Неколку години по ред ИМКА ја поддржува иницијативата „Зелен Баир“ која се труди да ја реализира идејата за пошумување на делови од месноста наречена Баир во Битола. Тоа е област која се состои од оголени ридови кои настрадаа од пожарот пред неколку години во овој дел од градот. Ова е четврта по ред ваква акција и овој пат беа засадени 200 зимзелени садници од црн бор. Во минатите три години беа засадени повеќе од 400 зимзелени садници во оваа област, од кои дел успешно се адаптирани и веќе го зазеленуваат просторот. Повеќе здруженија на граѓани и некои компании ја поддржуваат оваа иницијатива која се надеваме дека ќе продолжи да се случува и во иднина.

Повеќе инфо и фотографии од активностите може да погледнете тука и тука.

Дополнително на ова во втората половина на месец октомври 2022 година тимот на Платформата ЗЕМИ ЗДИВ, каде што  ИМКА е дел ja започна подготовката за реализација на еколошката акција „1000 шуми од 1 желад” која има за цел да ја подигне еколошката свест кај децата и возрасните за значењето на дрвјата во процесот на заштита на животната средина.

Aкцијата се состоеше од собирање на здрави дабови желади кои беа поделени на деца од основното образование со цел нивно засадување во домашни услови, одгледување на дрвцата и нивно пресадување на постојана локација. Со оваа акција сакаме да ги заинтересираме за нивно активно вклучување во процесот на садење на нови дрвја, а и да ги мотивираме да продолжат со ваквите здрави навики во иднина. Целта е секое дете да си има свое сопствено дабово дрвце кое ќе го одгледува и покасно ќе го засади на определена локација. Годинава оваа акција како пилот проект се организираше во три основни училишта во Битола (ОУ Св.Климент Охридски, во  ОУ Даме Груев и ОУ Гоце Делчев) во рамките на дополнување на наставата по природни науки.

Повеќе слики и видео од акцијата може да погледнете на следниот линк и видео.