„Wonderful Days“ во Данска 2016 година
Последни новости „Wonderful Days“ во Данска 2016 година Минатата година го посетив GLOW Camp, кој ми даде неверојатно искуство, а оваа година го посетив „Wonderful Days“, фестивалски камп во Данска. Ќе се обидам да го опишам ова искуство, но не сум сигурен дали ќе го направам правилно, бидејќи нема доволно зборови за тоа. Прво останавме во Архус, а потоа отидовме на местото на фестивалот. Деновите во Архус беа неверојатни, како и нивната програма. Имавме предизвик кој ни даде можност да го истражиме тој прекрасен град со групите што тие ги направија. Исто така, сите активности имаа за цел да ни ја покажат важноста на довербата, тимската работа, солидарноста и емпатијата. По Архус отидовме на местото на фестивалот. Тоа беше моето прво кампување (со шатори), па бев навистина возбуден поради тоа. На фестивалот имаме многу концерти, но и забава. Имаше различни шатори како вештини, спорт, музика, див свет, куќа на дрво… Она што најмногу ми се допаѓа во активностите за време на фестивалот беше ноќта кога имавме предизвик како да преживееме или подобро кажано имавме обележан пат, моравме да го следиме и имаше различни предизвици што требаше да ги поминеме. Прекрасните денови се незаборавно искуство – шанса да ја истражите Данска, да запознаете нови луѓе, да стекнете нови пријатели, да пробате нови работи, да видите нови култури. Навистина сум среќен затоа што имав можност да го пробам ова и пред се сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои помогнаа да се организира и направи фестивалот неверојатен.
ИМКА Берлин работен камп 2016 година

Последни новости ИМКА Берлин работен камп 2016 година Од Марија Томевска Во периодот од 19ти Август до 28ти Август во Берлин беше одржан тринационален Работен камп организиран од YMCA на кој учество зедоа млади 25 претставници од Македонија, Германија и Франција. Учесниците беа сместени во уникатниот простор на младинскиот хостел Gaste-Etage кој се наоѓа на улицата Osloer, каде што во текот на кампот дејствуваа како едно големо и сложно семејство, каде секој учесник секојдневно се грижеше за подготовка на храна и одржување на просторот во најдобар ред. Првиот ден започна со меѓусебно запознавање на учесниците од трите држави со помош на интересни игри за запознавање, по што следеа и јазични анимации. Во текот на целиот работен камп, учесниците користеа изнајмени велосипеди со цел побрзо движење низ Берлин и на тој начин поблиску се запознаа со убавините на германската метропола и чувството на слобода која ја носи возењето велосипед. Со велосипедите го посетија аеродромот Tempelhof кој повеќе не е во функција, туку тој сега е претворен во еден голем слободен простор каде жителите и туристите го поминуваат своето слободно време возејќи велосипеди, скејт борди и правење пикник. При посетата на аеродромот тие одблиску се запознаа со концептот на Урбани градини и разгледувајќи ги истите, добија идеи на кој начин да се изврши уредувањето на урбаната градина која требаше да никне во близина на Францускиот центар во Берлин. Учесниците се поделија во две групи од кои првата група беше задолжена за расчистување на депонијата која била наталожена во близина на Францускиот центар во Берлин, а каде што требаше да никне Урбана градина, додека пак втората група извршување активности во работилница каде што креираше мебел и реквизити од дрвени палети и други природни материјали кои потоа треба да се постават во Урбаната градина. Работниот дел се одвиваше секојдневно во траење од 4 часа по што следеа јазични анимации во Францускиот центар. Во текот на слободното време учесниците го посетија Бундестагот, Паркот Mauer, Alexanderplatz, Берлинскиот ѕид, Меморијалниот музеј на евреите, Tiergarten, а еден ден уживаа во пливањето во едно од повеќето езерца во близина на Тегел аеродромот. Особено интересна вечер беше интернационалната вечер каде сите учесници подготвуваа традиционална храна од нивната држава, по што се презентираа специјалитетите и локалните пијалоци, се разменуваа рецепти и се пееја традиционални песни. Последниот ден од кампот беше резервиран за претставување на Урбаната градина која беше успешно изработена од страна на учесниците, а која никна на местото на претходно исчистената депонија во близина на Францускиот центар во Берлин. Беа засадени растенија во големи саксии од страна на сите учесници на кампот, а како завршен настан беше организирана забава, каде се приготвуваше скара, се пиеше германско пиво и беа повикани граѓаните од околните згради да ни се придружат на забавата. По завршувањето на официјалниот дел на кампот, сите учесници го споделија нивното задоволство од успешно организираниот камп и начинот на кој се водеа јазичните анимации, а кои помогнаа во учењето на македонскиот, германскиот и францускиот јазик од страна на сите учесници. Освен што овој камп беше насочен кон учење на трите јазици, големо задоволство ни причини тоа што во текот на деновите трите навидум различни народи, се зближија и одлично соработуваа, што наведува на тоа дека сепак, ние, младите од Европа, не сме толку ралични.
