Трета врсничка школа на ИМКА: личен раст, комуникација и кариерно насочување
Во текот на изминатите три години, врсничката школа на ИМКА постепено се развиваше како простор каде младите учат да зборуваат на темите кои најчесто не го добиваат заслуженото внимание во рамките на формалното образование. По една учебна година посветена на менталното здравје и една насочена кон врсничкото насилство, овогодинешната школа ги обедини искуствата од двете претходни и ги насочи кон прашањата што младите сè почесто ги отвораат – кои сме, што нè движи и како да направиме информирани избори за иднината. Затоа, фокусот беше ставен на личниот развој, вредностите и кариерното насочување. Активностите, водени од Јовче Крстески, младински работник и психолог, се одржуваа во периодот на првото полугодие на учебната година во просториите на МЦБ и вклучија учесници од седум средни училишта во Битола.
Врсничката школа се одвиваше преку серија работилници, организирани во одделни модули за личен раст и кариерен развој кои се надоврзуваат еден на друг. Процесот започна со истражување на личните вредности, потреби и интереси, како основа за градење на сликата за себе. Учесниците размислуваа за тоа што им е важно, што ги мотивира и кои фактори влијаат врз нивните избори, како и за нивното влијание врз секојдневното однесување и носењето одлуки. Подоцна, вниманието беше насочено кон разликите меѓу знаењето и вештините и нивното значење за личниот и професионалниот развој, при што младите ги согледуваа сопствените потенцијали и учеа дека личниот раст не се темели исклучиво на тоа што го знаеме, туку и на начинот на кој стекнатото знаење го применуваме во различни животни ситуации.
Комуникацијата и меѓучовечките односи беа обработени како клучен дел од личниот развој. Во рамки на овие модули, учесниците ги истражуваа стиловите на комуникација или темпераментите, и нивното влијание врз односите со другите. Работата продолжи со теми поврзани со конфликтите, при што се анализираа различните стратегии за нивно решавање и врската меѓу личните карактеристики и реакциите во конфликтни ситуации. Во подоцнежната фаза од врсничката школа, фокусот беше насочен кон идентитетот, личната визија и долгорочните цели. Преку креативни и рефлексивни активности, учесниците размислуваа за тоа што ги дефинира, кои вредности ги водат и како овие аспекти се поврзуваат со нивните идни образовни и кариерни избори.
Завршните модули беа насочени кон преземање иницијатива и подготовка за врсничка едукација. Учесниците работеа на планирање и структурирање на презентациите, прилагодување на содржините за различни групи слушатели и развивање на сигурност при јавно настапување. Овој дел претставуваше премин од лична работа кон активно споделување на стекнатите знаења во училишната средина. Процесот беше заокружен со доделување сертификати на учесниците кои зедоа активно учество изминатите месеци и ги реализираа предвидените врснички активности. Со оваа трета врсничка школа ИМКА продолжува да гради континуитет во врсничката едукација и да создава простор во кој младите можат да се развиваат, да се изразат и да добијат насоки и поддршка во градењето на својата иднина.
Проектот беше поддржан од CVJM #SignsOfHope и Општина Битола!
Фотографиите од врсничката школа и врсничките едукации можете да ги погледнете во албумот подолу.
Телефон
+389 70 59 43 41
+389 72 556 386
Локација
Младински Центар Битола, ул.Крушево,
бр.5, 7000 Битола, С. Македонија
Поштенска адреса
Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42,
7000 Битола, С. Македонија
© Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени.
Design & Build by IanMcKenzieCreative