Еден од најважните елементи на проектот е самата врсничката школа преку која е планирано да се направи значајно голем опфат на темата ментално здравје.
Во втората половина на септември и октомври работевме на анимирање на образовните установи Битола со фокус на основните и средните училишта, како и факултетите. Исто така во овој период работевме на промовирање на отворените повици за проектов и регрутирање на основци, средношколци и студенти кои се мотивирани повеќе да научат за менталното здравје за себе и за своите врсници во поглед на препознавање на одредени состојби, но и како да се постапува во истите со цел да си помогнат себеси и на врсниците од околината.
Завршивме со оваа фаза и време е за акција!
Денешниов настан беше токму тоа. Се собравме сите врснички едукатори, психолози, педагози и др. Од стручните служби на училиштата со цел обележување на почетокот на проектот проследено со интересна програма. Настанот ги воведе учесниците во предвидените активности и динамиката за следниот период до крајот на школската година. Се направи распределба на врсничките едукатори врз основа на возраст/генерација и смена на училиште со цел подобро планирање на претстојните обуки во насока да нема пропуштање и пореметување во редовната настава на училиштата и учениците.
Формиравме пет групи врснички едукатори од кои две со основци, две со средношколци и една со студенти. Групите имаа серија задачи низ кои требаше да поминат и притоа да се запознаат со темата, да се запознаат со своите врсници со кои ќе работат во следниот период, да си ги изградат идентитетот на групата и да го одговорат воведното истражување во темата со цел согледување на почетната состојба за нив на темата ментално здравје.
Исто така, ги продискутиравме воспоставените канали на комуникација за следниот период и сите формалности кои се потребни за непречено одвивање на претстојните обуки. Обуките ќе се засноваат на принципите на неформално образование и ќе се одвиваат во општинскиот Младински Центар во Битола до крајот на Февруари следната година. Врсничките едукатори ќе учат и ќе разговараат со нивните врсници за менталното здравје покривајќи теми како што се: анксиозност и депресија, ризично однесување, што значи – насилно однесување/врсничко насилство, самоповредување и злоупотреба на супстанции, градење издржливост и самодоверба кај децата и младите и дигиталното претставување на исти теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи. Проектот предвидува следна фаза во второто училишно полугодие каде што овие врснички едукатори ќе спроведуваат работилници за едукација на своите врсници во нивните училишта и факултети и ќе го споделат стекнатото знаење со крајните корисници/нивните врсници во неформален амбиент.
Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Амос.
Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект