиме младите со алатки и дигитални вештини што им се потребни за да бидат подготвени за иднината на работните места – како и да бидеме дел од мисијата на HP Inc да го забрза дигиталниот капитал за 150 милиони луѓе до 2030 година. Оваа заедничка мисија е дизајнирана да ги истражи можностите за имплементација на решенија за дигитално образование и вештини во нашите заедници, доближувајќи ја технологијата до корисниците, промовирајќи дигитално вклучување и олеснување на употребата на дигиталната сфера како алатка за младинска работа, комуникација и ангажман во заедницата. Среќни бевме за учеството на говорници од висок профил како што се Директорот за Централна и Источна Европа во HP Inc, лидерот за партнерства и програми за социјално влијание во HP Inc, Директорот за одржливо влијание за глобалните комуникации во HP Inc, дигиталниот корпорациски менаџер на HP Accenture Словачка, Директорот за вештини за социјално влијание во западна Европа во Мајкрософт, како и претставник од Министерството за образование – Словачка. Низ неколку панел дискусии тие одржаа инспиративни сесии за дигитална рамноправност, вештачка интелигенција, игри како можност за развој на вештини и дигитални центри како столбови на заедницата, обезбедувајќи им на нашите претставници на националното движење непроценлива експертиза и иновативни чекори за спроведување низ Европа. Овој настан беше значаен чекор кон премостување на јазот помеѓу технологијата и развојот на заедницата. Со здружување на претставници на ИМКА и експерти од индустријата, настанот поттикна соработка, споделување знаење и стратешко планирање за дигитално вклучување. Сега, покрај користењето на технологијата на HP со HP LIFE платформата, ИМКА ќе го имплементира решението HP Gaming Garage, водечка програма за едукација за игри и создавање дизајнирана да ги поттикне вештините за програмирање, дизајн и прототипови. Со пристап до курсевите за сертификати за професионален менаџмент на еспортови и развој на игри, младите ќе имаат пристап до преносливи вештини за идни работни места во секторите бизнис, медиуми и ИКТ. Дизајниран од водечки универзитетски професори за HP Inc и хостиран на edX, HP Gaming Garage нуди бесплатен пристап до 82 модули, достапни на англиски јазик со преводи на 11 дополнителни јазици. За време на оваа дводневна работилница, сите учесници беа поканети на предизвик за дизајнирање проектна идеја за тоа како да се започне Gaming Garage во нашите центри, а најдобрите три идеи би биле претставени и финансиски поддржани за имплементација. Многу сме среќни што нашата идеја „Pay it Forward “е меѓу трите победнички идеи и наскоро ќе почне да се имплементира од нашата ИМКА и ИМКА Албанија. Благодарност до сите партнери и ИМКА Европа за сета поддршка што им ја нудите на нашите центри и можности што им се нудат на младите луѓе и заедниците. Повеќе фотографии може да видите во Албумот. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative

