Последни новости

GLOW клуб 2025: Девојки во подем

Во 2024 година, гордо го вративме клубот GLOW во Битолa по паузата поради пандемијата, повторно обединувајќи и инспирирајќи нова генерација млади девојки преку работилници за лидерство, волонтирање, комуникација и практични вештини. Надоградувајќи се на таа силна основа, 2025 година го носи патувањето понатаму со свежи теми, подлабоко учење и уште повеќе можности за раст.

Во 2025 година се продолжи со одржување на работилници за младите девојки, со фокус на нови непокриени теми од интерес за нив.

Седмата сесија беше на тема емоционална интелигенција, водена од психолозите Билјана Толевска Наумовска и Орхидеја Робевска. Оваа тема ги прошири знаењата на девојките во однос на самата дефиниција, концептите на ЕИ, нејзиното потекло. Следуваше интерактивна вежба на психодрама во која беа вклучени сите девојки преку лични искуства да го споделат и зајакнат своето знаење на темата. Сесијата заврши со многу позитивни впечатоци, како и ветување за поголема работа на себеси.

Осма сесија се одлучивме да биде јога и на наше големо задоволство, поголем број од девојките немаа вакво искуство и за првпат се среќаваа со овој тип на активност корисна за нивниот развој. Јога инструктор ни беше Бојана Артиновска, која несебично го сподели своето знаење, два часа вовед во јогата со конкретни вежби, кои подоцна одлучивме да се применат и во нашиот иден GLOW камп. Јогата ги размрда нашите девојки и ги подготви и во своите домови да продолжат да ја применуваат и понатаму, доколку им се допаѓа.

Деветта сесија која беше посветена на социјално претприемништво, водена од долгогодишен искусен социјален иноватор, Анита  Гаговска беше нешто ново како тема, дотогаш не искусено од страна на нашите девојки. Преку неколку игри на запознавање и игри со сценарија се навлезе длабоко во оваа тема каде што секоја од девојките споделуваше предизвици во нејзиното опкружување како и можни иновативни решенија за истите. Целта на GLOW клубот е поголема вклученост на младите девојки во секојдневниот општествен живот, охрабрување да се соочат со предизвиците и вклучување во нивно решавање во реалниот живот.

Овој циклус на GLOW клубот го завршивме со десетта и последна сесија на тема финансиска писменост водена од Џеф Спенсер, волонтер на Мировниот корпус кој со сите нас сподели еден дел од своето богато работно искуство. Во текот на својот живот работел како менаџер, професор, финансиски советник и осигурителен агент. На оваа сесија се покрија голем број на теми за основите на финансиите, добро менаџирање со своите пари, типови на заштеда, долгови, инвестиции во иднината и слично, приспособени на возраста. Девојките имаа можност да добијат нови знаења, да прашаат финансиски советник многу прашања и да добијат одговори од прва рака.

Со овие десет разновидни сесии, посветени на личниот раст и кариерен развој на младите девојки од нашиот град, отворање на нови видици, вклучување во волонтерски акции за поголема вклученост во општеството, поставивме една основа за понатамошно постоење и напредок на овој клуб. Во јуни оваа година се планира и тридневен GLOW камп каде што овие девојки, заедно со нови заинтересирани би го вратиле сјајот на минатогодишните кампови.

Досега, веруваме дека нашиот клуб GLOW имаше позитивно влијание врз девојките кои присуствуваа на нашите сесии. Во десет сесии опфативме широк спектар на теми за да ги едуцираме и подготвиме учесниците за нивните следни чекори во животот. Со нетрпение очекуваме да го продолжиме овој прекрасен проект во есен 2025 година со надежи за негово проширување!

2025 - GLOW (Girls Leading Our World) Club