Зајакнување на младинските лидери во летните кампови (ЕСИЛ)

Од Кристина Талевска По кратка пауза, овој Мај продолжиja ЕСИЛ обуките за камп лидери во ИМКА. Повторно во Холандија како и минатите пати лидерите од неколку ИМКА организации од цела Европа, се собраа за да учат за кампувањето, правилата на кампот, игрите во кампот и другите активности релевантни за нив како идни лидери. Овој настан беше едно незаборавно искуство кое засекогаш ќе остане во нашите сеќавања. За нас тоа беше огромна можност да научиме нови работи, да запознаеме нови луѓе и нова земја, да ги прошириме нашите знаења, вештини и креативност. После неопходните одложувања на овој камп заради пандемиската ситуација, целиот овој настан беше едно големо освежување и враќање во реалноста. Овој камп се случи во близина на малото гратче по име Леусден и е дел од големата мрежа на ИМКА кампови во Холандија. Учествувавме повеќе земји како Романија, Македонија, Шведска, Финска, Италија, Шпанија секако и домаќините од Холандија во последната недела помеѓу 25 и 29 Мај. За кратко време од кога стигнавме сите се поврзавме и не помина долго пред да започнеме да разговараме меѓу нас како да се познаваме со години, без незгодни моменти, без срамежливост, без интровертност. Сите покажуваа искрен интерес за земјата од која што доаѓаат другите, културата, секојдневниот живот, навиките, храната, традициите. Дали беше тоа заради ефектите после пандемискиот бран не знаеме, но секако беше добро да се почувствува човечката топлина и заедништво како и претходно. Бидејќи на овој камп се подготвуваме и се потсетувавме како е да се работи со други луѓе, важни теми кои ги поминавме беа лидерството, да бидеш добар комуникатор, тимски играч, што значи да си координатор на волонтери, да креираш работилници и да се чувствуваш спонтано низ цел тој процес. Ние тројцата од Македонија, јас, Дарко и Андреј поминавме низ програма која ни помогна да се вратиме на старите добри проверени камперски рутини и да добиеме нова сила за понатаму. Дел од нашите искуства можете да ги видите овде.

Гаранција за млади

ИМКА со свој претставник беше вклучена во обуката за „Гаранција за млади“ која се реализира 7-8 мај. Тоа е проект кој се спроведува од Националниот младински совет на Македонија – НМСМ  во соработка со Коалиција на младински организации – СЕГА и со поддршка на УНДП, Министерство за труд и социјална политика и Агенција за вработување и подразбира работа на промоција на Младинската гаранција преку теренски работници. Мерката „Гаранција за млади“ им овозможува на младите лица до 29-годишна возраст, кои не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука (NEET) да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја од активните програми и мерки за вработување во период од 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица во Агенција за вработување. Повеќе фотографии од настанот може да погледнете тука.

Критична Маса #62

Во мај 2014 граѓанската иницијатива Битола #наТочак ја поттикна првата #КритичнаМаса. Tогаш за прв пат ги повикавме граѓаните да излезат и недвосмислено да упатат порака до јавните функционери дека сообраќајот во Битола е практично насилие на асфалтот кое се негува и храни со политиките кои се верглаат со децении, а посебно последните години. Сето ова резултира со истиснување и бркање на граѓаните кои се движат на алтернативни начини (пешки, #наТочак, со помагала поради физички попречености, родители со мали деца и сл.) од градските улици и нивно принудување на премин кон движење со кола како единствен начин кој е безбеден во дадениве услови. Еве и по 8 години, градот не само што се соочува со истиот проблем туку почнува немилосрдно да се бори со наглото зголемување на бројот на возила, што создава дополнителен загушлив сообраќаен метеж, а граѓаните кои сакат да бидат активни и да се движат на алтернативните начини, да бидат фрлени во оган заедно со тешкашите на коловозот. Она што очекуваме од локалните јавно избрани функционери, е да покажат елементарен осет за безбедност за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура.  Како засегнати граѓани секогаш сме биле сојузник на Општината укажувајќи на локалните власти дека овој систем на сообраќај е неодржлив и дека Општината по децении инвестиции само во замена на асфалт и проширување на улиците со цел проток и удобност на колите, време е да се сврти назад и да види дека си ги заборави своите граѓани кои секојдневно се движат во градските улици во крајно незбезбедни услови. И покрај тоа што граѓаните еве 61 пат излегле на улица со јасни пораки, сепак влијанието на Општината останува 0 километри изградена вело ифраструктура. Во меѓувреме се градат бројни проширени и новоотворени улици без планирање на велосипедскиот сообраќај. Бројни ветувања за конечен пресврт и планирање на инвестициите за Битола да стане пред се град за луѓе, а не град загушен во моторни возила. На последниве локални избори сите партии и групи кои го сочинуваат градскиот Совет беа ЕДНОГЛАСНИ дека нашите реакции се оправдани и потребни и дека ќе се залагаат за промени во планирањето на сообраќајот. Кога веќе го имаме тој консензус не гледаме причини за дополнителни одлагања. Битола може да стане вело град во еден мандат доколку тоа се постави како стратешка цел. Засега тоа не го гледаме. Додека цел свет инвестира во одржливи начини на живот, ние остануваме заглавени во минатото. Повеќе фотографии од настанот може да погледнете тука.

Иницијатива за Западен Балкан на ИМКА

Иницијативата за Западен Балкан започна во периодот на пандемијата и со идеја за подобрување на самоодржливоста, доброто владеење и споделувањето идеи за стратешко финансирање како ИМКА групација во балканскиот регион. Водачите на ИМКА во Северна Македонија, Косово, Албанија и Србија одржуваат редовни состаноци на кои разговараат за заедничките стратегии и националните планови со цел да се создаде акционен план за оваа иницијатива за Западен Балкан. Целта е да се развие секое локално движење на ИМКА во регионот, да се допре до повеќе заедници со овој заеднички напор, при тоа споделувајќи ја мисијата и визијата на ИМКА. Следете ја нашата страница на Фејсбук за новости во врска со оваа иницијатива!