Вклучи се

Отворен повик за персонал на летниот дневен камп SPARK 2026 на ИМКА

Замислен како динамичен тридневен камп SPARK е наменет за ученици од VI-VIII одделение, девојчиња и момчиња кои себеси се гледаат како млади идни лидери. Преку креативност и тимска работа, авантури на отворено и активности што ќе ја поттикнат нивната самодовербата, учесниците ќе го започнат својот лидерски развој во инспиративна, безбедна и поддржувачка средина. 

Во потрага сме на мотивирани и одговорни млади лица кои ќе ни се придружат како дел од тимот одговорен за реализација на дневниот летен SPARK камп. ИМКА отвора јавен повик за волонтерски персонал на SPARK 2026 што ќе се одржува во периодот 23-25 јуни (вторник-четврток), од 9 до 16 часот во Битола 

Доколку сакаш да работиш со млади, да ги развиваш своите лидерски вештини и да придонесеш кон севкупните позитивни промени во заедницата, тогаш SPARK е вистинското место за тоа! Овој ангажман е особено значаен за студенти и млади професионалци во полето на младинска работа, психологија, педагогија и социјална работа. 

 

Дневен камп SPARK  

Активностите на тридневниот летен камп ќе се реализираат на Педагошкиот факултет во Битола и Националниот парк Пелистер. Програмата  го  комбинира искуственото учење со креативност и авантура, и опфаќа: 

  • развој на тимски и лидерски вештини 
  • подигнување на еколошката свест 
  • креативни работилници  
  • драмска уметност и раскажување приказни 
  • музика и танц 
  • адреналински парк (ниски и високи јажиња) 

 

Отворени позиции за персонал 

Регрутираме персонал во следниве области: 

  • Советување: работа со мали камперски групи, поттикнување соработка помеѓу учесниците, улога на позитивен пример како ментор  
  • Програма: планирање и водење на работилници и активности, фасилитирање сесии за лидерство, уметност, екологија и животна средина  
  • Комуникации: фотографирање и снимање на активностите, подготовка на дневни објави за социјалните мрежи, поддршка и промоција на SPARK кампот. 
  • Логистика: организациска поддршка, распоред и координација на материјали, задолженост за непречено одвивање на програмата. 

 

Аплицирајте ТУКА најдоцна до 6 март 2026 година! 

Придружи ни се овој јуни и помогни ни заедно да ја поттикнеме иницијативата кај младите!