ПРОЕКТ: Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади

Проектот доаѓа како логичен резултат на тоа што во Битола не е обработена темата на менталното здравје на систематски начин, туку само ад-хок и краткорочно. Дополнително на ова и пред Ковид, но особено сега, гледаме огромна потреба да се обезбеди поддршка пред се на нашите млади, но и други ранливи категории на граѓани (самохрани родители и лицата со попреченост) со долгорочен проект за неформално образование насочен кон зачувување на менталното здравје. Дополнително на ова, врз основа на наоди од последни истражувања (Коалиција СЕГА 2021, МОФ 2021 и Институт за човекови права за врсничко насилство 2022) младите од Пелагонискиот регион се меѓу најнезадоволните од квалитетот на животот. По градови, младите битолчани се најнезадоволни од квалитетот на животот, а по пол момчињата се понезадоволни отколку девојчињата. Целите на проектот: 1. Анимација и обука на младите од основните и средните училишта како и од факултетите во Битола за врснички едукатори за ментално здравје. Дополнително на ова, да се спроведе врсничка едукација во сите образовни установи од каде што доаѓаат во насока на препознавање, превенција и соодветно справување со психосоцијалните проблеми кај младите. 2. Формирање на две групи за давање поддршка на еднородителски семејства и семејства со лица со попреченост, како и да служат како ресурсни групи за споделување лични искуства за зајакнување на капацитетите и емпатијата на образовните асистенти, училишните стручни служби и здруженијата на граѓани. 3. Креирање на прирачник со практични упатства корисен за сите оние кои работат со млади луѓе кои имаат психосоцијални проблеми. Како дел од темите ќе се осврнеме на теми значајни за менталното здравје на младите како што се:– Анксиозност и депресија– Ризично однесување, што значи – насилно однесување/насилство од врсници, самоповредување и злоупотреба на супстанции– Градење на издржливост и самодоверба кај децата и младите– Дигиталното претставување на исти теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи. Во рамките на проектот се предвидени резултати: 1. Обуки за врснички едукатори кои ќе се реализираат во првото полугодие во Општинскиот Младински центар наменети за 8мо и 9то одделенци, средношколци и студенти [58 врснички едукатори во 5 групи] 2. Врсничка едукација која ќе се реализира од врсничките едукатори за сите генерации ученици во сите основни и средни училишта, како и на факултети во Битола [опфатени 4.120 ученици]. 3. Две групи за поддршка на истава тема за еднородителски семејства и семејства кои имаат дете со попреченост вклучено во образование [2 групи по 12 учесници]. 4. Креирање прирачник со практични искуства и насоки за сите оние кои работат со млади кои имаат психосоцијaлни проблеми. Веруваме дека овој проект ќе отвори посистематски процеси и ќе отвори дискусии за менталното здравје на младите во училиштата и факултетите како и во другите институции во Битола. Исто така, веруваме дека проектот ќе придонесе за намалување на стигмата за луѓето кои се соочуваат со психосоцијални проблеми и ќе доведе до поголемо прифаќање и поголема емпатија кај младите во Битола. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.