Форум за филантропија 2024: филантропијата како двигател на одржливиот развој

Имавме можност да земеме учество на овој убав и инспиративен настан во кој разни чинители се обединуваат со цел заедничко соочување со предизвиците на денешнината. На форумот на кој учествуваа учесници од Албанија, Косово, Македонија, Сингапур, Србија и Хрватска и над 80 учесници од институции, бизниси, граѓански организации и медиуми беше истакнато дека филантропските напори играат клучна улога во унапредувањето и градењето на поправеден и одржлив свет за сите. На форумот се споделија најдобрите практики од Балканот и пошироко. Филантропијата е делување што создава повеќе можности, партнерства и нови модели на засилена соработка што поттикнуваат раст на патот кон одржливиот развој. Една од насоките за делување која се истакна е дека треба да се работи на унапредување на стратешката филантропија, а не само на ад-хок иницијативи и давање поддршка во итни ситуации. На овој настан „Конект“ ги претстави и можностите на новата платформа за групно донирање „Оп-оп“ што на донаторите им овозможува обмислено донирање во вредни непрофитни организации што проверено прават големи промени. На 6 граѓански организации кои поминале низ процесот на проверка на високи меѓународни стандарди им беше доделен и сертификатот „Ознака за доверба“ и истите се препорачуваат на донаторите за поддршка. Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, истакна дека УСАИД верува дека филантропијата може да биде двигател на одржлив раст. Носители на врвни извршни позиции на домашните компании, членки на Клубот на одговорни бизниси на „Конект“ истакнаа дека здружувањето на компаниите во оваа иницијатива за одржливост ќе го засили нивното позитивно влијание врз општеството во соработка со граѓанскиот сектор. Панел дискусијата на медиумите ја истакна потребата добрите филантропски пракси да котираат повисоко во темите кои се во фокус на уредничките политики негувајќи национална култура на доброчинство. Овој настан е дел од проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од „Конект“ во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ECNL), Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.
Учество на националниот форум за филантропија

На 15.12.2022 година се одржа Форумот за филантропија во организација на Конект и мрежата за финансиска одржливост како дел од Проектот на УСАИД Партнерства за донирање. Ова е годишен собир на националните лидери во филантропијата и вклучи претставници на бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации, меѓу кои и ИМКА, кои споделија искуства и креираа модели за засилена соработка. Истражувањата на Конект покажуваат дека половина од компаниите донираат во текот на годината што е показател дека кај нас има значаен филантропски потенцијал. Во однос на донирање средства од граѓани оваа 2022 година, Македонија се искачила на солидното 25-то место во споредба со 75-тото во 2013 година, според рангирањето на Светскиот индекс на донирање (World Giving Index). Во време кога непредвидливите случувања во светот ни го исполнуваат секојдневието, а иднината е полна со неизвесност, вистински момент е филантропијата да го заземе своето вистинско место како двигател на позитивни промени во заедницата. Форумот ги претстави глобалните трендови и влијанија на филантропијата и го стави тоа гледиште во македонска перспектива. “Како поединци, сопственици на бизниси и менаџерки и менаџери, многумина од нас ги отвораат своите паричници за да ги поддржат пријателите, семејството и лицата кои ни бараат итна помош. Но, кога се обмислени и насочени во корист на пошироката заедница, донациите имаат моќ долгорочно да ги подобрат состојбите и да придонесат за благосостојба во општеството. Создаваме партнерства за донирање за да овозможиме зголемени донации, вистински поттикнувања за донаторите и лесни и забавни начини на донирање коишто ќе им овозможат на сите граѓани и компании да бидат дел од промените кон подобро утре.” Истакна Извршната Директорка на „Конект“, г-а Никица Кусиникова. На форумот се разговараше за надминување на предизвиците за да се обликува поволна околина за зголемено и донирање во функција на забрзан развој. Учесниците покажаа готовност да негуваат партнерствата за донирање, работат на подобра правна рамка, да членуваат во Клубот на одговорни бизниси, се едуцираат за филантропија и општествена одговорност, а интерес побуди најавената онлајн платформата за групно донирање. Овој форум беше организиран од проектот на УСАИД Партнерства за донирање, спроведуван од Конект, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северозападна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Македонија. Фотографии од настанот може да се видат тука и тука
Работилница за ознака за доверба

На 07.02.2022 година 17 граѓански организации преку онлајн презентација се запознаа со стандардите на Ознаката за доверба и придобивките од нејзиното користење. Меѓу нив беше и младинската асоцијација ИМКА со свој претставник. Ознаката за доверба претставува само-регулирачки систем кој има за цел на граѓаните и компаниите да им го олесни изборот на доверливи организации во коишто можат да донираат. Таа се стреми долгорочно да ја зголеми довербата помеѓу граѓанските организации и локалните донатори. Ознаката се добива преку внимателно креиран процес и критериуми за транспарентност, отчетност, резултати од работењето, почитување на законската регулатива итн. Граѓанските организации коишто ја поседуваат ознаката за доверба се добри партнери на граѓаните, но и на останатите чинители во заедницата. Зошто да донирате во организација што ја поседува ознаката за доверба? За да ја стекне ознаката за доверба, здружението треба да се придржува кон одреден сет на принципи и критериуми во следните области: Граѓанските организации за да ја добијат ознаката за доверба прво вршат само-оценка односно, пополнуваат прашалник за евалуација на своето работење, а потоа одборот на ознаката за доверба врши проверка на целата документација и дополнителни средби со здружението. На овој линк можете да го погледнете Водичот за пријавување за добивање на ознаката. На крајот од овој процес Одборот одлучува дали здружението ќе ја добие ознаката за доверба.