За време на нашите досегашни активности се одржаа четири работилници за ученици, една за образованите асистенти во училиштата кои се вклучени и една за стручните психолошко – педагошки служби.

На четирите работилници учествуваа 12 ученици кои беа спремани да ја преземат улогата на врснички едукатори на темата недискриминација на лица со попреченост. Темите кои ги поминаа на првата работилница беа општи и ги адресираа општите човекови права и посебно детските права. Втората работилница беше за поимот дискриминација и навиките кои се причина за оваа појава, како што се предрасудите и стереотипите. На крајот се зборуваше за начинот на кој дискриминацијата се надминува, а тоа е толеранција. На третата работилница се обработија темите за попреченоста и дискриминација на лицата со попреченост, а учениците ги подготвија и своите првични нацрт идеи за тоа како ќе ја изведат врсничката едукација наменета за своите соученици. Во последната работилница се зборуваше за видовите на насилство и за заштитата од дискриминација. Исто така идеите за презентации на учениците кои се продлабочија со помош на инструкторите при што им се даде можност и креативна слобода на учениците да го изразат материјалот кој што го спремиле најдобро што можат согласно сопствените можности. Со тоа се затвори малиот циклус обуки наменети за учениците и следуваше

Работилница наменета за образовните асистенти кои работат во училиштата со лица со попреченост. Со оглед на моменталната реформа во нашиот образовен систем каде се воведува поголема инклузивност на овие лица во образовниот процес, оваа обука наиде на голем интерес кај образовните асистенти. Беа покренати многу прашања и асистентите ја искористија приликата да ги изразат своите ставови, мислења и согледувања за разните процеси кои се случуваат во образованието особено во делот на нивниот работен ангажман во училиштата. На работилницата со нив се поминаа истите теми како и со учениците но во позбиена форма и на повисоко ниво.

Оваа недела се одржа и последната од предвидените шест работилници. Таа беше наменета за стручните служби на училиштата во Битола и ги покри темите за законските регулативи поврзани со заштита од дискриминација на лицата со попреченост. Стручните служби имаа можност да се запознаат со овие законски регулативи низ презентација која за нив ја одржа претставник од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација (КСЗД). После посочувањето на законските уредби беше прикажана и студија на случај каде КСЗД постапувале по предмет пријавен кај нив со што стручните служби имаа можност да видат како изгледаат постапките при пријава на дискриминација на лице со попречености и кои се институциите и процедурите кои треба да се следат во целокупната постапка. Со тоа училишните служби имаа можност да се запознаат со последните и најнови измени во законските одредби и постапки поврзани со оваа тематика.

Со проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” ја подигаме свеста за постоењето на дискриминација во сите животни сфери од нашето општество и укажуваме на регулативите кои помагаат таа да се намалува во иднина. Проектот “Стоп за дискриминација на лицата со попреченост” е поддржан преку мали грантови од програмата за антидискриминација на Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС , финансиран од Европската Унија а спроведуван од Порака Нова, во соработка со ИМКА.

Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект