“Do it for the Youth” – моите впечатоци од проектот
Од Марко Томовски
Овој јуни повторно добив можност да бидам дел од едно прекрасно искуство каде што се стекнав со нови знаења и вештини, открив една сосема нова перспектива за тоа што значи да си младински работник и запознав една прекрасна група амбициозни, искусни и фини луѓе од 7 различни земји.
Проектот „Do it for the Youth“, поддржан од Еразмус+, кој се одржа во гратчето Бустени во прекрасниот планински предел на централна Романија беше одлична можност да се продре во НВО секторот и да се добие една слика како функцонира менаџментот, стратегиското планирање и остварувањето на целите во една невладина органзација. За мене, обуката беше вистинско откровение во однос на тоа што значи да се биде дел од една асоцијација, да се претстави организацијата на нови странски партнери и да се засили релацијата помеѓу младинскиот работник и самата организација, како место каде што настануваат промени. Додека ја претставував ИМКА Битола за време на обуката или во дискусиите со останатите учесници, бев особено горд и благодарен поради можноста да бидам дел од асоцијацијата која носи позитивни промени во нашата заедница.
Програмата на проектот беше толку добра што ме пренесе во иднината за да ги видам новите трендови, проблеми и предизвици со кои ќе се соочат НВО секторот и општеството во целина. Исто така, сесиите во кои имавме групни дискусии и активности за пронаоѓање методи за иновативност, адаптација и самоодржливост на нашите организации беа навистина корисни. Не само што добив нови перспективи за тоа што може да донесе иднината, туку исто така почнав и да размислувам како да постигнеме успех во непредвидливи ситуации. Така, ова искуство доста ми помогна да си ги подобрам личните вештини, како на пример, да воочувам и да реагирам соодветно секојдневни проблеми, да бидам покреативна во пронаоѓањето решенија и да подготам ефективен план за реализирање на плановите.
Се разбира, обуката немаше да биде реализирана без позитивната енергија и ентузијазмот на учесници, но и на обучувачите. Ние стекнавме силни врски и разменивме многу различни идеи, мислења и културни вредности кои ја збогатија нашата личност. Без разлика дали соработував со млади новодојденци во ова поле исто како и мене, или со ветерани со 25 годишна професионална ангажираност во секторот, секогаш беше возбудливо да се слушне различна перспетива и да се работи заедно за да се исполнат целите.
За крај, можам да додадам дека проектот „Do it for the youth“ ги надмина моите очекувања, со тоа што беше совршена комбинација на ново знаење, предизвикувачки активности и средба со неверојатни луѓе.
Телефон
+389 70 59 43 41
+389 72 556 386
Локација
Младински Центар Битола, ул.Крушево,
бр.5, 7000 Битола, С. Македонија
Поштенска адреса
Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42,
7000 Битола, С. Македонија
© Copyright 2026 | ymca.mk | Сите права се заштитени.
Design & Build by IanMcKenzieCreative