Активностите во проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” во мај и јуни влегоа во следна фаза со примена на стекнатото знаење и спроведување на врснички едукации во вклучените основни и средни училишта во Битола. Обучените врснички едукатори ги одржаа сите испланирани презентации за нивните врсници во училишта каде учат. Анастасија ја одржа својата презентација во ОУ Климент Охридски, Леона и Кристијан во ОУ Елпида Караманди, а Марта и Михаела во ОУ Коле Канински што се однесува до основните училишта. Додека пак во средните училишта Бранкица и Ангела ги спроведоа своите врснички едукации во средното стручно училиште Таки Даскало, а Иван и Леона во средното медицинско училиште Јован Калаузи.
Фокусот на сите презентации беше на дискриминацијата и нетолеранцијата како однесување кое создава непријатност во комуникацијата и разбирањето на другите луѓе. Сите вежби и активности кои учениците ги споделуваа со своите врсници беа со цел да учениците слушатели се стават во кожата на другиот и да почувствуваат како е да имаш некаква ограниченост во секојдневието. Со тоа врсничките едукатори им овозможуваа на соучениците да имаат практично искуство како изгледа кога во нешто си попречен и со тоа да поттикнат свесност за различноста која секој ја има. На овој начин им се овозможи подобро разбирање на секојдневието на учениците и другите лица со попреченост. Потоа се водеа разговори и дискусии за впечатоците од вежбите и активностите.
Вкупниот опфат на ученици кои беа присутни на овие презентации беше 150тина ученици во 6 одделенија/класа. Со ова се заврши уште една фаза од овој проект кој понатаму ќе продолжи со споделувања на искуствата кои врсничките едукатори ги имаа за време на обуката, како и споделувањето на една мала анкета поврзана со овие теми.
Со проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” ја подигаме свеста за постоењето на дискриминација во сите животни сфери од нашето општество и укажуваме на регулативите кои помагаат таа да се намалува во иднина. Проектот е поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС , финансиран од Европската Унија а спроведуван од Порака Нова, во соработка со ИМКА.
Врсничката едукација е методологија која како организација ќе продолжиме да ја работиме и во следниот период во неколку теми од интерес за младите како што се менталното здравје, личниот, социјален и кариерен развој на децата и младите за што веќе имаме обезбедено поддршка, но за тоа во некоја од следните објави на нашава веб страна.
Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за претходните активности од проектов