Младинскиот Центар низ бројки 2024

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт Languages X Донирај More than 2 results are available in the PRO version (This notice is only visible to admin users) Последни новости Младинскиот Центар низ бројки 2024 Во мај 2023 година, во Битола беше отворен Младинскиот центар, се со цел да обезбедиме безбеден и инклузивен простор преку различни програми, активности и менторство, каде што имаме за цел да го поттикнеме личниот развој, да негуваме лидерски вештини и да создадеме чувство на припадност кај младите. Со Младинскиот центар раководат 3 младински организации од Битола, ИМКА Сфера Интернационал и МКЦ. После успешно поминатата 2023 година, со вкупно опфатени 2 651 корисници и повеќе од 200 одржани активности, продолжи работата на младинскиот центар со уште поголем ентузијазам и желба за што поголем број на учесници и активности. Во однос на осумте претходно поставени конкретни цели на овој центар, се понудија програмски активности кои во голема мера се исполнети. Овозможен е безбеден простор каде младите можат да си го поминуваат своето слободно време, да ги развиваат своите компетенции, да им се поттикне претприемачкиот дух, промовирани им се здрави животни навики, како и подигање на еколошката свест, информирање за можностите за неформално образованиe, зајакнување на активното граѓанство и промовирање на волонтерството. Во периодот на известување од 01 јануари до 31 декември 2024 година: – беа опфатени 4,469 корисници преку 300 различни активности, од кои голем број од нив се одржуваа повеќекратно. Активностите беа понудени од страна на младинските работници на МЦБ или од различни понудувачи на младинска работа, односно над 15 различни понудувачи за младинска работа ги користеа просторите на Младинскиот Центар Битола за да ги остварат своите активности. Најпосетувани теми беа: дигитално образование, ментално здравје, животна средина, младинско учество и младински политики како и забавните/друштвени активности. Би сакале да издвоиме две програмски активности, водени од ИМКА: Клубот за дигитално образование е втора година по ред еден од најпосетуваните клубови во центарот, се со цел да се постигне поголема дигитална писменост кај младите, како и Врсничката школа за ментално здравје и деца која што со 60тина врснички едукатори, опфати околу 2000 учесници во сите училишта во Општина Битола, како и врсничката школа против врсничко насилство која опфати околу 170 учесници од средните училишта. Активностите на оваа школа продолжуваат и во 2025 година, со фокус на учениците од основните училишта во Општина Битола. Резултатите од работата на МЦБ во периодот од 01 јануари до 31 декември 2024 година се доказ на посветеноста за континуирано работење и организирање активности со цел професионален и личен развој на младите во Битола, како и за поттикнување на нивно учество во донесувањето одлуки значајни за нив во нивната локална заедница. Успехот на програмите е очигледен најмногу преку континуираното зголемување на бројките на посетеност на активностите на младинскиот центар, со што во годишниот период за 2024 година се достигнати поголеми бројки од вкупните посетители во минатата 2023 година. Тоа е резултат на посветеноста на организациите кон унапредување на МЦБ и зголемување на неговата препознатливост кај младите. Целосниот годишен извештај на младинскиот центар на македонски јазик е достапен на веб-страницата на Младинскиот центар. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative

