Во партнерство со Порака Нова започнавме 7-месечна кампања (од февруари до август 2023 година) против дискриминацијата на лицата со попреченост. Овој проект е фокусиран на подигање на свеста за оваа дискриминација (постоење, препознавање и спречување од дискриминација) во училиштата меѓу учениците и стручните служби на училиштата, како и за промовирање на законските процедури во случај на пријавување на дискриминација до властите. Правните процедури се достапни и промовирани преку Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗПД).
Целта на проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” е да ја подигне свеста за постоењето на дискриминација кон лицата со попреченост во сите животни сфери од нашето општество, како и да укаже на специфични групи на луѓе во Битола за постоењето на законски регулативи кои помагаат таа да се санкционира, спречува и намалува во иднина. Тие групи на луѓе се учениците во средно и основно образование, образовните асистенти и стручните служби во училиштата.
Овој проект се вклопува во нашите стратешки приоритети да работиме со младите на неформални образовни програми и да се фокусираме на методологијата врсничка едукација (peer-to-peer). Темата е целосно во склад со нашата мисија и вредности што ги промовираме. Во овој проект ќе работиме со млади и со образовни асистенти кои работат со овие ранливи категории млади луѓе.
Подигањето на свеста за недискриминација кон лицата со попреченост вклучува:
- Серија обуки и инфромирање на младите и стручните лица во 6 училишта во Битола. Тоа е процес кој ќе трае неколку месеци и ќе адресира не само ученици, туку и оние кои им помагаат најповеќе на лицата со попреченост, а тоа се образовните асистенти и стручните служби во училиштата. Притоа ќе се одберат група ученици да поминат обуки за врсничка едукација по што ќе ги споделат своите знаења и искуства од обуките со своите соученици.
- Дополителни работилници и презентации планирани и за образовните асистенти и стручните служби во училиштата. Во овој дел ќе се вклучени и преставници од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација од Скопје кои ќе помогнат во подобро разбирање на законските регулативи на оваа проблематика.
- Истовремено на социјалните мрежи ќе се води и онлајн кампања за подигање на свесноста за недискриминирање на лицата со попреченост која ќе подразбира споделување на разни видови на информации, текстови и извадоци од законски уредби кои ја допираат оваа тема.
Ова е проект поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, финансиран е од Европската Унија, а спроведуван од Порака Нова и ИМКА како партнери.
Следете ја нашата Фејсбук страница за новости и активности на проектот!