Билјана Стефановска
Како учесник во групата за поддршка на родители на деца со попреченост на самиот почеток разговаравме за проблемите со кои се соочуваме во нашето секојдневие, нешто што ни беше позната приказна на сите, меѓутоа со тек на време тоа премина во взаемна поддршка при што почнавме да си помагаме едни со други, заедно борејќи се со бариерите на системот во кој живееме. Гледајќи ја групата составена само од мајки на деца со попреченост кои се борат за доброто на децата, мојата желба за во иднина заедно со помош на другите учесници и соработници да ги поттикнеме и татковците на овие деца да учествуваат во вакви групи за поддршка се со цел заедно да ги надминеме бариерите и стереотипите околу прилагодувањето и прифаќањето на нашите деца во местото каде живееме и да осетиме дека оваа борба е заедничка.

Билјана Стојановска
На самиот почеток на групите за поддршка ми се вртеше една мисла во главата, а тоа е дека и овие ќе бидат како и секој друг проект што сме учествувале, ради реда да се помине низ процесот или дека има некоја позадина. Меѓутоа со тек на време многу позитивно бев изненадена од тоа како бевме прифатени, овозможувајќи ни да си ги споделиме нашите проблеми, а за кои добивавме конкретни насоки кон тоа да го најдеме ако можеме никулецот на тој проблем или пак со соодветни техники да научиме да го совладаме или да ја намалиме тешкотијата на нашиот проблем. Групата, членовите соработниците направи да се почувствуваме посебни како личности, а не само како родители на деца со посебни потреби. Во иднина би сакала во овој проект да се вклучи целото семејство, односно татковците, како и браќата и сестрите на децата со посебни потреби и заедно да ги совладаме проблемите кои секојдневно не окупираат.

Јасмина Гелевска
Оваа година за прв пат се вклучив во група за поддршка на родители кои имаат деца со попреченост. Тоа е едно прекрасно искуство од кое станавме попозитивни личности, добивме многу поддршка, совети, храброст и сфативме дека повеќе вредиме и вреди да се бориме. Сите учесници станавме како едно семејство и нашето дружење ќе продолжи во иднина. Создадовме силна врска со помош на стручните лица и им сме благодарни за тоа. Ги повикувам сите лица кои се соочуваат со ваков проблем да не се двоумат и да се вклучат во вакви групи бидејќи заедно е полесно и можеме сѐ. Мое мото: Ние немаме избор да бираме, ние мора да се бориме за нас и нашите најмили.

Бојана Артиновска
Не знаев што да очекувам, прв пат имам искуство со психолози. Знаев само дека треба да се соочам со мојата вистина. За среќа многу брзо стекнав доверба и се осетив безбедно во групата. Успеав да се соочам со повеќе стравови и научив да споделувам, а во исто време да бидам тука и за другите членови од групата, т.е. да слушам. Научив многу за менталното здравје преку теоретските предавања, но искуствените Гешталт вежби ми помогнаа многу брзо да дојдам до одговори и ми отворија можност за понатамошна работа со себе. Најголемата придобивка мислам дека е тоа што научив свесно да приоѓам кон проблемите, знаејќи дека постои решение, само треба да погледнам од друга перспектива. Препознавањето на проблем ми помага мене лично, но исто така чувството за поддршка и сочувство во мене е сега поизразено кога ќе го воочам и кај друг. Го охрабрувам секој кој се пронаоѓа во проблематикава да се приклучи доколку е во можност. Прифаќањето помош мислам дека е една од најтешките работи која треба сите да ја учиме. Ова беше едно прекрасно искуство за мене и бескрајно сум благодарна.

One Response