Последни новости

Communication Matters: обука и пренос на знаење во три училишта во Битола

Нашата соработка со училиштата е континуирана и конзистентна. Покрај можностите за едукација на деца нудиме и можности за едукација на персонал. Од 10 до 19 ноември 2025 година претставници од стручните служби на три училишта во Битола учествуваа на Еразмус+ обуката Communication Matters во Брно, Чешка која беше наменета за едукатори, младински работници и фасилитатори. Обуката се фокусираше на ненасилна комуникација, метод развиен од Маршал Розенберг чија цел е да помогне да се разликуваат мислењата од потребите на луѓето и да поттикне разбирање и поврзување дури и во ситуации на несогласување.

За време на обуката, учесниците работеа преку теоретски сесии, групни активности, интерактивни вежби и симулации. Учеа како да препознаваат деликатни емоции и да ги разберат потребите зад различните зборови и однесување, како да слушаат емпатично, да комуницираат јасно и да се справуваат со предизвици и тешки ситуации. Овој процес им овозможи да согледаат како изборот на зборови и начинот на комуникација влијаат врз односите и атмосферата во групата. Посебен акцент беше ставен на примена на овие вештини во работа со млади, развивање стратегии за конструктивно решавање конфликти и градење доверба во групата.

Во декември 2025 година, учесниците го пренесоа стекнатото знаење во три училишта во Битола – ООУ „Д-р Трифун Пановски“, ООУ „Елпида Караманди“ и ООУ „Гоце Делчев“. Учениците се вклучија во интерактивни работилници, игри и групни активности кои им овозможија на практичен начин да се запознаат со основите на емпатичното слушање, препознавање на чувства и потреби и јасно изразување на мислењето. Активностите создадоа безбеден простор каде младите можеа да ја испробаат комуникацијата, да учат едни од други и да истражуваат различни перспективи, додека истовремено ја зајакнуваа соработката во групата.

Обуката и активностите во училиштата беа со цел развој на способноста на учесниците да комуницираат внимателно и со разбирање, да препознаваат потреби и да ги поддржуваат младите во создавање поотворена и безбедна средина. Пренесувањето на стекнатите вештини на локално ниво ја потврдува посветеноста на ИМКА кон градење емпатичен, внимателен и поддржувачки простор за млади, со цел нивен развој и активно учество во заедницата.

Овој проект е ко-финансиран од Европската Унија.

Фотографиите од обуката во Брно и активностите во Битола можете да ги погледнете во албумот подолу.