Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА

Последни новости Трасирање на иднината на младите: Нова иницијатива за кариерно насочување на ИМКА Оваа година ИМКА направи дополнителни чекори во обезбедување структурирана и влијателна поддршка за кариерно насочување на младите. Врз основа на сертифицирањето на нашите младински работници во методологијата ProfillPASS, како и во методологијата за животни вештини и вработливост од проектот „Овозможување нови можности за младите“, ИМКА успешно започна со индивидуална и групна кариерна поддршка. Изминатата година започнавме со индивидуално кариерно советување, а оваа година започнавме да работиме и со групи врсници, при што и двата пристапи имаат за цел да им помогнат на младите подобро да се запознаат себеси и да донесат информирани одлуки за нивната иднина. Без разлика дали се работи за индивидуална или групна поддршка, пристапот на ИМКА се базира на два главни компоненти: развој на кариерни (најчесто „меки“) вештини и развој на животни вештини (преку различни активности за изградба на карактер). Во однос на групната кариерна поддршка, во март оваа година во рамките на активностите кои ИМКА ги прави во младинскиот центар, пилотиравме серија од три работилници наменети за ученици од основно и средно образование. Сесиите беа прилагодени на возраста на учесниците. Младите имаа можност да ја истражат важноста на личноста и самосвеста како основа за избор на значајна кариера. Секоја работилница беше посветена на: Подлабоко само запознавање, Поставување јасни и достижни лични и кариерни цели, Креирање на CV и лична портфолио-папка, Изградба на професионална мрежа. Во текот на сесиите, младите учесници се сретнаа и со инспиративни личности и нивните кариерни патеки во областа на психологијата, музиката, академијата и граѓанското општество. На последната работилница, учесниците креативно ги обликуваа своите замислени кариерни патеки, зајакнувајќи ја свеста за важноста од носење промислени животни одлуки. Обучувачи на овие три работилници беа проф. д-р Сашо Кочанковски (психолог и гешталт-терапевт) и Анита Гаговска (социјален иноватор). Овие структуирани активности одговараат на растечката потреба од достапно кариерно советување. Нашата цел е да го намалиме јазот помеѓу потенцијалот на младите и побарувањата на пазарот преку иницирање соработка со училишта, компании и локални едукатори за создавање посилен екосистем за развој на младите. Со ова, ИМКА уште еднаш ја потврдува својата мисија да ги поддржи младите во нивниот личен и професионален развој преку релевантни, базирани на докази и младински-фокусирани иницијативи.
Учество во програма за едукација за и поддршка на младински работници во поле на кариерно насочување

Од Јовче Крстески Водени од целта да понудиме поквалитетни сервиси за вработливост на младите, среќни сме што како членка на Сојузот за младинска работа имавме можност да учествуваме на две обуки за советници за кариерно насочување на младите и да научиме за две нови методологии. Едната од нив беше според методологијата „ProfillPASS – Започни ја твојата кариера!“ а другата според методологијата „Sport for employability“ (S4E), како дел од програмата за едукација и поддршка на младински работници насловена како „Младинска работа за активни и вклучени млади“. Преку овие обуки, јас како младински работник во ИМКА заедно со 17 други младински работници од нашата држава се здобија со знаења, вештини и компетенции за користење на проверени методологии во нивната секојдневна работа со млади од ранливи категории. Младинските работници кои учествуваа во овие обуки се оспособија за примена на алатката „ProfillPASS“, која ќе им овозможува да ги насочуваат младите кон истражување на своите можностите за личен и професионален развој, со тоа помагајќи им да ја подобрат својата позиција на пазарот на трудот. Користењето на #S4E како алатка за поттикнување и развој на вештини, ќе им помогне на младинските работници во поддршката и охрабрувањето на младите луѓе од нивните заедници во насока на освестување на своите вештини и потенцијали, како и на нивна доизградба. По обуките, вклучените младински работници ќе спроведат практични активности со примена на научените методологии во своите средини. Како обучен младински работник од ИМКА ќе го применам моето знаење во работата со млади во Младинскиот Центар во Битола како и при подготвувањето на програмите кои ИМКА ги спроведува на оваа локација.Сојузот за младинска работа ја спроведува оваа програма во рамките на регионалниот проект “Социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан“ и глобалната програма „Спорт за развој“ спроведени од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Обуките за овие методологии се спроведоа на 21-24.09.2023 и 30.10-02.11.2023 во Дојран. Обуката за #ProfilPASS беше спроведена со помош на обучувачи од Центарот за доживотно учење, а таа за #S4E со помош на обучувачи од ТАКТ.