Инспиративно патување и градење врски на Конференцијата за кампови во САД

Од Виктор Илиев Ќе започнам со мојата длабока благодарност до ИМКА на САД за поканата за приклучување на меѓународна група на Конференцијата за кампување во САД. Овој собир ги надмина вообичаените очекувања, понудувајќи извонредно искуство заедно со моите колеги од Косово, Романија, Шпанија, Украина, Аруба, Порторико, Колумбија и Бразил. Пристапот на ИМКА на САД е за пофалба поради тоа што не само што ја прикажаа нивната уникатна камп култура, туку и понуди глобална размена на најдобри практики. Покрај тоа, овој настан додаде и меѓународна перспектива, поттикнувајќи врски преку Атлантикот за подобрување на сите вклучени во развојот на младите преку образование на отворено и кампување. Моето патување започна со еднодневно доцнење поради откажување на летовите, но пристигнав во Омаха, Небраска и ја поминав ноќта во Камп Китаки. Иако ја пропуштив официјалната турнеја во кампот, остатокот од времето во следниот ден ми остави впечаток за кампот Китаки како трансформативно засолниште на отворено, посветено на развојот на младите и искуствено учење. Директорот на кампот, Џејсон, на неодамнешен настан елоквентно ја долови моќта на кампот во видеово, опфаќајќи ја суштината на образованието на отворено. Нашето патување продолжи до Камп Des Moines Y во Ајова, каде што на влезната порта беше испишана објава дека е: „Најблиското место до рајот на Земјата“. Бевме пречекани од директорот на кампот Алекс кој не однесе на турата низ кампот. Овој камп имаше толку многу работи да презентира и толку многу аспекти од логистиката на кампот што речиси ме остави без зборови. Сведочејќи ја обемната историја на кампот, извонредните проекти на Алекс и огромната поддршка од Камп Алумните зборуваат многу за влијанието на овој камп. На нашата следна станица, Камп Данкан лоциран во државата Илиноис чиј домаќин беше еден од нашите неверојатни домаќини директорот на кампот Боби, се чувствував како одење на позната локација. Причината за тоа се долгите разговори на патувањето од една држава во друга, така што активностите и логистиката на кампот ми беа некако испреплетени со чувство на блискост. Неверојатно е да се види, но тој и неколку вработени во кампот живееја на самиот камп. Со живописно езеро и разновидни активности кои ги нуди на отворено, Камп Данкан е доказ за неверојатните искуства што ги нуди. Незаборавното интермецо од активностите на камповите не доведе до центарот на Чикаго кулминирајќи со посета на седиштето на ИМКА во САД. Средбата со посветениот тим предводен од гостопримливата Адријана го зајакна мојот поглед за посветеноста на организацијата кон нејзините основни вредности. До крајот на нашето патување бевме сведоци како таа и нејзините членови на тимот на оваа неверојатна пред-конференциска турнеја не зборуваат само за основните вредности на ИМКА (почит, одговорност, чесност и грижа), туку ги инкорпорираат во нивните сопствени животи и дејствуваат според нив. За случајна организација е лесно да се наведе каква било мисија и визија, но ние не бевме во случајна организација. ИМКА на САД е организација како ниедна друга. Давање на децата можности за одличен почеток. Помагање на семејствата да имаат здрав живот. Инспирирање на заедниците да работат заедно. Тоа е ИМКА. Нашето патување го достигна својот врв во Мичиген во ИМКА до езерото Шерман, каде што беше конференцијата за кампови како главен настан. Конференцијата која беше домаќин на околу 250 професионалци за развој на млади преку кампови на отворено од цела САД и од целиот свет, покажа уникатен спој на поединци во различни фази од нивните кариери. Искуството, знаењето и страста за образование на отворено ги имаше во изобилие на оваа конференција. Со три исклучителни клучни говорници, различни работни сесии од интерес избрани според нашите лични потреби, тркалезни маси, рефлексии, рекреација и можности за вмрежување, конференцијата остави неизбришлива трага врз мене. Морам да признам дека ме воодушеви дарежливата понуда на работни сесии и се мачев за да одлучам што да приоритизирам. Едно нешто што овде е направено на уникатен начин од она на што сум бил навикнат и видел досега е можноста да си креирам приспособен личен распоред на работни сесии. Вака се цени и вреднува времето на луѓето! Една од основните области на влијание на ИМКА на САД е општествената одговорност. Ова не се само два фенси зборови, туку зборови на кои ИМКА им дава суштина преку демонстрација. Дополнително на секоја камп конференција во САД, секоја година има настан за прибирање средства за одредена избрана кауза која ги добива сите собрани средства. Овогодинешнава камп конференција ги поддржа тековните напори на ИМКА од Мауи за возобнова на заедницата по неодамнешните разорни пожари. Бев изненаден што ја искусив културата на филантропија и општествена одговорност преку „тивка аукција“ и аукција во живо каде што луѓето донираат предмети од нивната ИМКА или земја како што се брендирани материјали, маици, производи или уметнички дела од детски кампови итн. и луѓето наддаваат со најдобри понуди. Филантропија и забава во исто време. И најдобриот дел на крајот – конференцијата беше поддржана од многу корпоративни донатори. Кога луѓето се залагаат и придонесуваат за некоја кауза, вие создавате заедница. Имаме многу да научиме од ова! И колку преубав начин да го завршиме нашето патување со посета на нашиот љубезен домаќин Томас кој заедно со посветениот тим во ИМКА Флинт срдечно ме пречекаа. Ја разгледавме ИМКА и нивните програми и разговаравме за нивните најдобри практики, можностите што ги нудат за тие да бидат вистинска организација во заедницата каде што луѓето чувствуваат дека припаѓаат. Последната станица беше во кампот на ИМКА Копнеконик каде и покрај снежното и студено време ни понуди посебна камп турнеја и попладневна рефлексија за нашите колективни искуства. Нашата група помина растојание од 1180 km, приближно растојание од Битола до Виена. Ги упатувам моите најдобри желби на сите сопатници во спроведувањето на овие вредни сознанија стекнати за време на ова извонредно патување.

