Последни новости

Впечаток што трае – Фестивалот „Wonderful Days“ 2025 низ очите на нашите млади

Во јули 2025 година, осум претставници од нашата ИМКА – двајца лидери и шест млади на возраст од 13 до 18 години – беа дел од незаборавниот младински фестивал Wonderful Days во Данска. Овој уникатен камп-фестивал организиран од ИМКА Данска секои две години претставува вистинска авантура на отворено исполнета со концерти, работилници, спортски активности, моменти за лична рефлексија и многу нови пријателства. Благодарение на поддршката од програмата Еразмус+, македонските учесници имаа шанса да бидат дел од овој настан заедно со млади од неколку други европски земји.

Wonderful Days не е обичен фестивал – тоа е заедничко доживување што инспирира, обединува и охрабрува млади луѓе преку неформално образование, волонтеризам и забавни активности. Нашите учесници се вратија полни со нови идеи, вештини и мотивација, подготвени да пренесат дел од фестивалскиот дух и кај нас.

Во продолжение ви ги пренесуваме нивните лични впечатоци – искрени, живописни и полни со благодарност.

Михаил
Моите први мисли кога дознав за фестивалот во Данска беа дека оваа ќе биде незаборавно. Мислам дека сите имавме некои очекувања, но тоа јас што го очекував, испадна реалност, рај за млади. Се чувствував прифатен и бев многу среќен дека сите беа дружељубиви и комуникативни. Аспектот за интернационални запознавања ми беше многу пријатен – споделувавме наши култури и игри. Научив да бидам комуникативен и да уживам во природата. Активностите кои ги имавме на огнот ми влијаеа позитивно – учев како да правам прибор за јадење од дрво и секакви други скулптури. Целокупно искуство би го опишал незаборавно, екстремно забавно и незаборавно за кој и да оди во иднина.

Теона
Затоа што кај нас не постојат вакви настани почетната помисла ми беше дека ова е нешто невозможно за мене, но сепак со мала надеж се пријавив. Се чувствував возбудливо со мала доза на страв дали ќе ги успеам, но на ова место ништо не е невозможно и тука секој ти дава надеж и сила дека се можеш. Стекнав нови искуства поради тоа што прв пат кампував. Се запознав подобро и себе си. После секоја активност се чувствував посилно од тоа што верував дека сум. Првенствено научив да живеам поедноставно од она што го живеам во секојдневниот живот. Научив да бидам поснаодлива, научив дека вредам, дека луѓето ги интересира моето мислење. Би го препорачала овој фестивал и на многу други млади зашто се учат првенствено многу работи кои понатаму помагаат за секојдневниот живот и за личен раст.

Стефанија
Пред заминувањето, очекував нешто помалку, но беше предобро, а и местото беше супер, чисто и средено. За време на сите активности се чувствував предобро и прифатено од страна на сите. Преку учеството на овој фестивал стекнав нови вештини, подобра комуникација со другите и дисциплина. Порано се двоумев дали да се вклучам во нови активности. Сега сум поотворена за предизвици и стекнав нови пријателства што исто така ми значи многу. Овие типови на едукација би ги препорачала. Затоа што учиш како да работиш тимски, стекнуваш нови знаења и дисциплина што е најважно. Фестивалот беше предобро организиран и сакам да му препорачам на секој што има шанса да ја искористи.

Емилија
Од моментот кога разбрав за фестивалот бев пресреќна и возбудена за оваа авантура бидејќи никогаш претходно не сум имала такво искуство. На фестивалот научив за тимска работа, научив како да бидам повеќе одговорна, а исто така и развив многу други вештини како и креативност и отпорност на предизвици. На кампот научив многу работи кои ќе ги користам и понатаму во секојдневниот живот како флексибилност и решавање на проблеми и изнаоѓање креативни решенија. Исто така научив како да го искористам целиот ден и да се чувствувам исполнето. Препорака: Мислам дека во следните шест месеци нема да престанам да му раскажувам на сите како си поминав, бидејќи беше едно незаборавно и презабавно искуство. Му препорачувам на секој да учествува доколку има ваква прилика бидејќи никој не те учи вакви работи кои ќе ги научиш на кампот: пријателството, вештините, искуството и сеќавањата. Целокупно искуство: Би го опишала ова искуство со еден збор – неверојатно.

Јована
Искрено не мислев дека ќе имам толку среќа за да бидам дел од една ваква авантура и немав никакви очекувања, но кога дознав дека ќе учествувам на кампот знаев дека ќе си поминам преубаво, дека ќе запознам нови пријатели, дека ќе научам нешто ново. Најпривлечни активности ми беа активностите кои можевме да ги правиме во слободно време како: плетење, шиење, работа со глина, изработка на белегзии. Учеството во еден ваков организиран камп фестивал значи да имаш вистинска можност да учиш многу нови нешта каде се наоѓаш во друга околина и запознаваш различни личности. Работите кои ги учиш во овие активности на кампови се применливи и корисни во секојдневниот живот. Овие активности на кампови, овие дружења, спомени, искуства им ги препорачувам на секој млад човек затоа што почнува да станува посвесен, посамоуверен, стекнува нови пријателства и станува по храбар.

Мануела
Не можев баш да замислам како би изгледал камп фестивал затоа што прв пат учествував на ваков настан. Фактот што сите кои беа во мојата група веќе ги познавав значеше дека единствено очекување ми беше да имам прекрасна дружба! Секоја игра беше нова за нас и направена за да не вклучи. Така успеав да уживам во секоја поединечна активност која ни се нуди, вклучувајќи дури и еден најобичен разговор со некој од интернационалците. Сето тоа беше можност за личен развој. Во овој 21 век сите се со мисла дека треба да изгледаат совршено, да се однесуваат совршено, да немаат мани, да се трудат да бидат најдобри, да се натпреваруваат меѓусебно и да се трудат најмногу за своите социјални мрежи. Но на камп, се сеќаваме на вистинските стандарди, на она што е навистина важно. На добрината, на пријателството, на хуманоста, на лојалноста и на љубовта! Веруваме дека ваквите доживувања на Wonderful Days оставаат трајни впечатоци и ги охрабруваат младите да бидат поактивни, посамоуверени и поотворени кон светот околу себе.

Гордана – групен лидер
Кога првпат слушнав за летниот камп во Данска, почувствував возбуда и љубопитност. Веднаш ми се виде како одлична можност за нови искуства, запознавање нови луѓе и учење во интернационална средина. Се чувствував ангажирано, инспирирано и прифатено. Атмосферата беше позитивна, а активностите беа динамични и забавни. Најмногу ми се допаднаа тимските активности и работилниците. Овој фестивал ми донесе лична исполнетост, нови пријателства и поголема самосвест. Исто така ми даде можност да излезам од удобната зона и да учам преку искуство. Откако се вратив дома почнав да размислувам кои активности ќе ги користам со моите ученици или на локални настани со моите колеги кои би сакале да се ангажираат. Фестивалот е непроценливо искуство кое комбинира забава, учење и поврзување со луѓе од целиот свет. Дефинитивно би го препорачала. Најмногу би имале корист млади луѓе кои сакаат да се развиваат, да се отворат кон светот и да научат преку искуство. Особено оние што сакаат да работат на лидерски вештини и интеркултурна соработка. „Wonderful Days“ беше повеќе од очекуваното – една од најдобрите активности на кои сум учествувала. Сакам да истакнам колку е важно да се излезе од комфорот и да се прифатат вакви можности. Кампот во Данска ми го прошири хоризонтот и ми помогна да верувам повеќе во себе.

2025 - Wonderful Days. Denmark