Последни новости

Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА

Оваа година ИМКА направи дополнителни чекори во обезбедување структурирана и влијателна поддршка за кариерно насочување на младите. Врз основа на сертифицирањето на нашите младински работници во методологијата ProfillPASS, како и во методологијата за животни вештини и вработливост од проектот „Овозможување нови можности за младите“, ИМКА успешно започна со индивидуална и групна кариерна поддршка. Изминатата година започнавме со индивидуално кариерно советување, а оваа година започнавме да работиме и со групи врсници, при што и двата пристапи имаат за цел да им помогнат на младите подобро да се запознаат себеси и да донесат информирани одлуки за нивната иднина.

Без разлика дали се работи за индивидуална или групна поддршка, пристапот на ИМКА се базира на два главни компоненти: развој на кариерни (најчесто „меки“) вештини и развој на животни вештини (преку различни активности за изградба на карактер).

Во однос на групната кариерна поддршка, во март оваа година во рамките на активностите кои ИМКА ги прави во младинскиот центар, пилотиравме серија од три работилници наменети за ученици од основно и средно образование. Сесиите беа прилагодени на возраста на учесниците. Младите имаа можност да ја истражат важноста на личноста и самосвеста како основа за избор на значајна кариера. Секоја работилница беше посветена на:

  • Подлабоко само запознавање,
  • Поставување јасни и достижни лични и кариерни цели,
  • Креирање на CV и лична портфолио-папка,
  • Изградба на професионална мрежа.


Во текот на сесиите, младите учесници се сретнаа и со инспиративни личности и нивните кариерни патеки во областа на психологијата, музиката, академијата и граѓанското општество. На последната работилница, учесниците креативно ги обликуваа своите замислени кариерни патеки, зајакнувајќи ја свеста за важноста од носење промислени животни одлуки. Обучувачи на овие три работилници беа проф. д-р Сашо Кочанковски (психолог и гешталт-терапевт) и Анита Гаговска (социјален иноватор).

Овие структуирани активности одговараат на растечката потреба од достапно кариерно советување. Нашата цел е да го намалиме јазот помеѓу потенцијалот на младите и побарувањата на пазарот преку иницирање соработка со училишта, компании и локални едукатори за создавање посилен екосистем за развој на младите. Со ова, ИМКА уште еднаш ја потврдува својата мисија да ги поддржи младите во нивниот личен и професионален развој преку релевантни, базирани на докази и младински-фокусирани иницијативи.

2025 -  Training - Basics of a Successful Career