Впечатоци од учесници од програмата за дигитално образование на ИМКА и ХП

Марта Јас сум Марта од Крушево, a моментално учам во средното медицинско училиште во Битола. Курсевите ги дознав преку пријателка од ИМКА, преку постови на Фејсбук и Инстаграм. Посетив пет курсеви и во иднина планирам да посетам сигурно уште неколку. Курсевите се интересни за следење, задржуваат внимание, а атмосферата во Mладинскиот Центар е хармонична и пријатна. Овие курсеви кои досега ги следев и искуството кое го стекнав од нив планирам да ги искористам за лична кариера и развој, и секако би споделила на мои пријатели и познаници за бенефитите од истите. Антим Јас сум Антим Атанасоски, 18 годишен од Битола. Ми беше чест да посетам четири курсеви направени од HP, а имплементирани во соработка со ИМКА. Еден од курсевите кои најмногу ми се допадна е социјално претприемништво кој беше многу практичен и информативен, за разлика од другите курсеви од овој тип кои сум ги посетил на интернет. Наученото од курсот може да се користи практично секој ден од животот. Секако дека планирам да посетам и други курсеви во иднина, затоа што верувам дека од секој курс има многу да се научи. Љупчо Прво сакам да кажам дека дигиталното образование не е само учење нови вештини, тоа е најбитно за развојот на начинот на размислување за раст и прифаќање на континуирано подобрување. Јас сум Љупчо од Битола, за курсевите дознав преку ИМКА во која сум волонтер и имам учествувано на многу настани и работилници организирани од нивна страна. Само што ја видов апликацијата на социјалните мрежи веднаш се пријавив без да размислувам дали тоа ќе биде интересно или дали ќе ми биде од полза и искрено да ви кажам не направив грешка! Посетив пет различни курсеви од категориите комуникации и маркетинг како најсоодветни теми за мене. Сметам дека секој млад човек треба да ги изучи овие курсеви кои многу ќе му користат во животот, во секојдневието и во потрагата по работа. Моментално работам во странство, но по моето враќање во Битола повторно ќе се пријавам за курсевите, особено за темата иновации. ИМКА и HP ви благодарам за оваа можност што ми ја пруживте, се гледаме за скоро време повторно! Елена Да си вработен и да бидеш истовремено родител е многу потешко отколку што изгледа, јас сум Елена Иванов 28 години, од Битола. Во Младинската Асоцијација ИМКА сум неколку години, со кратки паузи. Мојата работна позиција е офис менаџер. Изминатите години работевме на неформално образование и организиравме летни кампови, но после големата пандемија што се случи можам да кажам дека HP курсевите се нaјдоброто нешто што се случи во ИМКА. Покрај секојдневните обврски сепак имав можност да поминам неколку курсеви од темата комуникации, затоа што тоа е она што најмногу ме привлекува и би сакала да споделам со вас дека курсевите за бизнис е-маил и бизнис комуникација се курсевите кои морате да ги посетите. Тие не се долги максималното време што ќе треба да го одвоите е 1 час.  Би била многу среќна ако се одлучите и вие да ги посетувате овие курсеви на HP Life програмата и секако сакам да се заблагодарам на HP и на ИМКА за оваа одлична можност на бесплатни курсеви во нашиот град. Филип Здраво, јас сум Филип Божиновски и имам 17 години. Сакам да кажам дека ги завршив сите курсеви од проектот HP Life и можам да кажам дека сум прилично задоволен. За курсевите на HP Life дознав од моето училиште СОУ Гимназија ,,Јосип Броз – Тито” – Битола. Преку овие курсеви, се стекнав со прилично корисни и добри вештини во кои што се пронаоѓам себеси во иднина. Мојата желба е понатаму да студирам на факултет чија задача e да не запознава со вештините кои ја користат технологијата и му помагаат на човештвото. Курсевите