Сведоштва на учесници од врсничката школа за средни училишта

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт MK MK EN X Донирај Последни новости Сведоштва на учесници од врсничката школа за средни училишта Михаела, Гимназија Таки Даскало На обуката за врсничко насилство имав можност да држам презентација пред 40 ученици и двајца психолози во моето училиште. Беше огромно искуство за мене, но истовремено и голем предизвик. Најмногу ме плашеше тоа дали ќе успеам да го задржам вниманието на сите, особено кога знаев дека ќе ме слушаат не само ученици од прва и втора година, туку и професионалци. Тремата и стравот од грешки беа постојано присутни бидејќи ми беше важно мојата порака да биде јасна и добро разбрана. Кога заврши презентацијата, ми олесна и се почувствував многу среќна и опуштена. Иако имав страв, успеав да го совладам и да ја пренесам темата со посветеност. Беше прекрасно да видам како моите зборови влијаат врз учениците, а и да слушнам позитивни повратни информации од сите нив. Тоа ми даде дополнителна мотивација и самодоверба. Дефинитивно би презентирала пак. Секое ново искуство од ваков тип ми помага да се подобрам и да се чувствувам посигурно во себе сега, но и за во иднина. Гледам на тоа како шанса да растам и да го пренесувам своето знаење на други. Кога станува збор за работа со основци, со задоволство би прифатила. Верувам дека работата со помлади ученици е исклучително важна, бидејќи тие се во период кога најмногу учат и се формираат како личности. Би сакала да им помогнам да научат како да се справуваат со насилство и да создаваат позитивни односи со луѓето околу нив. Преку ова искуство уште повеќе сфатив дека се пронаоѓам во психологијата каде сакам да се развивам во иднина. Сакам да продолжам да работам со млади луѓе, да ги инспирирам и да им помагам да се справуваат со предизвиците што ги носи животот. Предраг, Техничко училиште Ѓорги Наумов Јас сум Предраг, имам 15 години и учам во средното техничко училиште. Правев презентација пред отприлика дваесеттина деца и учевме за справување со врсничкото насилство. Од презентацијата јас многу научив за себе, но и за другите. Научив дека имаат проблеми и луѓето кои го вршат насилството, а не само тие кои се жртви на истото. Огнен, Техничко училиште Ѓорги Наумов Јас сум Огнен, ученик во техничкото училиште во Битола и бев врснички едукатор од Школата против врсничко насилство. Пред да почнам со презентацијата се плашев дека можам многу лесно да се збунам и да не бидам разбран или да ја заинтересирам публиката, но тоа веднаш се смена штом почнав да презентирам. Од кога заврши презентацијата се осеќав убаво, олеснето и исполнето дека помогнав во подигање на свеста за врсничкото насилство што се случува во денешното општество. Дефинитивно би сакал да презентирам пак и пред мои врсници, но и пред основци за оваа тема, заради тоа што темата е од големо значење за сите. Нектарија, Гимназија САБА Јас сум Нектарија Илиевска, ученичка во втора година во гимназијата САБА. Пред да дојдам на оваа работилница имав страв од презентација пред многу луѓе, пред деца, како и запознавање со нови деца, но како што врвеше времето со секоја нова работилница се запознававме со децата. Кога требаше да презентираме и ние како врснички едукатори во нашите училишта нештата се променија и бев многу опуштена. Мило ми е што многу учесници се опуштија и почнаа да споделуваат свои искуства, дали тие биле насилници или пак трпеле насилство. И се надевам дека во иднина повеќе ќе се приклучуваат кон вакви работилници за да влијаеме на намалување на насилството. Теодора, Медицинско училиште Јован Калаузи Јас сум Теодора, учам во средното медицинско училиште и имам 16 години. За оваа презентација сметам дека беше корисна и дека научив многу нови работи. Знам дека оваа презентација ќе ми користи и понатаму и знам дека тие што ме слушаа ќе дознаат нешто повеќе што всушност претставува врсничкото насилство. За презентацијата воопшто немав трема и никој не треба да има трема. Не е ништо страшно и доколку си едуциран за тоа што зборуваш тогаш е лесно да се искажеш за сите оние кои сакаат да те слушаат. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative

Врсничка школа против врсничко насилство

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт Languages X Донирај More than 2 results are available in the PRO version (This notice is only visible to admin users) Последни новости Врсничка школа против врсничко насилство Во септември се започна со селекција на врснички едукатори на „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА! После информирање и консултација со средните училишта во Битола се започна соработката со 6 средни школи кои избраа заинтересирани ученици. Во следниот период тие поминаa серија на работилници, практична примена на знаењето и на крајот на полугодието станаа врснички едукатори. Во следниот период од два месеци, нова група на ученици подетално се запознаваа со појавата на врсничко насилство и нејзините последици, споделуваа искуства и учеа како да ја адресираат до стручните служби и возрасните и секако, подобро да ја разберат. Теми на кои посебно се задржавме се: Стилови на комуникација (проследени со вежби од кои гледавме како нашето однесување и комуницирање игра улога во тоа какви пораки испраќаме во нашата околина) Поимот моќ и влијание Видови на насилство (физичко, психичко, социјално и сајбер-насилство) и Поимот ненасилна комуникација, како пристап за кој секој еден може да биде подготвен и да се научи да го применува во своето секојдневие. Следните 2 работилници во одвиваа во една по поинаква атмосфера каде што учесниците најпрво преку водена медитација размислуваа за врсничкото насилство, без разлика дали им се случило нив или биле сведоци на истото, а потоа преку уметност сето тоа беше изразено индивидуално. Преку боите и креативноста со цртање и создавање на уметнички дела тие споделија што значи да се чувствувате поддржани од врсниците и како сите можеме да играме улога во ставањето крај на малтретирањето. Секоја слика е своја приказна за издржливоста, емпатијата и надежта. Врсничката школа ја водеа психолог и младински работник од ИМКА. По завршувањето на 4-те модули и 2те арт работилници кои го обработуваа врсничкото насилство и темите поврзани со него во нашата локална средина, обучените ученици – врснички едукатори спроведоа презентација пред своите ученици и својот клас до крајот на декември оваа година. Овие врснички едукации беа многу добро прифатени од училиштата, стручните служби, но пред се од самите ученици за кои што беа посветени едукациите. На крајот на учебната година, имавме свечено доделување на сертификатите на врсничките едукатори кои успешно ја завршија едукацијата против врсничкото насилство и одржаа работилници и едукации во своите училишта. Целта на овие работилници беше подигање на свеста за оваа појава со цел нејзино намалување. Со активности продолжуваме и во второто полугодие со ученици од основните училишта во Битола. Проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола претставува продолжение на иницијативата за врсничка школа во рамките на Младинскиот Центар во Битола на теми поврзани со менталното здравје, кои се релевантни за младите, како и за самата Општина. Проектот е поддржан од CVJM #SignsOfHope и Општина Битола се реализира во соработка со 6 средни училишта во градот. Повеќе фотографии може да видите во Албумот. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative

