Од Мартина Дурлјанова

Нашата група за поддршка е „Група за оддишка“ како што често ја нарекуваат родителите кои имаат деца со попреченост. Се работи за родители херои, кои се оставиле многу позади другите, на забот на времето за да бидат столбот на семејството. Но тоа го прави секој родител нели? Сепак родителите на децата со попреченост не го имаат само товарот на семејството, туку и товарот на “пу пу скраја да е“ погледите, товарот на општеството кое им ја отежнува и така тешката ситуација, неприфаќањето од пошироката фамилија, одделувањето од сите социјални собири, настани, дружења па и едни обични излегувања.

Благодарение на проектот „Врсничка школа за ментално здравје“ ја отворивме групата за поддршка каде се отвори простор не само за дружење туку и психолошка поддршка и место каде што се откриваат и најтемните страни кои долго се криеле кај овие родители, теми за кои никогаш немале можност да разговараат, насоки за кои не биле свесни дека можат да се отворат и разговори за кои не биле свесни дека може да се остварат.

Низ реализираните дванаесет средби кои започнаа од ноември минатава година па се до јуни оваа година поминавме бројни теми. Почнавме со менталната хигиена како тема, па така по менталната чистка продолживме подлабоко да навлегуваме во нови теми и да ги откриваме мрачните страни на издржливоста (онаа очекувана и наметлива), па како таа раѓа анксиозност и депресија, ја тишти самодовербата и сето тоа допринесува да се зголемува стресот во секојдневието, за на крај да не можат да се справат со (не)поддршката и (не)прифаќањето од околината и институциите, но и она најтешкото, поддршката од семејството која ретко ја имаат. А цел тој процес се повторува постојано, со секоја нова случка, надвор или дома, со секој еден настан поврзан со детето.

За среќа ние создадовме една комфорт зона, каде родителите со душа чекаат да дојдат да разговараме на нови теми но и да се навратиме на некоја од старите, затоа што секој ден крои нова приказна, нов предизвик со кој моментално мора да се соочат, па со помош на психологот ги разговараат, разглобуваат во детали за тоа како се чувствувале тогаш во тој момент, а како сега додека раскажуваат. И да не ја занемариме и поддршката од самата група, која меѓусебно си помага за полесно справување на проблемите. Желбата на родителите за да продолжиме да ја водиме групата и после завршувањето на проектот е голема, па така ние не би застанале тука, туку би продолжиле да се движиме со исто темпо и понатаму со цел да им излеземе во пресрет на нивните потреби.

Со овие активности Врсничката школа за ментално здравје на деца и млади дојдоа во својата финална фаза. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос..

За впечатоци од учесниците прочитајте тука