се лесни, кратки, потполно онлајн и пред се, бесплатни. Јас лично би му ги препорачал на сите мои пријатели и познаници овие курсеви како почеток за стекнување на корисни компјутерски вештини кои можат да му помогнат на сите, пред се и на млади личности кои се заинтересирани за да основаат свој бизнис или пак да ги надградат своите компјутерски вештини. Во моментов, го завршив својот последен курс, а пак како свој омилени можи да ги издвојам курсевите за комуникација, како и курсот победнички мајндсет. Му благодарам на ИМКА и HP бидејќи пружаат услови за брз начин на изучување на корисни вештини. Јана Од моето досегашно искуство знам само дека дигиталното образование ми отвора свет на можности. Се викам Јана, доаѓам од Битола, а живеам и студирам во Франција. Имам доста напорен распоред и многу сум среќна што во моментот сум баш на вистинското место каде што имам пристап до висококвалитетни курсеви кои ми помагаат да бидам во тек со најновите трендови во мојата индустрија 3Д принтинг, сето тоа благодарение на ИМКА и HP курсевите. Имав можност да одберам дали курсот сакам да го слушам на англиски јазик или на француски и го избрав францускиот затоа што  тој избор е навистина од големо значење за мене. Курсевите се лесно разбирливи, не се долги и најважно од се е тоа што добив и сертификат за успешно завршен курс и сето тоа бесплатно! Дечки се надевам дека ќе успеете да најдете барем еден час во неделата и да го посветите само за вас и ќе се надградувате пред се како личности. ИМКА и HP ви благодарам за можноста што ми ја пруживте, се гледаме повторно тоа е сигурно! Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект

Впечатоци од дел учесници на еко камп SDG#13

Миа Научивме нови работи за животната средина и несомнено станавме помотивирани за да ја зачуваме истата, барем на локално ниво. Сигурна сум дека би присуствувала повторно на ваков тип настан. Сметам дека темата е опширна и има прилично многу за дискусија, а фактот дека истото можам да го правам со луѓе со сличен ментален склоп како мојот ме привлекува уште повеќе. Ана Самиот збор Еко(логија) многу ме влечи и сметам дека воопшто не сме одговорни за нашата околина доволно. Посакувам тоа да се промени и сум свесна дека почетната точка за тоа секогаш сум самата јас. Не треба да им кажуваме на другите што да прават, туку да нé гледаат ние што правиме и на тој начин да се мотивираат. Симона Еко кампот директно не вклучи во организација на наш отворен ден на кој се играа разни игри и се научија многу корисни информации за велосипедите и велосипедистите, како и заштитата на нашата животна средина со користење на велосипеди. Неколку денови низ игри учевме, а последниот ден тоа го пренесовме на децата како и на возрасните граѓани кои не посетија во градскиот парк. Играта се преточи во една преубава глетка на “БитолаНаТочак” со што завртиме еден голем круг околу нашиот град со велосипеди придружени од сите љубители на “точакот”. Сара Научив многу нешта, најпрво целите за одржлив развој за кои искрено немав обрнато особено внимание. Заедничките едукативни игри би ги издвоила како најзабавни и истите би ги применила понатаму во некоја дружба професионално или приватно. Ангела Најмногу впечаток ми остави последни од ден каде што успешно организиравме настан за деца пропратен со интересни игри поврзани со екологијата, зачувување на природата, возење велосипед. Сето тоа покрај забава и насмевка на детските лица, им пружи можност и за дознавање интересни факти поврзани со екологијата. За крај, со сигурност можам да кажам дека научив многу и овој камп ме поттикна да размислувам подлабоко за зачувување на нашата планета. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект

