Искуството од Камп SDG#13

Од 21 до 26 август оваа година во рамки на проектот Climate change leaders/Youth led solutions, го реализиравме дневниот еко камп SDG13, поддржан од YMCA USA на кој зедоа учество единаесет 16-23 годишни млади ентузијасти, заинтересирани за екологијата, цели за одржлив развој и еко активизам од Битола. Првите три дена од кампот беа за влез и давање инпути во материјата, односно учење и продлабочување на знаењето за целите на одржлив развој, со посебен акцент на 13тата цел, климатските промени. Првиот ден кампот се одвиваше во Младинскиот Центар во Битола, додека следните два дена на отворено во Градскиот парк кој беше едногласно избран од сите учесници како место соодветно за учење за животната средина преку настава во природа. Активностите секој од деновите траеа по 3-4 часа со комбинација од работилници и вежби. Учесниците ги запознавме со мисијата на ИМКА, се запознаа меѓу себе, самостојно ги презентираа сите 17 цели на одржлив развој и имаа можност да изучуваат за циркуларна економија преку HP Life курсевите. Презентирани им беа примери за еко активизам, како во нашата земја така и од повеќе места од светот, како и разработување на актуелни еколошки проблеми и предлагање на решенија за истите. Исто така се разговараше и се предлагаа совети за зачувување на природата преку игри и занимливи активности на отворено. Третиот ден беше конкретно посветен на загадувањето на воздухот, предизвикувачи на загадување, преземени чекори за негово намалување и што ние како индивидуи можеме да допринесеме за почист воздух. Покрај другите, тука се наметна темата за начини на транспорт, нивната ефикасност, економичност и достапност на истите. Секој од работните денови завршуваше со евалуација на наученото од тековниот ден. За време на настанот најавена беше Европската недела на мобилност и можните активности кои би ги презеле ние како учесници на овој еко камп за споделување на дел од знаењата со други деца и млади на интерактивен и забавен начин. Се одлучи последниот ден од еко кампот да се одржи завршен настан целосно испланиран и спроведен од страна на сите учесници со нивни идеи и предлози, секако со целосна поддршка од тимот на ИМКА. Учесниците беа поделени во 3 тимови, и следниот ден се одржа состанок со секој од тимовите за координација каде беа избрани 15 идеи за активности на отворено со цел најава и поддршка на Неделата на мобилност. На 26.08.2023 под мотото Научи. Сподели. Вклучи се. Активирај се. започна отворениот настан во Градскиот парк во Битола со претходно подготвени игри за деца, Џенга, slack line, работилница за правење на беџови, импровизиран полигон за велосипедисти, едукативни игри и слично. Целта беше поголема свесност за велосипедизмот, здравиот начин на живот и заштитата на животната средина. Настанот беше посетен од голем број на млади од нашиот град и воведивме вело изненадувања за најдобрите посетители – велосипедисти. Среќни сме дека на настанот остваривме соработка со корпоративен партнер Алпско, како голем поддржувач на организациите кои подржуваат здрави начин на живот. После двочасовни активности со децата, настанот го завршивме со велосипедска тура низ битолските улици со велосипедисти од сите возрасти од нашиот град, како повик за поставување на вело патеки се со цел полесно и побезбедно движење на велосипедистите кои се се побројни во нашиот град.