Последни новости

Campacity – Патување исполнето со учење, поврзување и инспирација

Во периодот од 27 до 31 март 2025 година, двајца претставници од ИМКА имаа извонредна можност да учествуваат на Campacity 2025 – конференција за градење капацитети на YMCA кампови од Европа и САД. Оваа година, настанот се одржа во Перспектив Фабрик, прекрасен камп лоциран близу градот Бранденбург ан дер Хавел, западно од Берлин, Германија.

Campacity е годишна конференција која секоја година се организира во различна земја, во заедничка реализација на ИМКА Европа, ИМКА САД и оваа година и ИМКА Германија како домаќин. Конференцијата собра околу 80 камп професионалци и младински работници од двата континента со цел размена на знаење, споделување искуства и зајакнување на глобалното ИМКА камп движење.

Конференцијата е фокусирана на унапредување на камп програмите на ИМКА со иновативни пристапи и содржини кои се насочени кон развој на животни вештини, ментално здравје, справување со конфликти, психо-социјална поддршка, работа со бегалци и сл. Таа овозможува и простор за регионално и меѓународно вмрежување и соработка меѓу лидери од камп заедницата.

 

Нашето искуство

Поминавме четири незаборавни дена исполнети со работилници, камп сесии и неформално вмрежување. Секој ден нудеше две паралелни агенди со сесии со различни теми што ни овозможи како тим да посетиме повеќе содржини и потоа да ги споделиме научените работи.

Вечерите беа резервирани за активности со камперски оган, забавни игри и дружење што создаде опуштена и пријателска атмосфера и придонесе кон блискост меѓу учесниците и надвор од формалната програма.

Се вративме во Битола збогатени со ново знаење, важни контакти и обновена мотивација да ги направиме нашите кампови поотворени, поддржувачки и значајни за секој млад човек што ќе ни се приклучи.

 

Што им се допадна на учесниците

„Споделивме искуства и добри практики и учевме едни од други.“ — Клаудија
„Чувствувам инспирација да ги поврзувам заедниците и да понудам незаборавни камп искуства.“ — Дана
 „Учевме за градење камп култура… како енергетска состојка.“ — Ана
 „Енергијата, радоста, камп атмосферата… токму како што отсекогаш сум сонувал.“

2025 - Campacity