Последни новости

Младински центар Битола: 2025 низ бројки

И минатата 2025 година Младинскиот Центар продолжи да обезбедува сигурен и инклузивен простор преку различни програми, активности и менторство, кои што имаа за цел да го поттикнат личниот развој, да негуваат лидерски вештини и да создадваат чувство на припадност кај младите. Со Младинскиот центар раководат 3 младински организации од Битола: ИМКА, Сфера Интернашнл и МКЦ.

После успешно поминатата 2024 година, продолжи работата на младинскиот центар со уште поголем ентузијазам и желба за што поголем број на учесници и активности. Поставените конкретни цели на овој центар се остваруваа низ конкретните програмски активности кои се нудеа, овозможувајќи простор каде младите можат да го поминуваат своето слободно време, да ги развиваат своите компетенции и да им се поттикнува претприемачкиот дух. Се промовираа здрави животни навики, се подигаше еколошката свест и се споделуваа информации за други можности за неформално образованиe, зајакнување на активното граѓанство и промовирање на волонтерството.

Во периодот на известување од 01 јануари до 31 декември 2025 година, беа опфатени 2018 корисници преку 200 различни активности, од кои голем број од нив се одржуваа повеќекратно.

Активностите беа понудени од страна на младинските работници на МЦБ, но исто така и од различни понудувачи на младинска работа, односно над 13 различни понудувачи за младинска работа ги користеа просторите на Младинскиот Центар Битола за да остваруваат свои активности наменети за млади.

Најпосетувани теми беа оние кои беа поврзани со активностите во клубовите на Центарот. Од нив, вреди да се спомене дека креативните работилници се прилично посетувани од страна на младите. После нив се темите поврзани со учење различни вештини кои ќе им помагаат во нивниот кариерен пат. Значително се посетија и темите кои директно се однесуваат на животна средина и на крајот секако, забавните и друштвени активности. Треба да се спомене дека изминатата 2025 година Центарот посвети значително внимание на сопствено рекламирање низ училиштата во градот, сметајќи дека е потребно младите луѓе да бидат информирани за можностите кои ги нудиме низ нашите активности.

На крај, би сакале да издвоиме две програмски активности, водени од ИМКА:

  • ГЛОУ клубот за девојки кој втора година по ред нуди активности наменети за учење на лидерство, волонтирање, комуникација и практични вештини и кои опфатија околу 80 учеснички преку тековна целата година, како и
  • Врсничката школа за личен раст и кариерен развој, со 20-ина врснички едукатори, опфати околу 200 други ученици во повеќето средни училишта во Општина Битола запознавајќи ги со овие теми. Имајќи ги предвид изминатите две врснички школи од последните години, имено, против врсничко насилство и претходната за менталното здравје, за следната година се планирани одредени промени во пристапот и изгледот на овие „школи“.

Резултатите од работата на МЦБ во периодот од 01 јануари до 31 декември 2025 година се доказ на посветеноста за континуирано работење и организирање активности со цел професионален и личен развој на младите во Битола, како и за поттикнување на нивно учество во донесувањето одлуки значајни за нив во нивната локална заедница.

Иако успехот на програмите е видлив најмногу преку интересот за посетеност на активностите на младинскиот центар кој е континуиран, во годишниот период за 2025 година се забележливи помали бројки од вкупните во 2024 година. Тоа се должи на поголемата посветеност на Центарот да се рекламира во средните училишта во годината која што измина – активност која доста конзумира време, енергија и ресурси, а чии што реузлтати не се репортирани како бројки. Се надеваме дека овие напори за Центарот ќе се исплатат во иднина, бидејќи и нивната цел беше зголемување на неговата препознатливост кај младите.

Целосниот годишен извештај на младинскиот центар на македонски јазик е достапен на веб-страницата на Младинскиот центар.