Моето искуство од една година во Холандија со ЕСК (Европскиот Солидарен Корпус)

Од Јован Лешев Ако сте учествувале на каков било вид на волонтерска работа во кое било својство неизбежно сте прашани како или зошто би работеле платена работа без да бидете платени. Никогаш не е лесно да се објасни зошто или како некој одлучува да помине една година во странска земја за да служи како волонтер. Позитивните искуства, луѓето што ги запознав и предизвиците што морав да ги надминам додека живеев и служев како ЕСК волонтер во Холандија беа повеќе од доволна причина зошто сакам да ја споделам мојата приказна. Кога бев избран како волонтер од Rock Solid Foundation да служам во нивниот социјален ресторан Аан Тафел бев многу возбуден. Тоа беше една од моите долгогодишни желби да живеам во странство и ова беше совршена можност да го направам токму тоа. Aan Tafel е социјален ресторан во малото гратче Лунтерен управуван целосно од волонтери и со персонал од лица со посебни потреби. Работејќи во угостителството неколку години мислев дека ова ќе биде еден од најлесните предизвици со кои се соочив, но реалноста се покажа поинаква. Никогаш не сум делел работен простор со луѓе со посебни потреби. Иако моето време беше исполнето со предизвици сепак искуството таму ме научи на трпение, сочувство и солидарност – квалитети што треба да ги поседува секое човечко суштество ако сакаме да живееме во подобар свет. Моето време во Лунтерен и во Аан Тафел резултираше со можности да учам, да се усовршувам и да развијам вештини кои никогаш не мислев дека ми се потребни. Покрај тоа, имав одлични можности за средби, работа заедно и негување односи со луѓе од целиот свет, со различни возрасни групи и културни позадини, притоа помагајќи ми да разберам колку неверојатно слични сме сите кога станува збор за нашите основни вредности. Моето долгорочно волонтирање не беше ограничено само на работа во ресторанот. Фондацијата Рок Солид ни обезбеди мене и на моите колеги волонтери можности да направиме значајна волонтерска работа на голем број други проекти, како што се собирање храна и облека за луѓето на кои им е потребна и организирање креативни работилници за стари лица и лица со посебни потреби. Попатно учествував во разни други активности што ги правеа во кои се запознавме и споделивме искуства со други волонтери во Холандија што резултираше со поголема мрежа на луѓе и создавање на уште повеќе пријателства на патот. Меѓутоа, тоа не беше само работа и учење. Во текот на една година што ја поминав како волонтер морав да се научам да живеам во култура која е сосема различна од мојата, да патувам, да научам нов јазик и да посетувам места што никогаш претходно не сум ги видел. Дури добив шанса да се приклучам на локален хор и да создадам уште повеќе позитивни искуства за себе. Така што ако некој млад човек бара шанса да направи нешто значајно и да создаде прекрасни нови искуства додека живее во странство и запознава луѓе од целиот свет, ова е совршена можност за вас. Не двоумете се да волонтирате, без разлика дали тоа е вашето време, вашето знаење или понекогаш само вашиот позитивен став. Во социјалниот ресторан Аан Тафел во Лунтерен на ѕидот на трпезаријата виси цитат: „Кога имате повеќе отколку што ви треба – изгради поголема маса, а не повисока ограда.

„Може и наТочак“: Многу едукативен проект!

