На 15.12.2022 година се одржа Форумот за филантропија во организација на Конект и мрежата за финансиска одржливост како дел од Проектот на УСАИД Партнерства за донирање. Ова е годишен собир на националните лидери во филантропијата и вклучи претставници на бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации, меѓу кои и ИМКА, кои споделија искуства и креираа модели за засилена соработка.

Истражувањата на Конект покажуваат дека половина од компаниите донираат во текот на годината што е показател дека кај нас има значаен филантропски потенцијал. Во однос на донирање средства од граѓани оваа 2022 година, Македонија се искачила на солидното 25-то место во споредба со 75-тото во 2013 година, според рангирањето на Светскиот индекс на донирање (World Giving Index). Во време кога непредвидливите случувања во светот ни го исполнуваат секојдневието, а иднината е полна со неизвесност, вистински момент е филантропијата да го заземе своето вистинско место како двигател на позитивни промени во заедницата. Форумот ги претстави глобалните трендови и влијанија на филантропијата и го стави тоа гледиште во македонска перспектива.

“Како поединци, сопственици на бизниси и менаџерки и менаџери, многумина од нас ги отвораат своите паричници за да ги поддржат пријателите, семејството и лицата кои ни бараат итна помош. Но, кога се обмислени и насочени во корист на пошироката заедница, донациите имаат моќ долгорочно да ги подобрат состојбите и да придонесат за благосостојба во општеството. Создаваме партнерства за донирање за да овозможиме зголемени донации, вистински поттикнувања за донаторите и лесни и забавни начини на донирање коишто ќе им овозможат на сите граѓани и компании да бидат дел од промените кон подобро утре.” Истакна Извршната Директорка на „Конект“, г-а Никица Кусиникова.

На форумот се разговараше за надминување на предизвиците за да се обликува поволна околина за зголемено и донирање во функција на забрзан развој. Учесниците покажаа готовност да негуваат партнерствата за донирање, работат на подобра правна рамка, да членуваат во Клубот на одговорни бизниси, се едуцираат за филантропија и општествена одговорност, а интерес побуди најавената онлајн платформата за групно донирање. Овој форум беше организиран од проектот на УСАИД Партнерства за донирање, спроведуван од Конект, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северозападна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Македонија.

Фотографии од настанот може да се видат тука и тука