Зајакнување на младинските лидери во летните кампови (ЕСИЛ)

Од Кристина Талевска

По кратка пауза, овој Мај продолжиja ЕСИЛ обуките за камп лидери во ИМКА. Повторно во Холандија како и минатите пати лидерите од неколку ИМКА организации од цела Европа, се собраа за да учат за кампувањето, правилата на кампот, игрите во кампот и другите активности релевантни за нив како идни лидери.

Овој настан беше едно незаборавно искуство кое засекогаш ќе остане во нашите сеќавања. За нас тоа беше огромна можност да научиме нови работи, да запознаеме нови луѓе и нова земја, да ги прошириме нашите знаења, вештини и креативност. После неопходните одложувања на овој камп заради пандемиската ситуација, целиот овој настан беше едно големо освежување и враќање во реалноста.

Овој камп се случи во близина на малото гратче по име Леусден и е дел од големата мрежа на ИМКА кампови во Холандија. Учествувавме повеќе земји како Романија, Македонија, Шведска, Финска, Италија, Шпанија секако и домаќините од Холандија во последната недела помеѓу 25 и 29 Мај.

За кратко време од кога стигнавме сите се поврзавме и не помина долго пред да започнеме да разговараме меѓу нас како да се познаваме со години, без незгодни моменти, без срамежливост, без интровертност. Сите покажуваа искрен интерес за земјата од која што доаѓаат другите, културата, секојдневниот живот, навиките, храната, традициите. Дали беше тоа заради ефектите после пандемискиот бран не знаеме, но секако беше добро да се почувствува човечката топлина и заедништво како и претходно.

Бидејќи на овој камп се подготвуваме и се потсетувавме како е да се работи со други луѓе, важни теми кои ги поминавме беа лидерството, да бидеш добар комуникатор, тимски играч, што значи да си координатор на волонтери, да креираш работилници и да се чувствуваш спонтано низ цел тој процес. Ние тројцата од Македонија, јас, Дарко и Андреј поминавме низ програма која ни помогна да се вратиме на старите добри проверени камперски рутини и да добиеме нова сила за понатаму.

Дел од нашите искуства можете да ги видите овде.

Tags: