YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства
Од 8 до 11 јули 2026 година, група средношколци од различни градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот YMLP 2026 (Young Men’s Leadership Project) – лидерско и авантуристичко искуство организирано од ИМКА Македонија во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери.
Иако со помал број учесници, YMLP Кампот овозможи секој млад човек да добие индивидуално внимание, да изгради искрени пријателства и да се предизвика себеси преку активности насочени кон развој на лидерски способности, самодоверба и личен раст.
Во текот на четирите дена, учесниците работеа на теми поврзани со столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку интерактивни работилници, тимски предизвици и практично учење, тие ги препознаваа своите силни страни, ги развиваа комуникациските вештини, учеа да решаваат проблеми во тим и размислуваа како можат позитивно да придонесат во своите училишта и локални заедници.
Едукативниот дел беше надополнет со бројни рекреативни и активности на отворено. Учесниците уживаа во куглање, флег-фудбал, олимписки игри, водени предизвици и креативни активности кои поттикнуваа тимска работа и здрав натпреварувачки дух.
Еден од најнезаборавните моменти беше кампувањето во Националниот парк Пелистер. Момчињата ноќеваа во шатори, се дружеа околу логорски оган со традиционалните s’mores, го поминаа адреналинскиот парк, пешачеа низ шумските патеки и заеднички решаваа симулација на авионска несреќа, активност која ги стави на тест нивните комуникациски вештини, лидерски способности и носење одлуки под притисок.
За самите учесници, најголемата вредност на кампот беа пријателствата и чувството на заедништво.
Еден учесник сподели: Спортските активности, огромната количина смеа меѓу нас и запознавањето нови луѓе.
Друг учесник го сумираше своето искуство: Активностите беа одлични, луѓето, персоналот – сè беше одлично.
Други како највпечатлив дел го издвоија престојот во природа:
Кампувањето во шатори, s’mores и стекнувањето нови пријателства.
Кампот на Пелистер.
Влијанието на YMLP кампот продолжи и по враќањето дома, а родителите забележаа значајни позитивни промени кај своите синови.
Еден родител сподели особено емотивно искуство: Мојот син не сака многу да зборува. Најчесто одговара само со ‘да’ или ‘не’ и ретко раскажува што му се случувало во текот на денот. Откако се врати од кампот, стана многу поотворен. Почна да зборува за своите планови, да бара совет и помош, а покажа и поголем интерес за локални прашања како загадувањето, отпадот, планинарските и велосипедските патеки. Почна да ми раскажува како му поминал денот и што правел со пријателите. За мене како родител, тоа е огромна позитивна промена.
И други родители забележаа охрабрувачки промени:
Подобрени комуникациски вештини.
Порасположен, посамоуверен и полн со позитивни впечатоци.
YMLP кампот е многу повеќе од четиридневно летно искуство – тој претставува почеток на подолг лидерски пат. Следната година, учесниците ќе имаат можност да аплицираат за програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА Македонија, преку која младите стекнуваат лидерски, менторски, комуникациски и волонтерски вештини, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите и лидери во своите заедници.
Преку кампот YMLP, ИМКА Македонија продолжува да инвестира во младите, помагајќи им да изградат самодоверба, цврст карактер и практични лидерски вештини што ќе им овозможат позитивно да придонесуваат во своите семејства, училишта и локални заедници.
Телефон
+389 70 59 43 41
+389 72 556 386
Локација
Младински Центар Битола, ул.Крушево,
бр.5, 7000 Битола, С. Македонија
Поштенска адреса
Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42,
7000 Битола, С. Македонија
© Copyright 2026 | ymca.mk | Сите права се заштитени.
Design & Build by IanMcKenzieCreative