Форум за филантропија 2024: филантропијата како двигател на одржливиот развој

Имавме можност да земеме учество на овој убав и инспиративен настан во кој разни чинители се обединуваат со цел заедничко соочување со предизвиците на денешнината.
На форумот на кој учествуваа учесници од Албанија, Косово, Македонија, Сингапур, Србија и Хрватска и над 80 учесници од институции, бизниси, граѓански организации и медиуми беше истакнато дека филантропските напори играат клучна улога во унапредувањето и градењето на поправеден и одржлив свет за сите.
На форумот се споделија најдобрите практики од Балканот и пошироко. Филантропијата е делување што создава повеќе можности, партнерства и нови модели на засилена соработка што поттикнуваат раст на патот кон одржливиот развој. Една од насоките за делување која се истакна е дека треба да се работи на унапредување на стратешката филантропија, а не само на ад-хок иницијативи и давање поддршка во итни ситуации. На овој настан „Конект“ ги претстави и можностите на новата платформа за групно донирање „Оп-оп“ што на донаторите им овозможува обмислено донирање во вредни непрофитни организации што проверено прават големи промени. На 6 граѓански организации кои поминале низ процесот на проверка на високи меѓународни стандарди им беше доделен и сертификатот „Ознака за доверба“ и истите се препорачуваат на донаторите за поддршка.
Дон Кармин, директорка на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, истакна дека УСАИД верува дека филантропијата може да биде двигател на одржлив раст. Носители на врвни извршни позиции на домашните компании, членки на Клубот на одговорни бизниси на „Конект“ истакнаа дека здружувањето на компаниите во оваа иницијатива за одржливост ќе го засили нивното позитивно влијание врз општеството во соработка со граѓанскиот сектор. Панел дискусијата на медиумите ја истакна потребата добрите филантропски пракси да котираат повисоко во темите кои се во фокус на уредничките политики негувајќи национална култура на доброчинство.
Овој настан е дел од проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од „Конект“ во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ECNL), Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.