Од Ангела Желкова Прекрасно поминавме на оваа младинска размена. Стануваше збор за размена на која во период од една недела дена повеќе од 20 учесници од 4 земји се собраа за да научат нешто повеќе за точаците и еколоѓкото влијание кое го имаат. Настанот се одржа во Битола од 3-ти до 9-ти октѕомври 2022. Целта на настанот со сите работилници и дискусии беше јасна – секоја акција има своја реакција. Научивме дека точаците може значиелно да придонесат за намалување на загадувањето, дека треба да се грижиме за животната средина затоа што ние сме дел од неа, а исто така и го подобруваат здравјето на човекот. Научивме и дека не мора да одиме секаде со автомобили. Ова беа некои од главните поенти за кои сите ние станавме свесни многу повеќе д претхдно. Имаше многу дискусија, забава и креативни активности во врска со темата точаци, уметност и екологија. За илустрација, цртавме мурали, поправавме точацисите земји имаа можност да се претстават, прошетавме до некои локални културни знаменитости како Хераклеа и сл. Совршен настан за запознавање нови пријатели, предизвикувајќи се себеси и забавувајќи се недела дена. Сè на сè, дефинитивно го поминавме многу убаво. Оваа размена ми помогна да размислувам за моите постапки и да размислувам за улогата на точакот. Мислам дека ќе продолжам да се грижам за се што е поврзано со точакот во иднина во мојот живот.

Еразмус+ младинска размена „Може и наТочак“: Нашите нови перспективи

Од Станислав Крастев Навистина ми се допадна проектот! Искуството што го имав и работите што ги научив овде во Битола беа најповеќе за програмата Еразмус и за младинските размени. Навистина научив многу. Но, ова се однесува и за темата велосипедизам. Научив како се нарекуваат различни делови од велосипедот на различни јазици, научив како да сликам мурали и исто така да поправам велосипеди. Последен пат кога возев велосипед пред овој проект, беше пред околу 2 години. И сега, размислувам да купам нов велосипед и да го користам за градски превоз. Сигурно ќе им ја препорачам програмата Еразмус на моите пријатели и соученици! Од Малена Велинова Искуството што го имав со овој проект беше исто така неверојатно. Запознав неверојатни и полни со живот луѓе и научив многу од нив за велосипедите и за младинската размена воопшто. Научив многу за ова и од организаторите на оваа размена. Пред да дојдам овде, не знаев многу за велосипедите и нивната важност, но сега е поинаку. Знам многу повеќе, за типовите на велосипеди, за што се користат, како се корисни за околината и многу други работи. Подготвен сум сега да го „изградам“ мојот живот и да преземам поодговорна улога кон мојот град во кој живеам!

Глобална недела на миротворци

 Од Македонската група на учесници И ова лето околу 50-ина млади луѓе се собраа во Осло, Норвешка во рамките на PEACEMAKERS GLOBAL WEEK 2022. Тоа беше една недела дискусии, учење, акција и интересни состаноци на разни прашања околу глобалните светски трендови кои ги засегаат и младите. Со учесници од повеќе земји, „Глобалната Недела“ е настан каде што се добива чувство за тоа колку е мал светот и каде што се гради космополитскиот дух. Овој настан претставува прилика за подобро разбирање и на тоа како функционираат младите од разни делови од светот и како размислуваат за важните светски прашања поврзани со толеранцијата, правдата и мирот.  „Глобалната Недела“ се одвиваше во периодот 11-17 Јули во Осло под покровителство на Глобал ИМКА-ИВКА на Норвешка. Имаше учесници од 3 континенти, а ние бевме четворица од Македонија, Марина, Андреј, Теа и Бојан. Ангажманите за време на целиот настан содржеа разни игри низ кои се запознававме меѓу себе и нашите култури. За многу брзо време сфативме дека иако доаѓаме од различни земји, сите сме со различни карактери, сите потекнуваме од различна верска и национална припадност, сите ние потекнуваме од различни култури, сфативме дека не спојува едно нешто: нашата волја да научиме нешто повеќе и нашата желба за подобро утре на сите нас. Темите на кои работевме беа поврзани со дискриминација, насилство, стереотипи и предрасуди кон младите од туѓите средини, расизам и расна дискриминација, етнички стереотипи и сегрегација, предрасуди и дискриминација кон бегалците и имигрантите, како и малку за глобалното затоплување. Покрај сериозниот дел, имаше секако и интеркултурната вечер во која ги претставивме нашите земји и култури преку нашата традиционална храна и по некој збор повеќе за нашата држава. Имавме бескрајно забавни и незаборавни поминати денови. Од Норвешка заминавме полни со емоции, створени пријателства и конекции за цел живот. Сите ние патешествието до Осло го завршивме со нови искуства, научени работи, пријателства, спомени кои секогаш ќе ги носиме во нашиот куфер наречен живот.