Летен камп за млади лидери кој „дава крилја“ – фантастично искуство за сите

Последни новости Летен камп за млади лидери кој „дава крилја“ – фантастично искуство за сите Од Јовче Крстески Мај 2016, месец на неповторливи моменти, многу нови усвоени знаења и бесценето искуство кое ќе остане во мене засекогаш. Не беше обично патување, туку можност да се пронајдам себеси, да запознаам нови луѓе и нова култура, да си го проширам знаењето, вештините и креативноста, да си ја осознаам суштината и она што ме радува. Всушност, ова волшебно патување беше една ентузијастичка обука за кампови насловена „Empowering Summer Camp Youth Leaders“, или „ESYL“ Обуката се одржа во Холандија, прекрасната зелена рамница богата со лалиња, канали и велосипеди. Љубезноста, учтивоста и дружељубивоста на холанѓаните ја прават земјата уште понеодолива. Во центарот на Холандија се наоѓа малото гратче Leusden и во близина е YMCA кампот, местото каде што се одржа обуката. Кампот беше величествен, сместен во густа шума, еден куп шатори наоколу, од кои некои веќе беа подготвени за нас. Кога стигнавме до нашиот дел од кампот бевме пречекани од група љубезни литванци, полни со позитивна енергија, исто како и ние. Се замуабетивме уште одма. И додека останатите кампери пополека доаѓаа, ние топло ги пречекувавме, исто како што нас не пречекаа литванците. По нас пристигнаа Романија, Холандија, Косово и Молдавија. Со секое наредно доаѓање еуфоријата и возбудата растеа. Разговорот меѓу нас камперите течеше толку добро, што делуваше како да се познаваме цел живот, без непријатни моменти и црвенеење. Сите сакавме да дознаеме нешто повеќе за земјите на останатите учесници, за културата, секојдневието, навиките, храната, традицијата… По малку осеќав и културен шок, со оглед на тоа што луѓето ги познавав само два часа, но сфатив дека запознавањето нови луѓе и карактери всушност ми годи. За време на вечерата сите бевме измешани – во тој момент сфатив дека кампот ќе биде одличен. И навистина беше така! Не само поради запознавањето нови супер луѓе, туку и поради тоа што добив можност да се оспособам за предизвиците кои ми претстојат во иднина. Научив како да бидам добар лидер, оратор, тимски играч, да развијам менаџерски способности, да водам работилници, научив како да се справувам со разни ситуации, си открив нови таленти, стекнав вештини и се мотивирав. Програмата не подучи како да ја изнајдеме вистинската комбинација за успех, за нашиот личен успех. Врските помеѓу нас учесниците се зајакнаа во текот на работилниците. Деновите ни беа исполнати со многу интересни активности и учење, а слободното време го користевме да поиграме пинг-понг или одбојка, на трамболината, во дискутирање различни теми на клупите, за време на вечерата или на пат до шаторите. Сѐ што се случување таму беше прекрасно – од правење склекови ако закасневме, пеење „Cheap thrills“ и „YMCA“, останување касно за да играме игри, до смеење и уживање со луѓе кои не знаат добро англиски, но не ти е важно, сакаш само да се забавуваш. Си легнувавме касно, станувавме рано, но полни со енергија за предвидените активности, за дружење. На заминување не растажија силните прегратки, но исто така бевме среќни бидејќи знаевме дека некогаш ќе се сретнеме повторно… Секоја секунда, секој момент беа магични и за паметење. „ESYL“ не беше само обичен камп; беше едно прекрасно патување. Необично, слатко и јако. 😀