Локални волонтери

Волонтирањето е најдобриот начин за стекнување искуство, учење нови вештини, градење сопствена биографија, за личен и професионален развој, патување и помагање на заедницата во исто време. Зависно од потребите на ИМКА во даден момент вообичаено нудиме повеќе волонтерски позиции: Доколку имате волја за волонтирање зависно од вашиот интерес, мотивација, или квалификации, контактирајте не преку социјалните мрежи @ymca.mk да дознаете што моментално се случува во ИМКА и дали нудиме можност за вклучување во даден момент. Исто така може да се приклучете на нашата локална група на Фејсбук (само за Битола).

Учество на саемот за волонтерство

На 7-ми декември од 11:00 часот до 14:00 часот во Фоајето на Центар за Култура – Битола се одржа овогодинешниот Саем за Волонтеризам. На него беа претставени 11 невладини организации од Битола и регионот, како и работата на локалните волонтери клубови, кои ги презентираа своите волонтерски можности и споделуваа нивни успешни приказни и проекти. Меѓу 11-те организации кои зедоа учествона Саемот беше и ИМКА Битола. Ова беше одлична прилика да се поврзат понудувачите на можности за волонтирање и средношколците во градот. Саемот е шести по ред ваков саем, кој е организиран од страна на Американското Катче во Битола и наменет пред се за средношколците, студентите и младите професионалци. Останатите организации кои зедоја учество беа Сефра Интернешнал, МКЦ Битола, Тугедр Македонија, Интеракт, Лео Интернешнал, Сумнал Битола ЦЕДИ, Златно Перо и Центарот за Култура од Битола. Повеќе фотографии од настанот на следниов линк.

Локални волонтерски награди

Советот за волонтерство на Општина Битола ги додели локалните награди за волонтер/ волонтерска акција за 2022. Оваа награда се доделува по повод 5-ти Декември – Меѓународниот ден на волонтерите и целта на нејзиното доделување е да го поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Како дел од Локалниот Советот за Волонтерство (ЛСВ) на Општина Битола е и ИМКА Битола, која има свој претставник во овој Совет. Добитници на наградата оваа година беа Ферзије Асановска, Валентина Соколовска, Марија Бошковска, наградени како волонтери за 2022 година, потоа „Здружението за заштита од повеќе аспекти – ВИКТОРИ“ од Битола, наградено како организатор за волонтерска работа за 2022 година и Наташа Дарков – волонтерски координатор за 2022 година. Наградите ги додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им се заблагодари на наградените за нивното досегашно дејствување, посакувајќи уште многу успешни волонтерски активности во следниот период, за кои општината, секогаш е подготвена да ја обезбеди неопходната поддршка. Настанот се одржа во просториите на Млади Хаб во Битола. Повеќе фотографии од настанот може да погледнете на следниот линк.

Локална стратегија за волонтерство 2023-2026

Неодамна привршија активностите на Локалниот волонтерски совет на Општина Битола (ЛСВ) кои беа насочени кон партиципативно креирање на нова стратегија за волонтерство за Општина Битола за периодот 2023 – 2026 година. Бидејќи ИМКА има свој претсавник во ЛСВ за периодот 2021-2022 година, тој учествуваше во работната група која заедно со претставници од други активни младински или организации за млади од Битола и советници од самата Општина го подготвуваше овој стратешки документ. Се реализираа 3 работни состаноци со претходно утврдена агенда и под водство на надворешен експерт кој имаше задача да ги земе во предвид сите забелешки, предлози, сугестии од страна на членовите на оваа работна група и да ја подготви стратегијата заедно со акцискиот план за периодот 2023 – 2026 година. Овој стратешки документ понатаму ќе биде поднесен до Советот на Општина Битола, кој се очекува да го усвои до март 2023 година. Овие активности беа организирани и спроведени од МКЦ – Битола под името „Време е за волонтирање“, проект кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од Европската Унија. Истовремено, преку овој проект се зајакна и капацитетот на сите членови на ЛСВ Битола преку реализацијата на обуките за креирање на волонтерски политики и имплементирање на креирани планови кои членовите ги добија. Преку оваа активност проектот го зајакна ЛСВ со вештини за креирање на волонтерски политики, за да може успешно да креира нова стратегија за развој на волонтерството во општина Битола и неперечено и во иднина квалитетно да ги имплементира активностите согласно новиот документ. Повеќе слики од овие настани може да проследите тука и тука

Зелена агенда преку Зелен Баир и 1000 шуми за 1 желад

Неколку години по ред ИМКА ја поддржува иницијативата „Зелен Баир“ која се труди да ја реализира идејата за пошумување на делови од месноста наречена Баир во Битола. Тоа е област која се состои од оголени ридови кои настрадаа од пожарот пред неколку години во овој дел од градот. Ова е четврта по ред ваква акција и овој пат беа засадени 200 зимзелени садници од црн бор. Во минатите три години беа засадени повеќе од 400 зимзелени садници во оваа област, од кои дел успешно се адаптирани и веќе го зазеленуваат просторот. Повеќе здруженија на граѓани и некои компании ја поддржуваат оваа иницијатива која се надеваме дека ќе продолжи да се случува и во иднина. Повеќе инфо и фотографии од активностите може да погледнете тука и тука. Дополнително на ова во втората половина на месец октомври 2022 година тимот на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ, каде што  ИМКА е дел ja започна подготовката за реализација на еколошката акција „1000 шуми од 1 желад” која има за цел да ја подигне еколошката свест кај децата и возрасните за значењето на дрвјата во процесот на заштита на животната средина. Aкцијата се состоеше од собирање на здрави дабови желади кои беа поделени на деца од основното образование со цел нивно засадување во домашни услови, одгледување на дрвцата и нивно пресадување на постојана локација. Со оваа акција сакаме да ги заинтересираме за нивно активно вклучување во процесот на садење на нови дрвја, а и да ги мотивираме да продолжат со ваквите здрави навики во иднина. Целта е секое дете да си има свое сопствено дабово дрвце кое ќе го одгледува и покасно ќе го засади на определена локација. Годинава оваа акција како пилот проект се организираше во три основни училишта во Битола (ОУ Св.Климент Охридски, во  ОУ Даме Груев и ОУ Гоце Делчев) во рамките на дополнување на наставата по природни науки. Повеќе слики и видео од акцијата може да погледнете на следниот линк и видео.