Синерџи тренинг во Равногор

Од Петар Кузмановски и Виктор Зафировски Од 1-8 јуни во Равногор, Бугарија беше одржан синерџи тренинг организиран од тимот на Синерџи Бугарија кој спроведува вакви тренинзи за личен раст и развој. Тренингот беше воден од страна на Маркос и Јулија, лидерите на Синерџи Бугарија и беше со наслов ‘Charge your future” или во превод „Наполни ја својата иднина“ како кога полниш батерија на полнач. На тренингот присуствуваа 23 млади луѓе кои сакаа да научат нешто повеќе за себе си. Содржината беше фокусирана кон постигнување на личен развој преку серија на специфични вежби на отворено и затворено кои ги предизвикуваа нашите лични граници. Со тоа обучувачите се обидуваа да постигнеме нов вид на наша лична интеграција, на нашите квалитети и вештини кои сакаме да ги подобреме за да имаме поздрава и поисполнета иднина. На настанот учествуваавме учесници од повеќе земји како Шпанија, Италија, Литванија, Грција, Бугарија и Романија. Тоа допринесуваше и за интернационалниот момент во групата, бидејки имаше учесници од земји со кои никогаш не сум бил во контакт. Од Македонија учествуваме само двајца учесници, јас и Виктор и целокупното искуство беше многу интересно и предизвикувачки. Посебно делот кој се однесуваше на активностите на отворено, како што беше делот кога буквално бевме пуштени да се снаоѓаме сами во блиската околина околу Равногор и како синерџи тренингот не тера да ги сфаќаме идите за „креативност“ на нов начин и тоа да биде применливо во решавањето на проблемите во кои бевме втурнати. Мислам дека сите учесниците беа навистина вклучени во се, и дека искористија доста од искуствата за да почнат да размислуваат како може во иднина да си направат промени во својот живот кои ќе се чувствуваат секогаш наполнети со енергија. Мало видео од тренингот може да видите тука. Фотографии тука.

Зајакнување на младинските лидери во летните кампови (ЕСИЛ)

Од Кристина Талевска По кратка пауза, овој Мај продолжиja ЕСИЛ обуките за камп лидери во ИМКА. Повторно во Холандија како и минатите пати лидерите од неколку ИМКА организации од цела Европа, се собраа за да учат за кампувањето, правилата на кампот, игрите во кампот и другите активности релевантни за нив како идни лидери. Овој настан беше едно незаборавно искуство кое засекогаш ќе остане во нашите сеќавања. За нас тоа беше огромна можност да научиме нови работи, да запознаеме нови луѓе и нова земја, да ги прошириме нашите знаења, вештини и креативност. После неопходните одложувања на овој камп заради пандемиската ситуација, целиот овој настан беше едно големо освежување и враќање во реалноста. Овој камп се случи во близина на малото гратче по име Леусден и е дел од големата мрежа на ИМКА кампови во Холандија. Учествувавме повеќе земји како Романија, Македонија, Шведска, Финска, Италија, Шпанија секако и домаќините од Холандија во последната недела помеѓу 25 и 29 Мај. За кратко време од кога стигнавме сите се поврзавме и не помина долго пред да започнеме да разговараме меѓу нас како да се познаваме со години, без незгодни моменти, без срамежливост, без интровертност. Сите покажуваа искрен интерес за земјата од која што доаѓаат другите, културата, секојдневниот живот, навиките, храната, традициите. Дали беше тоа заради ефектите после пандемискиот бран не знаеме, но секако беше добро да се почувствува човечката топлина и заедништво како и претходно. Бидејќи на овој камп се подготвуваме и се потсетувавме како е да се работи со други луѓе, важни теми кои ги поминавме беа лидерството, да бидеш добар комуникатор, тимски играч, што значи да си координатор на волонтери, да креираш работилници и да се чувствуваш спонтано низ цел тој процес. Ние тројцата од Македонија, јас, Дарко и Андреј поминавме низ програма која ни помогна да се вратиме на старите добри проверени камперски рутини и да добиеме нова сила за понатаму. Дел од нашите искуства можете да ги видите овде.