Последни новости

Врсничката едукација се прошири и во основните училишта во Битола

По успешната реализација со средношколците во првото полугодие, проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА продолжи и во второто полугодие, но овој пат со нова целна група – ученици од повисоките одделенија во основните училишта. Од вкупно десет основни училишта во Битола, девет од нив се вклучија во иницијативата, секое со 2-3 мотивирани ученици од 8 и 9 одделение. Нивниот ентузијазам уште еднаш покажа колку темата за врсничко насилство е актуелна и колку е важно да се зборува отворено за неа.

Во текот на два месеци, учениците беа поделени во две групи и поминаа низ четири тематски модули прилагодени на нивната возраст и разбирање. Темите беа исти како и кај средношколците: стилови на комуникација, поимот моќ и влијание, видови на насилство (физичко, психичко, социјално и сајбер-насилство), како и поимот ненасилна комуникација – пристап кој секој може да го научи и да го практикува во секојдневието. Работилниците понудија можност за размислување, учење и градење емпатија меѓу врсниците.

Креативната работилница се реализираше на поинаков начин од онаа за средношколците. Наместо водена медитација, основците избираа слика која ги потсетува или ги асоцира на врсничко насилство и ја претставуваа на хартија преку цртеж и лично толкување. Целта беше емоциите и мислите да се изразат на безбеден и креативен начин.

Сите сесии беа водени од психолог и младински работник од ИМКА, а во уметничката сесија се вклучи и локален уметник кој им помогна на учениците во креативниот израз.

По завршувањето на четирите модули и креативната работилница, обучените ученици (врснички едукатори) одржаа презентации и кратки едукации пред своите соученици и одделенија до крајот на мај 2025. Овие активности беа одлично прифатени од училиштата, стручните служби, но пред сè од самите ученици, за кои беа и наменети. На крајот на учебната година, организиравме свечено доделување на сертификати за врсничките едукатори кои успешно ја завршија програмата и ја пренесоа едукацијата во своите училишта. За време на настанот беа изложени и нивните цртежи од креативната работилница, како сведоштво за нивниот труд и посветеност.

Дваесет ученици успешно ја завршија врсничката школа, а преку нивните активности беа опфатени над 350 ученици во основните училишта во градот. Ова искуство им помогна да се изградат како лидери и поддржувачи на позитивни промени во нивната околина.

Проектот „Врсничка школа против врсничко насилство“ на ИМКА претставува продолжение на иницијативата за врсничка школа во рамките на Младинскиот Центар во Битола на теми поврзани со менталното здравје, кои се релевантни за младите, како и за самата Општина. Проектот е поддржан од Signs of Hope (CVJM) и Општина Битола и се реализира во соработка со 9 основни училишта во градот.

2025 - Peer School against Peer Violence and final event