Вклучи се

Повик за учеснички за GLOW камп 2026

YMCA.mk официјално го објавува повикот за пријавување на кампот Girls Leading Our World (GLOW) за 2026 година. Продолжувајќи ја својата успешна традиција на организирање модерни летни кампови по американски модел, програмата се реализира во соработка со волонтери од Мировниот корпус, како и со посветена мрежа на локални волонтери.

Кампот е наменет за млади кои сакаат да направат промена, а особено ги охрабрува средношколките да се пријават и да бидат дел од ова искуство што може навистина да им го промени погледот кон себе и светот. Станува збор за камп од 4 дена и 3 ноќевања, кој се одржува во Битола и помеѓу прекрасната природа на Националниот парк Пелистер – средина што е идеална за учење, личен развој и нови пријателства.

GLOW кампот има за цел да ги охрабри младите девојки да го развиваат својот потенцијал преку практично учење и меѓусебна соработка. Учесничките работат според програмата „Leaders-in-Training“, која опфаќа теми како граѓанска одговорност, животна средина, лидерство, личен развој и кариерен развој. Преку интерактивни работилници, тимски предизвици и разговори за лични искуства, девојките стекнуваат важни животни вештини и градат самодоверба да преземаат иницијатива и да влијаат позитивно.

Покрај едукативниот дел, кампот нуди и многу забава – спортски активности, авантури во природа и креативни работилници, за едно целосно и незаборавно летно доживување.

Информации за кампот

  • Датум: 8 – 11 јули 2026
  • Локација: Битола и Национален парк Пелистер
  • Кој може да се пријави: средношколки од I до IV година кои покажуваат лидерски потенцијал, имаат солидно познавање на англиски јазик, мотивација и искуство со волонтерство
  • Вредности на кампот: грижа, искреност, почит, одговорност, храброст, креативност и страст
  • Цена: 5500 денари (во цената се вклучени сместување, храна и ужини, превоз до Пелистер, влез во адреналински парк, материјали и групно осигурување; не е вклучен превоз до/од Битола)

Како да се пријавите

  • Ја пополнувате онлајн апликацијата најдоцна до 30 април 2026
  • Избраните кандидатки се покануваат на интервју со член од тимот на кампот
  • Сите пријавени се известуваат за резултатот
  • Родителите/старателите на прифатените учеснички добиваат детални информации, ги доставуваат потребните документи и ја вршат уплатата
  • Се подготвувате за едно искуство што долго се памети!