Последни новости

ИМКА Берлин работен камп 2016 година

Од Марија Томевска

Во периодот од 19ти Август до 28ти Август во Берлин беше одржан тринационален Работен камп организиран од YMCA на кој учество зедоа млади 25 претставници од Македонија, Германија и Франција.

Учесниците беа сместени во уникатниот простор на младинскиот хостел Gaste-Etage кој се наоѓа на улицата Osloer, каде што во текот на кампот дејствуваа како едно големо и сложно семејство, каде секој учесник секојдневно се грижеше за подготовка на храна и одржување на просторот во најдобар ред. Првиот ден започна со меѓусебно запознавање на учесниците од трите држави со помош на интересни игри за запознавање, по што следеа и јазични анимации.

Во текот на целиот работен камп, учесниците користеа изнајмени велосипеди со цел побрзо движење низ Берлин и на тој начин поблиску се запознаа со убавините на германската метропола и чувството на слобода која ја носи возењето велосипед. Со велосипедите го посетија аеродромот Tempelhof кој повеќе не е во функција, туку тој сега е претворен во еден голем слободен простор каде жителите и туристите го поминуваат своето слободно време возејќи велосипеди, скејт борди и правење пикник. При посетата на аеродромот тие одблиску се запознаа со концептот на Урбани градини и разгледувајќи ги истите, добија идеи на кој начин да се изврши уредувањето на урбаната градина која требаше да никне во близина на Францускиот центар во Берлин.

Учесниците се поделија во две групи од кои првата група беше задолжена за расчистување на депонијата која била наталожена во близина на Францускиот центар во Берлин, а каде што требаше да никне Урбана градина, додека пак втората група извршување активности во работилница каде што креираше мебел и реквизити од дрвени палети и други природни материјали кои потоа треба да се постават во Урбаната градина. Работниот дел се одвиваше секојдневно во траење од 4 часа по што следеа јазични анимации во Францускиот центар.

Во текот на слободното време учесниците го посетија Бундестагот, Паркот Mauer, Alexanderplatz, Берлинскиот ѕид, Меморијалниот музеј на евреите, Tiergarten, а еден ден уживаа во пливањето во едно од повеќето езерца во близина на Тегел аеродромот.

Особено интересна вечер беше интернационалната вечер каде сите учесници подготвуваа традиционална храна од нивната држава, по што се презентираа специјалитетите и локалните пијалоци, се разменуваа рецепти и се пееја традиционални песни.

Последниот ден од кампот беше резервиран за претставување на Урбаната градина која беше успешно изработена од страна на учесниците, а која никна на местото на претходно исчистената депонија во близина на Францускиот центар во Берлин. Беа засадени растенија во големи саксии од страна на сите учесници на кампот, а како завршен настан беше организирана забава, каде се приготвуваше скара, се пиеше германско пиво и беа повикани граѓаните од околните згради да ни се придружат на забавата.

По завршувањето на официјалниот дел на кампот, сите учесници го споделија нивното задоволство од успешно организираниот камп и начинот на кој се водеа јазичните анимации, а кои помогнаа во учењето на македонскиот, германскиот и францускиот јазик од страна на сите учесници. Освен што овој камп беше насочен кон учење на трите јазици, големо задоволство ни причини тоа што во текот на деновите трите навидум различни народи, се зближија и одлично соработуваа, што наведува на тоа дека сепак, ние, младите од Европа, не сме толку ралични.