Промоција на безбедна училишна средина

Почетна Кои сме Мисија, Визија, Вредности Запознајте го тимот Управување Историја за ИМКА Што работиме Програми Новости Вклучи се Партнерства Контакт Languages X Донирај More than 2 results are available in the PRO version (This notice is only visible to admin users) Последни новости Промоција на безбедна училишна средина Во декември како дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, ИМКА одржа серија од три работилници во основното училиште во Општина Могила. Проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ е обемен проект на Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Smart Up – Лабараторија за социјални иновации како и со поддршка од Детската фондација Песталоци. Се спроведува во периодот од септември 2023 до август 2026 година. Проектни активности Целта на овие работилници беше да се изгради капацитетот на детската организација за да може да спроведе училишни иницијативи кои можат да придонесат за градење побезбедна училишна средина. На работилниците присуствуваа претставници на учениците од повисоките класови, вклучувајќи ги сите претседатели на класовите, нивните заменици и детскиот правобранител на училиштето, на возраст од 12 до 15 години. Почнавме прво да ги подобруваме комуникациските вештини на студентите, да ги запознаеме со концептот на истражување и да им понудиме можност да вежбаат со цел подлабоко разбирање на сè што опфаќа истражувањето. Како дополнителна активност тие мораа да спроведат истражување во нивното училиште, вклучувајќи анкети, прашалници или интервјуа. На последната работилница тие ги разгледаа резултатите и ги оценија во насока да ги разберат и да излезат со релевантни училишни иницијативи. За таа цел за прв пат се запознаа со елементите на проектна иницијатива (што значи проект, кои се фазите на проектниот циклус итн.). Учениците се стекнаа со основни познавања од овие теми кои ќе им бидат корисни во следната фаза од овој проект во пролет 2025 година. Ученичка иницијатива Иницијативата за отворање безбедно катче за учениците ќе се реализира во второто училишно полугодие. Планирано е ова катче да биде во самиот училиштен ходник кое ќе се состои од 5-6 вреќи за седење и неколку маси каде учениците ќе имаат можност да разговараат со психолог за проблемите во нивното секојдневие. На самиот ѕид ќе имаат можност да исцртаат мотивациони пораки, кутија оставена за пофалби и поплаки каде ќе можат анонимно да ги пријават своите забелешки за училиштето, вработените во училиштето, нивните проблеми и слично. Целта на иницијативата е дека ќе го подигне нивото на безбедност кај учениците, стручната служба и училишниот персонал и оваа иницијатива ќе придонесе за подобра училишна средина за оваа генерација ученици.   Повеќе фотографии може да видите во Албумот. Ги оспособуваме младите Facebook-f Instagram Twitter Youtube Flickr Linkedin-in Телефон+389 70 59 43 41+389 72 556 386 ЛокацијаМладински Центар Битола, ул.Крушево, бр.5, 7000 Битола, С. Македонија Поштенска адреса Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42, 7000 Битола, С. Македонија Почетна Кои сме Што работиме Новости Донирај Контакт © Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени. Design & Build by IanMcKenzieCreative