Skip to content
Активностите во проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” во мај и јуни влегоа во следна фаза со примена на стекнатото знаење и спроведување на врснички едукации во вклучените основни и средни училишта во Битола. Обучените врснички едукатори ги одржаа сите испланирани презентации за нивните врсници во училишта каде учат. Анастасија ја одржа својата презентација во ОУ Климент Охридски, Леона и Кристијан во ОУ Елпида Караманди, а Марта и Михаела во ОУ Коле Канински што се однесува до основните училишта. Додека пак во средните училишта Бранкица и Ангела ги спроведоа своите врснички едукации во средното стручно училиште Таки Даскало, а Иван и Леона во средното медицинско училиште Јован Калаузи. Фокусот на сите презентации беше на дискриминацијата и нетолеранцијата како однесување кое создава непријатност во комуникацијата и разбирањето на другите луѓе. Сите вежби и активности кои учениците ги споделуваа со своите врсници беа со цел да учениците слушатели се стават во кожата на другиот и да почувствуваат како е да имаш некаква ограниченост во секојдневието. Со тоа врсничките едукатори им овозможуваа на соучениците да имаат практично искуство како изгледа кога во нешто си попречен и со тоа да поттикнат свесност за различноста која секој ја има. На овој начин им се овозможи подобро разбирање на секојдневието на учениците и другите лица со попреченост. Потоа се водеа разговори и дискусии за впечатоците од вежбите и активностите. Вкупниот опфат на ученици кои беа присутни на овие презентации беше 150тина ученици во 6 одделенија/класа. Со ова се заврши уште една фаза од овој проект кој понатаму ќе продолжи со споделувања на искуствата кои врсничките едукатори ги имаа за време на обуката, како и споделувањето на една мала анкета поврзана со овие теми. Со проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” ја подигаме свеста за постоењето на дискриминација во сите животни сфери од нашето општество и укажуваме на регулативите кои помагаат таа да се намалува во иднина. Проектот е поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС , финансиран од Европската Унија а спроведуван од Порака Нова, во соработка со ИМКА. Врсничката едукација е методологија која како организација ќе продолжиме да ја работиме и во следниот период во неколку теми од интерес за младите како што се менталното здравје, личниот, социјален и кариерен развој на децата и младите за што веќе имаме обезбедено поддршка, но за тоа во некоја од следните објави на нашава веб страна. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за претходните активности од проектов
За време на нашите досегашни активности се одржаа четири работилници за ученици, една за образованите асистенти во училиштата кои се вклучени и една за стручните психолошко – педагошки служби. На четирите работилници учествуваа 12 ученици кои беа спремани да ја преземат улогата на врснички едукатори на темата недискриминација на лица со попреченост. Темите кои ги поминаа на првата работилница беа општи и ги адресираа општите човекови права и посебно детските права. Втората работилница беше за поимот дискриминација и навиките кои се причина за оваа појава, како што се предрасудите и стереотипите. На крајот се зборуваше за начинот на кој дискриминацијата се надминува, а тоа е толеранција. На третата работилница се обработија темите за попреченоста и дискриминација на лицата со попреченост, а учениците ги подготвија и своите првични нацрт идеи за тоа како ќе ја изведат врсничката едукација наменета за своите соученици. Во последната работилница се зборуваше за видовите на насилство и за заштитата од дискриминација. Исто така идеите за презентации на учениците кои се продлабочија со помош на инструкторите при што им се даде можност и креативна слобода на учениците да го изразат материјалот кој што го спремиле најдобро што можат согласно сопствените можности. Со тоа се затвори малиот циклус обуки наменети за учениците и следуваше Работилница наменета за образовните асистенти кои работат во училиштата со лица со попреченост. Со оглед на моменталната реформа во нашиот образовен систем каде се воведува поголема инклузивност на овие лица во образовниот процес, оваа обука наиде на голем интерес кај образовните асистенти. Беа покренати многу прашања и асистентите ја искористија приликата да ги изразат своите ставови, мислења и согледувања за разните процеси кои се случуваат во образованието особено во делот на нивниот работен ангажман во училиштата. На работилницата со нив се поминаа истите теми како и со учениците но во позбиена форма и на повисоко ниво. Оваа недела се одржа и последната од предвидените шест работилници. Таа беше наменета за стручните служби на училиштата во Битола и ги покри темите за законските регулативи поврзани со заштита од дискриминација на лицата со попреченост. Стручните служби имаа можност да се запознаат со овие законски регулативи низ презентација која за нив ја одржа претставник од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација (КСЗД). После посочувањето на законските уредби беше прикажана и студија на случај каде КСЗД постапувале по предмет пријавен кај нив со што стручните служби имаа можност да видат како изгледаат постапките при пријава на дискриминација на лице со попречености и кои се институциите и процедурите кои треба да се следат во целокупната постапка. Со тоа училишните служби имаа можност да се запознаат со последните и најнови измени во законските одредби и постапки поврзани со оваа тематика. Со проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” ја подигаме свеста за постоењето на дискриминација во сите животни сфери од нашето општество и укажуваме на регулативите кои помагаат таа да се намалува во иднина. Проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” е поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС , финансиран од Европската Унија а спроведуван од Порака Нова, во соработка со ИМКА. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект
Во партнерство со Порака Нова започнавме 7-месечна кампања (од февруари до август 2023 година) против дискриминацијата на лицата со попреченост. Овој проект е фокусиран на подигање на свеста за оваа дискриминација (постоење, препознавање и спречување од дискриминација) во училиштата меѓу учениците и стручните служби на училиштата, како и за промовирање на законските процедури во случај на пријавување на дискриминација до властите. Правните процедури се достапни и промовирани преку Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗПД). Целта на проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” е да ја подигне свеста за постоењето на дискриминација кон лицата со попреченост во сите животни сфери од нашето општество, како и да укаже на специфични групи на луѓе во Битола за постоењето на законски регулативи кои помагаат таа да се санкционира, спречува и намалува во иднина. Тие групи на луѓе се учениците во средно и основно образование, образовните асистенти и стручните служби во училиштата. Овој проект се вклопува во нашите стратешки приоритети да работиме со младите на неформални образовни програми и да се фокусираме на методологијата врсничка едукација (peer-to-peer). Темата е целосно во склад со нашата мисија и вредности што ги промовираме. Во овој проект ќе работиме со млади и со образовни асистенти кои работат со овие ранливи категории млади луѓе. Подигањето на свеста за недискриминација кон лицата со попреченост вклучува: Ова е проект поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, финансиран е од Европската Унија, а спроведуван од Порака Нова и ИМКА како партнери. Следете ја нашата Фејсбук страница за новости и активности на проектот!